МУЗИКА: Purple Planet Music
Во оваа епизода од Наука за сите подкастот гостинка ни е Билјана Мојсоска. Таа е авторка и дел од нашата иницијатива веќе подолго време. Инаку Биби е доцент по органска хемија и микробиологија на Универзитетот Роскилд во Данска. Со нејзиниот тим работи на синтеза на нови антибиотици. Вели дека сѐ уште крши јазици со данскиот, а во слободно време ужива во сликарството и музиката.
Биби раскажува како ги обучуваат нивните студенти критички да размислуваат, а потоа истите принципи на скептицизам, студиозност и претпазливост ги препорачуваме и на генералната публика преку разни примери и ситуации. Се надеваме дека ќе ви дадеме некои идеи како полесно да препознавате и демистифицирате лажни вести и сензационалистички наслови – „Не верувајте во сѐ што ќе прочитате“ – нека биде мотото на оваа епизода од Наука за сите подкастот.
Содржина | Време |
---|---|
Добредојде и претставување на гостинката. Каде работи и што работи Билјана Мојсоска? Што истражува? | 02:01 |
За „заразноста“ на науката и отсуството на здодевност во истата. Продуктивно искористување на времето за време на ограничувачките мерки за движењето во однос на коронавирус кризата. Како на ограничувањето да се гледа како бенефит? | 04:06 |
Што предава Биби и на кои студенти? За тешкотиите да се употребува научна терминологија на македонски јазик поради тоа што најчесто во науката се употребува англискиот јазик. Како е да се предава на дански јазик и колку е различен од англискиот? За мултидисциплинарниот начин на работа во Роскилд универзитетот во Данска. | 06:09 |
Како студентите на Роскилд универзитетот учат критичко размислување? На какви теми и проекти работат за да ги стекнат таквите вештини? Како Биби и нејзиниот тим ги тренираат студентите да дојдат до вистинскиот одговор? Како тие вештини ќе им користат подоцна во кариерата? | 10:45 |
Како да се дојде до „вистинското“ прашање? Зошто тоа е тешко? Дали ги мотивираат студентите да поставуваат повеќе актуелни и применети прашања или пак ги мотивираат да размислуваат на големи прашања во науката? | 16:00 |
Зошто и како темите стануваат „контроверзни“? Дали навистина има контроверзии во науката? Како луѓето изнаоѓаат решенија за проблеми и како тоа може да се опише психолошки? За илузијата на знаењето. Како да се дојде до вистинскиот одговор? Дали е доволно само да се читаат работи на фејсбук или пак да се гледа телевизија? Што е битно да се дојде до правилен заклучок и вистински одговор? | 18:52 |
Зошто е битна проверката на оригиналните извори на информациите? Што е ефект на „расипан телефон“? Што е целта и интересот на списанијата и како тоа влијае на вистинитоста на информациите? Дали информациите и мислењето од еден извор се доволни за формулирање на став? Зошто е потребно едно прашање да се разгледа од различните аспекти? Кој е нашиот еволуциски и психолошки мотив да го суспендираме критичкото размислување? „Трејд оф“ помеѓу квалитетот на информацијата и брзината со која се стекнува и соопштува. За лажните и шпекулативни стаии кои се појавуваат на теми од коронавирус епидемијата. | 24:24 |
Компоненти и добри практики за критичко размислување. Зошто е битно да се преведуваат и пишуваат квалитетни и вистинити статии на македонски јазик? Како нашата биологија и психологија го ограничува рационалното, логичкото и критичкото размислување? Зошто е битно постојано да се учат нови работи и континуирано да се образуваш? Зошто е битно постојано да си и самокритичен? Важноста да се биде способен да се каже „не знам“. За бизнис моделите кои промовираат „фаст фуд“ информации и зошто се претендира кон масовност наместо кон вистинитост. Стимулацијата на социјалните мрежи за „лајкови“. | 32:25 |
Што Биби мисли за проблемот со лажните вести? Во што лежи опасноста од лажните вести? Како се манипулираат нашите емоци за брзо ширење на лажните вести и како да се спречи тоа? Уште неколку коментари за илузијата на знаењето и како да се потврди дали нешто навистина нешто знаеш или си во заблуда. За важноста секогаш да се имаат свежи информации. | 42:23 |
Што може да ни каже социјалната психологија за групното размислување (едноумието и заблудите)? За екстремноста на ставовите. За важноста на дискусијата. Што е разликата меѓу искрена дискусија и дебата? Дали дебатите се добар формат за јавниот дискурс? Јавна дијалектика версус јавна дебата. | 50:29 |
Во какви статистички заблуди влегуваат луѓе без знаење од логика и статистика. Како овие заблуди влијаат луѓето да веруваат во погрешни медицински статии и совети? За комплексноста на животот и лековерноста во хомеопатијата. | 55:21 |
Заклучоци, пораки и препораки од Биби кон слушателите за критичкото размислување. Како да се биде „граѓанин истражувач“? Поздрав и одјава. | 59:45 |