Когнитивни науки

Аутизмот и потеклото на уметноста и музиката

Општо познато е дека луѓето најпрвин еволуирале во Африка и оттаму постепено го населиле остатокот од планетата. Постоеле неколку миграциски бранови како последица на ненадејните климатски промени, но веројатно најзначајниот е оној што се одвивал пред најмалку 70 илјади години кога помала група на луѓе ја напуштиле Африка [1]. Со преминувањето на црвеното море, навлегле во арапскиот полуостров и оттаму брзо се рашириле и населиле на останатите континенти. Во Европа пристигнале пред приближно 40-45 илјади години [2].

Она што навистина потсетува на денешната софистицирана уметност се појавува токму пред 40 илјади години на европско тло, период за кој се смета дека претставувал експлозија на технолошката креативност: изработка на накити, развивање нови техники на ловење со поставување на замки, користење на животински кожи како облека и обувки, украсување на сопствените тела, како и создавање на уметнички и пештерски слики. Ваквата појава, во буквална смисла на зборот, претставувала револуција на софистицирано однесување. Но, останува мистерија: што го предизвикало таквото однесување? На изненадување на многумина, некои истражувачи сметаат дека делумно удел има аутизмот.

Голем дел од лицата засегнати со аутизам се екстремни систематичари. Во нивна природа е опсесивно и прецизно подредување на елементите што го чинат некој затворен систем, репетитивно однесување и во поретки случаи – изразени способности во одредена област. Некои се способни за брзи математички калкулации, други за календарска калкулација, трети за детално помнење на мапи, итн. За жал, ваквите способности во ограничен домен честопати се проследени со когнитивен дефицит.

Комплексен цртеж на аутистично дете (лево) во кој се прикажани голем број на детали и употреба на перспектива, спореден со релативно едноставен цртеж на дете со типичен развој (десно) и на иста возраст. Извор: Spikins, Scott & Wright (2018) [3]

Еволуциското образложение за потеклото на аутизмот е изненадувачко [3]. Имено, се смета дека суровите климатски услови и глацијалните процеси што ја зафатиле Европа во младото камено време, пред 30-40 илјади години, извршиле притисок врз дел од популациите луѓе да селектираат комбинации на гени коишто предиспонирале поединци со поширок спектар на вештини, како подобар фокус на задачи со многу детали, усовршено внимание, детално помнење на мапи, анализирање на шемите на движење во географската околина. Овие способности им овозможиле на луѓето да бидат одлични ловци, долго да се фокусираат на метата, подобро да го анализираат однесувањето на пленот, да носат подобри навигациски одлуки, или во превод – опстанок.

Идејата е дека истите механизми можеби придонеле во појавата на раната уметност, односно музиката. Една од воспоставените хипотези е дека можеби постои поврзаност меѓу праисторискиот аутизам и раните уметнички композиции коишто биле поврзани со визуелните процеси и обично ги рефлектирале случувањата во средината со извонредна детализација—реализам. Имајќи на ум дека одреден број на лица во спектарот на аутизам имаат исклучителни музички способности, се отвора можноста да се објасни и потеклото на музиката, чија појава можеби делумно се должела на луѓе надарени со високи способности за систематизирање.

Засега најстарите докази кои фактички укажуваат на праисториска музичка активност се пронајдени во две пештери во јужна Германија [4][5]. Се работи за протоинструменти направени од птичји и мамутски коски во вид на флејти. Истражувачите веруваат дека флејтите биле направени од луѓе кои штотуку пристигнале во Европа. Староста се проценува на приближно 35-40 илјади години, а се претпоставува дека биле користени во религиски ритуали или едноставно за лично задоволство.

Една од пронајдените флејти е речиси комплетна и во одлична состојба. Имала дијаметар од 8 мм и должина од 34 см (сочуваниот дел од артефактот има должина од 21,8 см) со видливи пет отвори на површината за притискање со прстите. На едниот крај од отворот се изработени два жлеба во облик на V, веројатно за да се означи местото за дување. Најфасцинантниот атрибут на овој инструмент е начинот на тонална организација која совршено се совпаѓа со пентатонската скала – систем од пет тона. Оваа скала е основата на светската и западноевропската музика денес.

Засега, може само да претпоставиме дека можен удел во појавата на уметноста и музиката имале лица со извонредни способности за запазување на деталите во реалноста. Секако, ова тврдење е далеку од докажано, бидејќи недостасуваат уште многу податоци и истражувања. Останува само да се надеваме на нови истражувања во годините што следуваат, со надеж дека клопчето ќе се одмота и конечно ќе ги спознаеме природата и потеклото на човековиот инстинкт за креирање на уметнички композиции.


  1. Zhivotovsky, L. A., Rosenberg, N. A., & Feldman, M. W. (2003). Features of Evolution and Expansion of Modern Humans, Inferred from Genomewide Microsatellite Markers. The American Journal of Human Genetics, 72(5), 1171-1186. doi: 10.1086/375120  ↩
  2. Pickrell, J. (2006, September 4). Introduction: Human Evolution. Retrieved from New Scientist: https://www.newscientist.com/article/dn9990-introduction-human-evolution/  ↩
  3. Spikins, P., Scott, C., & Wright, B. (2018). How Do We Explain ‛Autistic Traits’ in European Upper Palaeolithic Art? Open Archeology, 4(1), 262–279. doi: 10.1515/opar-2018-0016  ↩
  4. Conard, N. Ј., Malina, M., & Munzel, S. C. (2009). New flutes document the earliest musical tradition in southwestern Germany. Nature, 737-740.  ↩
  5. Higham, T., Basell, L., Jacobi, R., Wood, R., Bronk, R. C., & Conard, N. J. (2012). Τesting models for the beginnings of the Aurignacian and the advent of figurative art and music: The radiocarbon chronology of Geißenklösterle. Journal of Human Evolution, 664–676.  ↩
аутизамдетализирањелокализирањемузикапраисторијасистематизирањесликањеспектрумуметност
Претходен написи
Зошто нема астрономска опсерваторија во Македонија?
Следен напис
Вештачка интелигенција и шимпанза

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите