Една изречена мисла на светски познатиот научник Стивен Хокинг вели: „Милиони години човештвото живееше како останатите животни. Тогаш, нешто се случи, нешто што ја ослободи моќта на нашата фантазија. Научивме да говориме и слушаме“ [1]. Говорот е веројатно најважната еволутивна придобивка на човештвото. Впрочем, говорот претставува реализација на јазикот преку вокална форма на комуникација, односно акт на разменување на информации со помош на артикулирани звуци. Иако јазикот е несомнено деликатен термин за дефинирање, сепак, во основата тој е комуникациски систем којшто ги изразува менталните психички процеси на човекот. Во говорот користиме правила кои се застапени во речиси сите јазични семејства, а изненадувачки слични појави, иако не се исти, имаме и во музиката (Табела 1).
Јазик | Музика | |
---|---|---|
Звучни единици | Фонеми | Тонови |
Вокабулар | Букви | Ноти |
Структура | Морфеми, зборови, фрази, реченици, параграфи, текст. | Субмотиви, мотиви, фрази, реченици, периоди, композиција. |
Интерпретација | Зборови или реченици кои имаат исто значење за сите луѓе. | Фрази и реченици кои може да пренесуваат различно значење кај различни луѓе. |
Емпирична поткрепа за сличните аспекти на јазикот и музиката дава истражувањето кое вклучува позитрон емисиона томографија (ПЕТ), односно снимања на ткивата кои емитираат позитрони (позитивно наелектризирани честички) [4]. Учесниците во експериментот (5 мажи и 5 жени) имале за задача да говорат, а потоа и да импровизираат мелодиски линии. Резултатите покажале дека обете, говорните и мелодиските фрази предизвикале речиси идентична активација на неколку региони од мозокот: примарниот моторен кортекс, суплементарната моторна област, базалните ганглии, Брокиното поле, фронталната инсула, примарниот и секундарниот аудитивен кортекс, темпоралниот пол, вентралниот таламус и постериорниот мал мозок (Слика 1).

Сите набројани региони учествуваат во функција на повеќе процеси кои се однесуваат на контролата на мускулните движења во говорот, формирањето на зборовите, слушањето и процесирањето на аудитивните информации, емоциите и сложената моторна координација на движењата. Освен заедничките, на приказот се лоцирани и регионите со различни карактеристики – особено во начинот на процесирање на информативните содржини кај говорот и мелодиите.
И покрај разликите, наодите генерално ги поддржуваат заедничките карактеристики на јазикот и музиката. Очигледно дека нашите мозоци не прават голема структурна разлика меѓу нив, но тоа не значи дека музиката е јазик како останатите, туку навидум јазик со поинаков начин на изразување и значење на информативни содржини.
Термини:
Примарен моторен кортекс – дел од мозокот чија функција е да ги контролира мускулните движењата. Исто така, го контролира и апаратусот за говор.
Суплементарна моторна област – дел од мозокот кој контролира сложени видови на движења.
Базални ганглии – делови од мозокот кои учествуваат во контролирањето на повеќе моторни процеси, меѓу кои и реакциите поврзани со гестикулацијата и мимиките.
Брокино поле – дел од мозокот кој е одговорен за продукцијата на говорот.
Фрoнтална инсула – дел од мозокот која е одговорен за многу негови функции меѓу кои и слушањето звук.
Примарен и секундарен аудитивен кортекс – регион од темпоралниот лобус којшто ги процесира звучните информации.
Темпорален пол – дел од темпоралниот лобус во мозокот којшто е асоциран со контролата на слухот, меморијата и емоциите.
Вентрален таламус – (познат како субталамус) е дел од таламусното јадро чија функција е да пренесува импулси од сензорни и моторни неврони до кората на големиот мозок. Се поврзува со неколку витални процеси како регулирањето на свесноста, сонот и будноста.
Постериорен мал мозок – игра важна улога во сложената моторна координација на движењата.
- Stephen Hawking. Keep Talking. (British Telecom 1993, Pink Floyd 1994). ↩
- Pinker, S. (1997). How the Mind Works. New York: W. W. Norton & Company. ↩
- Honing, H. (2013). Musical Cognition. A Science of Listening. New Brunswick, N.J.: Transaction Publishers. ↩
- Brown, Steven; Martinez, Michael J.; Parsons, Lawrence M. (2006). Music and language side by side in the brain: A PET study of the generation of melodies and sentences. European Journal of Neuroscience, 23(10), 2791–803. doi:10.1111/j.1460-9568.2006.04785.x ↩