Когнитивни науки

Зошто зеваме?

Ајде да се обложиме дека во текот на читањето на овој напис барем еднаш ќе зевнете. Не затоа што e здодевен — туку поради фактот што зевањето е многу “заразно”. Ова го тврдам врз основа на студиите кои покажуваат дека во лабораториски услови зевањето може да се поттикне преку разни методи: на пр. помисла на зевање [1], гледање видео материјали од луѓе коишто зеваат, дури и читање приказни во кој ликовите зеваат се доволни да предизвикаат физички акт на зевање [2].

Зевнавте? Не? ОК.

Зошто воопшто неколкупати дневно нашата уста навидум рефлексивно се отвора, по што секогаш будното мајчинско око нè прекорува и нè тера да ја покриеме со раката?

Најдобриот набљудувач на природата, Чарлс Дарвин, во својата книга “Изразување на емоциите кај човекот и животните” внимателно го опишува актот на зевање:

Зевањето започнува со длабоко вдишување, по коешто следи долго и силно издишување; истовремено, сите мускули во телото силно се стегаат, вклучително и оние околу очите. Честопати за време на овој акт се лачат солзи, кои дури сум видел и како се тркалаат по образите. [3]

Но опишувањето на една појава не е доволно за нејзиното целосно објаснување и разбирање. Дарвин во своите забелешки не навлегува подлабоко во функцијата на зевањето и само накратно ја наведува неговата улога во комуницирањето доминантност кај бабуните и шпекулира дека се јавува како реакција при благ страв.

Затоа, одговорот мора да се бара во компаративната психологија и биологијата, кои покажуваат дека зевањето — или барем она што се дефинира како “зевање” кај животните — е присутно кај повеќето р‘бетници, од разните видови на риби и влекачи, па се до цицачите, птиците и нашите најблиски роднини — приматите [4]. Кај луѓето, забележано е дека фетусот зева уште додека е во утробата и тоа само после 12 до 14 недели од зачнувањето [5]. Кај возрасните, едно просечно зевање трае околу 6 секунди [6] и луѓето најмногу зеваат 2–3 часа пред и по спиењето (Слика 1) [7].

Слика 1. Фреквенција на зевања пред и по спиење (квадратчињата претставуваат број на зевања измерени навечер, а круговите измерени наутро.)8
Слика 1. Фреквенција на зевања пред и по спиење (квадратчињата претставуваат број на зевања измерени навечер, а круговите измерени наутро.) [7]

Иако научниците не се сложуваат и сè уште дебатираат за потеклото и функциите на зевањето, сепак повеќето разликуваат два типа на зевање врз основа на две генерални функции: физиолошка и — онаа што ја споменавме во првиот параграф — социјална/комуникативна [6]. Некои од поважните хипотези за физиолошките функции на зевањето се дека регулира респирација и циркулација; служи за дразнење, самораздразнување; се јавува при поспаност во функција на одржување будност; и служи за терморегулација [8]. Од сиве овие, последната терморегулаторна хипотеза добива значајна поткрепа во литературата, иако сме сè уште далеку од конечниот одговор [9].

Социјалните функции на зевањето зависат од видот на животното за коешто станува збор и доколку се работи за луѓето — од нивната возраст. Видовите коишто се на пониско еволуциско скалило и коишто не живеат во стабилни социјални заедници не покажуваат знаци на заразно зевање. Мерењата кај децата од предучилишна возраст покажуваат дека има позитивна корелација помеѓу нивната возраст и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат (Слика 2) [2]. Со развојот и растењето, децата стануваат поспособни за социјална интеракција и овие резултати ја потврдуваат идејата дека зевањето извршува некаква социјална/комуникациска функција. Секако, и овој заклучок е отворен за дебата затоа што сè уште е нејасно каква порака би се пренела преку овој комуникациски (зевачки) канал.

Слика 2. Постои позитивна корелација помеѓу возраста и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат кај деца од предучилишна возраст. Како стануваат социјално поспособни, заразното зевање има ефект врз нив.2
Слика 2. Постои позитивна корелација помеѓу возраста и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат кај деца од предучилишна возраст. Како стануваат социјално поспособни, заразното зевање има ефект врз нив. [2]

Засега, можеме да заклучиме дека многу прашања во врска со зевањето се нејасни и одговорот на прашањето поставено во насловот на овој напис — останува отворен. Начелно, може да се прифати интерпретацијата дека зевањето еволуирало заради одредени физиолошки потреби што е евидентно кај пониските видови на р‘бетници, додека кај повисоките видови кои живеат во организирани заедници извршува дополнителни социјални функции.

Зевнавте?


  1. Provine, R. R. (1986). Yawning as a stereotyped action pattern and releasing stimulus. Ethology, 72(2), 109–122. http://dx.doi.org/10.1111/j.1439–0310.1986.tb00611.x  ↩
  2. Anderson, J. R., & Meno, P. (2003). Psychological influences on yawning in children. Current Psychology Letters, 2(11).  ↩
  3. Darwin, C. (1890). The expression of the emotions in man and animals. (J. Cain & S. Messenger, Eds.). London: Penguin Books Ltd.  ↩
  4. Baenninger, R. (1987). Some comparative aspects of yawning in Betta splendens, Homo sapiens, Panthera leo, and Papio sphinx. Journal of Comparative Psychology, 101(4), 349–354. http://doi.org/10.1037/0735–7036.101.4.349  ↩
  5. Walusinski, O., Kurjak, A., Andonotopo, W., & Azumendi, G. (2011). Fetal yawning assessed by 3D and 4D sonography. The Ultrasound Review of Obstetrics and Gynecology, 5(3), 210–217. http://doi.org/10.3109/14722240500284070  ↩
  6. Smith, E. O. (1999). Yawning: An evolutionary perspective. Human Evolution, 14(3), 191–198. http://doi.org/10.1007/BF02440156  ↩
  7. Zilli, I., Giganti, F., & Salzarulo, P. (2007). Yawning in morning and evening types. Physiology & Behavior, 91(2–3), 218–222. http://doi.org/10.1016/j.physbeh.2007.02.015  ↩
  8. Guggisberg, A. G., Mathis, J., Schnider, A., & Hess, C. W. (2010). Why do we yawn? Neuroscience & Biobehavioral Reviews, 34(8), 1267–1276. http://doi.org/10.1016/j.neubiorev.2010.03.008  ↩
  9. Gallup, A. C., & Gallup, G. G., Jr. (2008). Yawning and thermoregulation. Physiology & Behavior, 95(1–2), 10–16. http://doi.org/10.1016/j.physbeh.2008.05.003  ↩
животнизаразазаразнозевањерефлексфизиологијафункции
Претходен написи
Антибиотици – Исцрпливи ресурси и жртви на сопствениот успех
Следен напис
Неколку фактори кои влијаат на емоциите во музиката

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите