Биолошки науки

Редок генетски синдром открива како модерниот човек еволуирал „попријателско“ лице

Во биологијата сѐ е предмет на еволуција, па дури и човековото лице. Тоа е можеби најважниот дел од телото – преку него се храниме и дишеме, но пред сѐ, лицето е главниот апарат преку кој човекот и останатите социјални видови комуницираат. Лицата на нашите подалечни предци изгледале прилично поразлично од лицето на модерниот човек.

Едно од главните прашања кога нешто се проучува во еволуцијата е како и зошто еден еволуциски процес довел до одреден фенотип (надворешниот изглед или надворешната појава на својствата и белезите кај организмите; види Анимација 1 за тоа колку поразлично изгледале нашите биолошки предци). Во споредба со предците, лицето на Homo sapiens, т. е. лицето на модерниот човек изгледа доста „попријателски“, помалку агресивно и подостапно за социјална интеракција. „Пријателско лице“ во нашиов контекст значи лице кое содржи помалку црти кои се асоцираат со агресија и доминантност, односно лицата со поголеми очи, отсуство на влакна, помал нос, помали и позаоблени заби, смалени уши, помала горна и долна вилица, порамно и помало чело, оддалечени веѓи, итн. Впрочем бебињата и малите деца затоа и изгледаат слатко и безопасно, токму поради тоа што нивните лица ги поседуваат опишаните безопасни лицеви црти. Научниците претпоставуваат дека ваквиот „мирољубив“ тренд се должи на нашето еволуирање во групи и социјални заедници во кои соработката и кроткоста имаат предност пред натпреварувањето и агресивноста.

Анимација 1. Еволуцијата на човековото лице. (АДАПТИРАНО ОД: Mammoth)
Анимација 1. Еволуцијата на човековото лице. (АДАПТИРАНО ОД: Mammoth)

Всушност, трендот на лицата да стануваат побезопасни во текот на еволуцијата е срочен во хипотезата за „само-доместифицирање“, односно во идејата дека нашите предци се повеќе и повеќе (несвесно) селектирале партнери за размножување кои имале „попитомо“, попријателско лице, и тоа им давало опстанувачка предност во се побрзо растечките заедници. Силни докази за ваквата хипотеза доаѓаат од штотуку публикуваната студија во научното списание Science Advances, каде група научници од Шпанија, Италија, Германија и Швајцарија пронашле значајни разлики во однос на генетскиот код одговорен за развојот на лицето помеѓу Homo sapiens и кодот на Неандерталците и Денисовските луѓе, нашите блиски роднини и подвидови на Homo sapiens, кои вкрстено се размножувале со модерниот човек, а сега се истребени, иако добар дел од нивните гени сè уште опстојуваат во нас.

Студијата окрива ген (BAZ1B) којшто е одговорен за дизајнот на лицето во текот на развојот на ембрионот. Користени се клетки од луѓе кои имаат еден многу редок, т.н. Williams-Beuren синдром (Слика 1). Една од главните карактеристики за овој синдром е што ваквите луѓе имаат изразено „пријателско“ лице и однесување. Но за жал, синдромот има и негативни страни затоа што предизвикува срцеви проблеми, потешкотии при исхранување како и задоцнување во развојот.

Слика 1. Детенце со Williams-Beuren синдром. ваквите луѓе имаат изразено „пријателско“ лице и однесување. За жал, синдромот предизвикува и срцеви проблеми, потешкотии при исхранување како и задоцнување во развојот. (ПРАВА: raisingchildren.net.au)
Слика 1. Детенце со Williams-Beuren синдром. ваквите луѓе имаат изразено „пријателско“ лице и однесување. За жал, синдромот предизвикува и срцеви проблеми, потешкотии при исхранување како и задоцнување во развојот. (ПРАВА: raisingchildren.net.au)

Научниците во студијата точно процениле дека шансите да се направи некаков линк помеѓу геномот и развојните белези на лицето, како на пр. големината на коските и забите, најлесно би можеле да се откријат токму во една ваква популација на луѓе. Во насока на потврдување на хипотезата за само-доместификација, во истата студија научниците ја споредиле ДНК-та на модерните луѓе и генетскиот код на Неандерталците и Денисовските луѓе во релевантниот дел и дошле до заклучок дека поблагите форми на лицето кај модерниот човек се должат на помалата изразеност токму на овој ген кој е позастапен кај архаичните луѓе и кој им ги дава оние специфични широки вилици и јаболчници, широк и месест нос, косо чело, споени веѓи, итн.

Значајноста на ваквите откритија е огромна. Проучувањето геноми во контекст на еволутивниот развој, вклучувајќи популации со одредени синдроми, допринесува повеќеслојно во фондот на знаење – го проучуваме нашето биолошко и еволутивно минато, откриваме специфично знаење за развојните синдромите со цел да ги ублажиме и лекуваме, како и стекнуваме знаење за психолошката и социјална адаптација на модерниот човек.

Претходен напис
ВИ алгоритам може да ги научи законите на квантната механика
Следен напис
Шумските пожари во Австралија создаваат сопствена микро-клима

1 Коментар. Напиши коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени
Споделете со пријателите