Астрономија

Глобуларни јата – најстарите „жители“ на Галаксијата

Измислениот Лук Скајвокер (Luke Skywalker) од “Војна на ѕвездите” беше во уникатна можност да набљудува прекрасни глетки од изгревањето и заоѓањето на двојната ѕвезда околу која планетата Татуин (Tatooine) орбитира. Но како би ни изгледало ноќното небо доколку живеевме на планета длабоко во внатрешноста на едно глобуларно јато?

Денес знаеме дека речиси сите галаксии во Вселената содржат глобуларни јата. Како што и самото име кажува, глобуларно јато е всушност збир на многу ѕвезди збиени во топчеста [1] форма. Глобуларните јата имаат дијаметар од околу 20 до 400 светлосни години и содржат од околу 100,000 до 1,000,000 ѕвезди кои во просек имаат маса еднаква на масата на Сонцето. Грубо кажано, овие јата се топчести бидејќи взаемната сила на гравитација (гравитационо придржување) помеѓу ѕвездите е доволно голема и не им дозволува на ѕвездите да го “напуштат” јатото. Глобуларните јата претежно се наоѓаат во халото на галаксијата и не се богати со гас и прашина. Нашата Галаксија има повеќе од 150 глобуларни јата распрскани на ноќното небо кои лесно можат да се видат со мал телескоп. Најсветлото (и едно од “најнаселените”) од овие јата, Омега Кентаур (Omega Centauri), е прикажано на Слика 1.

Слика 1. Слика од глобуларното јато Омега Кентаур, добиена од телескопот VLT (Very Large Telescope). (Права: ESO)

Присуството на големиот број ѕвезди ги прават глобуларните јата едни од најважните лаборатории во изучувањето на развојот (или еволуцијата) на ѕвездите, особено на оние ѕвезди кои се наоѓаат во подоцнежните фази од нивната еволуција. Едни од нив се и таканаречените “РР Лирае” (RR Lyrae) ѕвезди. РР Лирае ѕвездите припаѓаат на групата променливи пулсирачки ѕвезди, бидејќи нивната сјајност се менува (пулсира) со одреден период. Важноста на овие променливи ѕвезди е во тоа што тие прикажуваат тесна врска помеѓу нивната сјајност и периодот на пулсирање (Слика 2). Во еден од претходните написи напоменавме дека глобуларните јата биле искористени за одредување на нашето место во Галаксијата. Меѓутоа, за детално мапирање на глобуларните јата низ Галаксијата потребни биле прецизни мерења на нивната оддалеченост, и токму овие променливи ѕвезди биле клучни за ова откритие. Во кратки црти, со мерење на периодот на пулсирање на РР Лирае се добива информација за сјајноста на ѕвездата (Слика 2), од каде пак се пресметува оддалеченоста до истата.

Слика 2. Тесната поврзаност помеѓу сјајноста и периодот на пулсирање при променливите ѕвезди. Сјајноста е претставена во магнитуди (внимание: колку помала магнитуда, толку поголема сјајност). Покрај РР Лирае ѕвездите, Цефеидите (Cepheids) се уште еден вид променливи ѕвезди. (Права: Steven R. Majewski, University of Virginia)

Анализа на ѕвездите во глобуларните јата, добиена преку спектроскопски набљудувања, открива дека хемискиот состав на ѕвездите е значително различен од оној на Сонцето. Имено, за разлика од Сонцето, овие ѕвезди се екстремно “сиромашни” со метали [2]. Фактот дека ѕвездите во глобуларните јата не се збогатени со метали е знак дека истите се релативно стари и дека биле “родени” во раните фази од формирањето на Галаксијата, кога претежно имало само водород и хелиум. Модерните проценки за нивната старост изнесуваат околу 13.4 милијарди години. Од очигледни причини староста на самата Вселената мора да е поголема од онаа на ѕвездите во глубуларните јата, така што овие проценки всушност претставуваат строго (долно) ограничување на староста на Вселената.

Слика 3. Уметнички приказ на ноќното небо видено од планета длабоко во глобуларно јато. (Права: William Harris and Jeremy Webb, McMaster University)

Видено од Земјата, на небото има неколку десетици сјајни ѕвезди од 1-ва магнитуда [3], сите значително потемни од Венера и Јупитер. Доколку го преместиме целиот Сончев систем во длабочините на Омега Кентаур, глетката на ноќното небо би била спектакуларна, со илјадници ѕвезди сјајни како Венера и Јупитер. Освен ако најблиските ѕвезди не се џиновски големи, тие повторно би биле само точкести извори на светлина, но би го направиле небото 20-тина пати посветло од ноќното небо на Земјата при полна месечина (Слика 3). Се запрашувам како ли би се развивала астрономијата покрај вакво ноќно небо?


Поважни термини:

Двојна ѕвезда – систем од две ѕвезди кои орбитираат околу заедничкиот центар на маса. Околу 80% од сите ѕвезди се членови на ѕвездени системи кои содржат две или повеќе ѕвезди.


  1. Зборот “глобуларно” потекнува од латинскиот збор “globulus” што означува мала топка (или сфера).  ↩
  2. Во астрономијата, метали се нарекуваат сите хемиски елементи потешки од водород и хелиум.  ↩
  3. Сјајноста на ѕвездите традиционално се мери во магнитуди. Ѕвездите видливи со голо око имаат магнитуди од 1 (најсветли) до 6 (најтемни).  ↩
Omega CentauriRR Lyraeастрономијаглобуларно јатоОмега Кентаурпроменливи ѕвездиРР Лирае
Претходен написи
Убавината на генетскиот инженеринг
Следен напис
Како до подобра графика во компјутерските игри со што помалку „сецкање“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите