Доколку имаме некој проблем којшто не може да се дијагностицира од докторите со голо око, би било смешно и страшно да тие решат да не стават на операциона маса и да не оперираат за да видат што се случува и дали се е во ред, нели?
За ова постојат многу машини кои даваат поглед во внатрешноста на човечкото тело, како што се рентген, магнетна резонанца (МРИ), компјутерска томографија (КТГ) итн. Еден од најпростите примери од секојдневието е детектирање на скршеница, што голем дел од нас ја почувствувале на своја кожа. Доколку ни се случи нешто вакво, докторите веднаш нѐ праќаат на рентген. Пострашни примери се тие кога константна главоболка води кон откривање на тумори во нашето тело после што мора да се водат итни процедури, каде што се користат покомплицирани машини од типот на магнетна резонанца или компјутерска томографија.
Рентген и КТГ машините имаат многу сличен метод за работа, со таа разлика што рентгенот ни дава статична дводимензионална слика од еден дел од телото, додека компјутерската томографија ни дава неколку последователни пресеци со коишто можеме да реконструираме цел орган. Машините испраќаат фотони со голема енергија низ катодна цевка кон нашето тело. Некои органи во телото, како на пример коските, ги апсорбираат овие фотони, додека други органи, како мускулите, кожата и слично, дозволуваат овие фотони да поминат низ нив. Позади делот од телото од кое правиме слика, има филм кој реагира со фотоните и колку повеќе фотони стигнуваат до него, толку потемен тој станува. Така, деловите од филмот позади коските остануваат бели, додека истите позади мускулите стануваат црни. Затоа рентгенот е идеален за детектирање на скршеници. Анимација која покажува како рентгенот работи може да се види овде:
Процедурата на добивање слики од МРИ е многу комплицирана (но сепак неверојатно генијална и интересна) и затоа нема да навлегуваме премногу длабоко. Во кратки црти, оваа технологија го користи фактот што во нашето тело има многу ткива што содржат молекули на вода. Овие молекули во својот состав имаат водород со еден единствен протон и без неутрони, поради што ваквиот атом има магнетно полнење. МРИ прозиведува силно магнетно поле коешто ги подредува овие протони да бидат во иста насока со магнетното поле. Потоа се користат редиофреквентни пулсеви кои ги вртат протоните за 90 или 180 степени. Кога овие пулсеви ќе престанат, протоните се враќаат во првобитната позиција и испуштаат енергија. Тука лежи магијата – различни ткива емитуваат различна количина на енергија и со ова може да се утврди местоположбата и составот на органите. Кратка илустрација за овој процес е прикажана овде:
Со исклучок на рентгенот, како резултат од опишаните техники добиваме различни вредности на различни 3D позиции. Меѓутоа, ова е се уште далеку од финална реконструкција на органи. Во некој нареден текст ќе почнеме да опишуваме како се стига до таквата реконструкција од почетни вредности на дискретни позиции.