Биолошки науки

Кога мрзата е начин на живеење

Ако на планетава има друго животно коешто мрази понеделници – тогаш тоа мора да е мрзливецот. Овие таинствени животни се едни од најкарактерните животни на планетава и не за џабе ги нарекуваме мрзливци – она што ги издвојува од останатите цицачи е нивната еволуирана мрза која всушност е клучна за нивното прилагодување и преживување во средината каде што живеат.

Мрзливците се арбореални цицачи, т. е. цицачи коишто живеат на дрво. Специфично за нив е тоа што поголемиот дел од животот го поминуваат висејќи на некоја гранка надолу, во тропските дождливи шуми на Јужна и Централна Америка.

Една од причините зошто малку знаеме за мрзливците е фактот што тие се ноторно тешки за проучување. Скриени високо во дрвјата, овие мали животни ретко се движат и неретко се покриени со слој на зелени алги кој успешно ги камуфлира меѓу лисјата. Толку се бавни и штедливи во движењето што трошат најмалку енергија од сите други цицачи кои не хибернираат, поточно само 162 килоџули на ден по килограм. Нивниот диетален избор е крајно ограничен и се состои од јадење лисја. Таквиот вид на диета е сосема малку застапен кај цицачите, само 0.2% на глобално ниво се исхрануваат така и не случајно – бидејќи лисјата се ужасно тешки за дигестирање и содржат мал број нутритиенти. Целиот дигестивен процес кај мрзливците трае неверојатно долго – од внесувањето храна па се до излегувањето на изметот – со голема варијабилност може да поминат од два дена до два месеци, со што ги наведува научниците да ги сметаат за едни од најбавните дигестирачи на храна во царството на цицачите.

Фотографија: Sergiodelgado [CC BY-SA 3.0 или GFDL], од Wikimedia Commons

Мрзливците имаат уште трикови како да заштедат енергија. За разлика од телесната температура кај луѓето која изнесува 37 и варира плус/минус 1, мрзливците се способни да ја менуваат и до 5 степени во еден или друг правец. Бидејќи одржувањето на температура блиску до константната 37 степени троши исклучително количество енергија, мрзливците со тоа што поседуваат голем температурен распон, полесно се прилагодуваат на временските услови и успеваат да заштедат енергија. Тие штедат и со тоа што кај нив отсуствува рефлексот на тресење при студ кој исто така троши енергија и наместо тоа, ја користат сончевата енергија со искачување на врвовите од дрвјата за да се стоплат.

Но големата енергетска скржавост доведува до ограничување во нивната брзина и репертоар на движења. Од набљудувањата на нивното однесување може да се заклучи дека мрзливците не се способни да скокаат или да прават други нагли движења. Наместо тоа, тие мирно висат со часови цврсто фатени за некоја гранка надолу и само кога мораат, многу бавно се придвижуваат во посакуваниот правец. Некои научници сметаат дека мирното висење надолу покрај заштеда на енергија, им овозможува подобра камуфлажа на овие флегмички.

Сер Дејвид Атенбороу задева мрзливец.
Но долготрајното висење на гранки бара посебна анатомска и мускулаторна адаптација. Иако мрзливците типично имаат околу 10% помалку мускулна маса од останатите арбореални цицачи, поседуваат посебно мускулно ткиво кое содржи уникатен сет на ензими кои придонесуваат мрзливците да висат долго и покрај високо-акумулираната лактичка киселина во нивните мускули (наречена уште и млечна киселена која е одговорна за заморот во мускулите).

Сепак биолозите имаат уште многу да научат за овие мистериозни животни. Посебно ги буни дефекаторното однесување на мрзливците, односно зошто тие слегуваат од безбедните дрвја на земјата, вршат нужда и го закопуваат изметот. Со која цел – сè уште е нејасно.

Но едно е јасно – овие прекрасни и егзотични животни недвосмислено покажуваат дека и мрзата може да биде успешна форма на еволутивно прилагодување, опстанување и постоење.

Насловна фотографија Christian Mehlführer, Корисник: Chmehl [CC BY 2.5], од Wikimedia Commons

бавен метаболизамбиологијагранкидвижењејужна америкамрзливцислаткицентрална америкаџунгла
Претходен написи
Подземен екосистем кој содржи милијарди организми
Следен напис
Еволуција на музиката: разговор со композиторот Гоце Симоноски [#2]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите