Астрономија

Нашето место во Млечниот пат

Сонцето е само една од 200-те милијарди ѕвезди во Галаксијата. Но каде точно во Галаксијата се наоѓа Сонцето?

До дваесеттиот век, помеѓу астрономите било широко прифатено мислењето дека Сонцето, заедно со целиот Сончев систем, е лоцирано во центарот на Галаксијата. Еден од првите астрономи кои придонеле за ова размислување бил англискиот астроном од 18-тиот век Вилијам Хершел (William Herschel), а истото било заклучено и од холандскиот астроном Јакобус Каптајн (Jacobus Kapteyn) кон почетокот на дваесеттиот век. Овие астрономи ги добиле ваквите заклучоци со мерење на светлината и движењето на огромен број ѕвезди на небото.

Во 1930-та година, при набљудувања на отворени ѕвездени јата во нашата Галаксија се открило дека подалечните јата изгледаат необично темни, многу потемни од она што било очекувано од нивната оддалеченост. Оваа недоследност довела до заклучокот дека меѓуѕвездената средина не е комплетно празна (перфектен вакуум), туку дека мора да содржи честички од прашина кои ја апсорбираат или расејуваат светлината од далечните ѕвезди. Комбинираниот ефект на апсорбирање и расејување на светлината од страна на прашината лоцирана помеѓу светлосниот извор и набљудувачите со еден збор се нарекува екстинкција на светлината. Меѓуѕвездената екстинкција се одвива во дискот на Галаксијата кадешто има најмногу прашина. Токму поради овој ефект, Хершел и Каптајн всушност набљудувале само мал дел од најблиските ѕвезди во дадена насока низ дискот и немале идеја ниту за огромната големина на нашата Галаксија, ниту пак за големиот број на ѕвезди сконцентрирани околу Галактичкиот центар, што довело до грешната проценка за нашето место во Галаксијата.

Чекор напред кон одредување на нашето место во Галаксијата се направило со набљудување на еден друг вид ѕвездени јата, наречени глобуларни јата. Овие јата претежно се наоѓаат во халото на Галаксијата и како такви нивните набљудувања само минимално подлежат на ефектите на меѓуѕвездената екстинкција. Со мерење на растојанијата до глобуларните јата се добила слика за нивната распределба во просторот, при што се утврдило дека Земјата не е во центарот на оваа распределба. Груба аналогија на проблемот на Хершел и Каптајн е проблемот со кој се соочува возач за време на вечерна магла чија ориентација е отежната бидејќи маглата драстично ја попречува видливоста на патот (Слика 1а). Сепак, доколку слојот магла е релативно плиток, возачот со леснотија си ја одредува локацијата со помош на светлата од зградите (слично како во случајот со глобуларните јата на Слика 1б) кои се издигнуваат над маглата.


Слика 1. А) одредување на локацијата на пат. Б) одредување на локацијата во Галаксијата.

Денес, како што знаеме дека Земјата не е во центарот на Сончевиот систем, знаеме и дека Сонцето не е во центарот на Галаксијата, што значи дека Земјата нема особена позиција во Вселената. Модерните пресметки за оддалеченоста на Сонцето од центарот на Галаксијата се движат помеѓу 22000 и 29000 светлосни години, а генерално прифатената бројка е 25000 светлосни години, што го лоцира Сонцето приближно на пола пат помеѓу центарот и работ на дискот. Сонцето орбитира околу Галактичкиот центар со орбитална брзина од околу 220 километри во секунда, но и при таква брзина му е потребно приближно 225 милиони години (еднакво на една Галактичка година) да комплетира една орбита.

Слика 2. Нашата Галаксија видена низ разни бранови должини. (Права: NASA)

Исто како што телескопот на Галилеј открил работи за Галаксијата кои неможат да се видат со голо око, модерните астрономи користат телескопи кои набљудуваат во невидливи бранови должини за да ѕирнат низ прашината во дискот на Галаксијата. На Слика 2 е прикажана нашата Галаксија видена преку разни бранови должини, од долги радио бранови, до многу кратки гама зраци. Секоја од овие слики открива разни информации поврзани за гасот, прашината и ѕвездите во Галаксијата, давајќи целосна слика за физичките процеси коишто се случуваат во Галаксијата, а кои ќе ги разгледуваме во следните текстови.


Поважни термини:

Отворено ѕвездено јато – збир (јато) на млади ѕвезди во дискот на галаксијата со слична старост и хемиски состав.

Меѓуѕвездена средина – просторот помеѓу ѕвездите во една галаксија.

Глобуларно јато – збир (јато) на стари ѕвезди со исто потекло во халото на галаксијата. Во нашата Галаксија се откриени повеќе од 150 глобуларни јата.

астрономијагалаксијаглобуларно јатоекстинкција на светлинатаМлечен Патотворено ѕвездено јато
Претходен написи
Нанофотоника и квантните точки
Следен напис
Машини со супермоќи: поглед во внатрешноста на човечкото тело

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите