Додека ги читате овие реченици, буквите се оцртуваат и отскокнуваат од позадината, нивните линии се остри и прецизни, но ако само за момент ги свртите очите за некој сантиметар понастрана од нив — стануваат замаглени и нечитливи. Впрочем, повторно обрнете внимание на првата реченица од овој параграф додека го читате следново:
Мојот дружељубив коњ со тих галоп фаќа брз џиновски глушец по туѓо ѕитче. [1]
Забележувате дека во отсутво на очен фокус, скоро е невозможно да се прочита што пишува погоре во текстот. Но како окото успева да ја фокусира светлината?
Основната функција на окото е да ја конвертира видливата светлина (со бранова должина 400–700 нанометри) во електричен сигнал кој мозокот го разбира. Тоа го прави со помош на механичките компоненти во окото (рожница, зеница, леќа, цилијарни мускули, итн.), двата вида фоторецептори (прачкасти и конични) и мрежа од неврони кои густо се наредени по должината на мрежницата (слој во задниот дел од окото од каде излегува оптичкиот нерв, односно сноп кој го води визуелниот сигнал кон мозокот; Слика 1).

Светлото кое се рефлектира од предметите во околината патува до транспарентната рожница, влегува во зеницата и поминува низ очната леќа. Овие структури физички го контролираат количеството на светлина кое влегува во окото и истовремено го насочуваат кон мрежницата каде се наоѓаат фоторецепторите. Доколку не би постоеле, неконтролираната светлинска енергија која влегува во окото би била огромна и следствено, бескорисно заслепувачка. Рожницата иако е ригидна, поседува околу 80% рефракторна моќ, додека еластичните леќи — кои се шират и стеснуваат со помош на суптилни т.н. “цилијарни” мускули — се одговорни за 20%. Додека процесот на претворање на светлината во електричен сигнал во фоторецепторите кај здравите очи е стабилен и константен, квалитетот на сликата зависи од механичкиот дел на окото, т.е. ако сликата која се формира врз мрежницата е дефокусирана, мозокот ќе ја интерпретира како замаглена и покрај нејзината успешната конверзија во електричен сигнал.

Слика 2 го прикажува процесот на акомодација или прилагодување на очните леќи. Зраците светлина кои доаѓаат од предмети кои се наоѓаат на поголема одалеченост од 6 метри се помалку или повеќе паралалелни и нормалното, релаксирано око ги фокусира точно врз мрежницата (Слика 2, а). Ако предметот почне да се доближува, фокусот се поместува наназад и сликата која е пресликана на мрежницата е заматена (Слика 2, б). Со помош на еластичните леќи и нивното прилагодување, фокусот повторно се изострува (Слика 2, ц). Рефракторната моќ на очните леќи убаво се гледа и на Слика 3, каде примерок е изолиран и претставен пред мрежеста структура која делува зумирана и зголемена погледната низ самата леќа.

Со текот на стареењето рефракторната моќ на очите се намалува и неодминливо се јавува пресбиопија (старечка далекувидност) поради ослабувањето на цилијарните мускули и природното стврднување на леќите (губат еластичност) што ја намалува нивната способност да ги фокусираат зраците. Но стареењето не е единствениот проблем — многу млади луѓе се принудени да носат очила бидејќи имаат миопија (кратковидност) или хиперопија (далекувидност). Кај миопичните очи фокусот паќа пред мрежницата поради преголемата рефракција на рожницата и леќите (рефракторна миопија) или пак поради неправилната анатомска форма на окото (аксијална миопија; окото е издолжено, мрежницата се наоѓа поназад). Кај хиперопијата фокусот паѓа предалеку, т.е. позади мрежницата и тоа најчесто поради анатомската неправилност каде очното јаболко е пократко од вообичаено. Овие состојби лесно се корегираат со очила или LASIK (laser-assisted in situ keratomileusis) операција во која рожницата ласерски се обработува и оформува (за љубопитните кои сакаат да видат како изгледа LASIK операција, клик тука).
Клучни зборови:
- Рефракција — Прекршување, менување правец на светлината; промена на насоката на зрак светлина под определен агол кога накосо влегува од една средина во друга, како на пр. кога зрак влегува од воздух во вода.
- Акомодација — Промена на формата на леќите, т.е. нивно проширување и стеснување со помош на суптилните цилијарни мускули, процес кој игра важна улога во фокусирањето на предметите од непосредната близина.
- Пресбиопија — Старечка далекувидност; намалување на рефракторната моќ во текот на стареењето поради ослабувањето на цилијарните мускули и стврднувањето на леќите.
- Миопија — Кратковидност; неспособност да се видат јасно предметите во далечина. Се јавува поради тоа што фокусот на зраците се наоѓа пред мрежницата.
- Хиперопија — Далекувидност; неспособност да се видат блиските предмети. Настанува поради тоа што точката на фокусирање се наоѓа позади мрежницата.
- Оваа реченица се нарекува “панграм” затоа што ги содржи сите букви на македонскиот јазик. Непознат автор. ↩
- Goldstein, E. (2014). Sensation and perception. Belmont, CA: Wadsworth, Cengage Learning. ↩
- Rohen, J., Yokochi, C. & Drecoll, E. (2006). Color atlas of anatomy : А photographic study of the human body. Philadelphia Stuttgart: Lippincott Williams & Wilkins Schattauer. ↩