Сигурно во школските клупи многу од нас дошле во ситуација кога часот е многу досаден и едноставно сакаме да размениме порака со нашите најдобри другари, меѓутоа ризикот да бидеме фатени од професорот е голем. Или пак сме сакале да му помогнеме на другарот до нас при испрашување без да бидеме фатени. Сепак, нашата имагинација е огромна, па сите од нас нашле многу креативни начини да пораките што ги разменуваме значат нешто за другарите, меѓутоа не значат ништо ако паднат во рацете на строгиот професор.
Дали тоа е преку цртеж што изгледа невино на прв поглед, меѓутоа крие скриена порака под него, или преку празно парче хартија кое ја открива пораката кога ќе го засенчаме со молив (како на Слика 1), пораката ќе биде разменета по секоја цена. На пример, јас и мојот најдобар другар од основно имавме изгравирано срце како на Слика 2 на школската клупа. Сосема обично и невино, покажувајќи детска љубов. Тоа што професорот по Македонски јазик не знаеше е дека секоја буква имаше скриено значење: г. стоеше за глаголи, п. за придавки, и. за именки, з. за заменки и второто п. за предлози. Со ова, морфолошките анализи на часовите и не беа толку тешки 🙂


Ваквото тајно праќање и прикривање на пораки, слики, видеа, итн во други пораки, слики, видеа, итн се нарекува Стенографија. Всушност ова не е воопшто нов концепт. Уште во 440 година ПНЕ, Херодот пишува дека скриени пораки со информации за напади во Грција биле изгравирани во дрвото од восочни таблети, врз кои потоа се истура восок за да се скрие изгравираната оригинална порака. Само тие што знаат што и каде да бараат ги читале пораките.
Од тогаш до денес, со развојот на компјутерската технологија и особено за време на втората светска војна и потоа, ваквото тајно криење на пораки зема голем замав. И начините на криење на пораки во дигиталното доба стануваат многу креативни поради огромната моќ на процесирање и декриптирање на компјутерите. Во овој текст ќе ви покажам многу лесен начин на криење на скриена порака во најобична слика.
Еден од најлесните начини да се скрие порака во слика е користејќи таканаречени битмап слики (слики коишто завршуваат со .bmp). Битмап форматот има такви својства да додавање на обичен текст на самиот крај на фајлот од сликата нема да направи разлика и после ваквата измена истата слика може да се види како и претходно, без фајлот да биде видно изменет. За да скриете порака во една слика, можете да ја отворите истата со notepad или gedit или textEdit (или било кој друг едитор на нормални текст фајлови по ваш избор). Бидејќи сликите треба нормално да се отвараат со софтвер за едитирање или прелистување на слики, нашиот текст едитор не знае да ја декодира сликата и тоа што ќе го прикаже нема смисла за нас (како на Слика 3, горе, десно). Сега можете да скролнете до крајот на прикажаното во едиторот, и да ја напишете вашата тајна порака (како на Слика 3, доле, десно. Тајната порака е обележана со црвен правоаголник.). Кога ќе го зачувате овој фајл и ќе го исклучите текст едиторот, сликата повторно автоматски ќе се отвара со едиторот за слики (како на Слика 3, доле, лево), и доколку вашиот родител седне пред компјутерот и не знае за тајната порака, нема ни да помисли да ја отвори во едитор за текст и да ја бара во крајот на фајлот. Меѓутоа, доколку ја пратите на некој пријател со соодвентни инструкции, имате инстантен метод за праќање скриени пораки.

Бидејќи ова е еден од најлените методи за стенографија, лесно е доколку некој е упорен и запознат со ова да буричка низ сликите една по една и да ги пронајде оние коишто носат “скриена” порака. Имено, пораките не се енкриптирани и секој може да ги отвори. Нормално, има други, покомплицирани методи кои се поинтересни и многу потешки за откривање. Наредниот текст ќе опише еден таков метод со примери и инструкции за употреба. А до тогаш, надевјате се дека вашите родители или професори нема да ја прочитаат статијава.
За крај, една задача за вас: една од сликите во овој текст има скриена порака! Првиот што ќе успее да ја открие точната пораката и ни остави коментар ќе добие пијачка со нас на лето, кога ќе бидеме вратени во Македонија!
2 Коментари. Напиши коментар
TAJNA PORAKA: JAS SUM PODOBAR OD JAMES BOND! 😉 pivo! i za mene i za dalibor 😀
TAJNA PORAKA: JAS SUM PODOBAR OD JAMES BOND! 🙂