Астрономија

Галактичка археологија со Гаиа: проучување на историјата на Млечниот пат

Археолозите ги проучуваат поранешните домови на древните цивилизации со цел да научат како тие живееле, како се развивале, ширеле и можеби изумреле. Млечниот пат е нашиот дом во вселената и главен фокус на голем број астрофизичари е проучувањето на развитокот и структурата на нашата галаксија, од самиот нејзин почеток па се до денес. Оваа тема во астрофизиката накратко се нарекува “галактичка археологија”, бидејќи во преден план е потрагата и изучувањето на основните елементи (“цигли”) од кои е изграден Млечниот пат.

За да може успешно да ја проучуваме историјата и еволуцијата на нашата галаксија, потребни се прецизни податоци од огромен број на различни видови ѕвезди кои се наоѓаат во различни региони. Со оваа цел, Европската Вселенска Агенција го започна можеби нејзиниот најамбициозен проект до сега: изградба на сателит со најсофистицирана технологија, кој ќе овозможи вистинcка револуција во полето на галактичката археологија. Сателитот наречен Гаиа (Gaia: Globlar Astrometric Interferometer for Astrophysics, Слика 1), беше лансиран на 19 декември 2013 година и е во активна операција нешто повеќе од 2.5 години.

Слика 1. Компјутерски генерирана слика од тоа како Гаиа изгледа кога е во оперативна состојба. Сликата е креирана од Гаиа конзорциумот за Процесирање и анализа на податоци (DPAC).
Слика 1. Компјутерски генерирана слика од тоа како Гаиа изгледа кога е во оперативна состојба. Сликата е креирана од Гаиа конзорциумот за Процесирање и анализа на податоци (DPAC).

За време на номиналната мисија од 5 години, Гаиа ќе набљудува повеќе од 1 билион ѕвезди на небото кои припаѓаат на нашата Галаксија. За времетраење на проектот, секоја ѕвезда ќе биде набљудувана околу 70 пати, при што ќе се измерат позицијата, оддалеченоста, движењето, светлосниот спектар, хемискиот состав, масата и температурата на тие ѕвезди. Овие мерења ќе бидат ултра–прецизни (Слика 2), што што ќе им овозможи на научниците не само да ги изолираат “циглите” од кои е составен Млечниот пат, туку и да одредат кога и каде тие се формирале, нивните динамички и хемиски својства и кога сите тие елементи се споиле за да ја формираат Галаксијата што ние ја населуваме денес.

Слика 2. Досегот на Гаиа. Оваа слика ја прикажува прецизноста на главните инструменти на сателитот и нивната супериорност во споредба со претходните мисии. Сликата е креирана од Гаиа конзорциумот за Процесирање и анализа на податоци (DPAC).
Слика 2. Досегот на Гаиа. Оваа слика ја прикажува прецизноста на главните инструменти на сателитот и нивната супериорност во споредба со претходните мисии. Сликата е креирана од Гаиа конзорциумот за Процесирање и анализа на податоци (DPAC).

Податоците од Гаиа ќе бидат објавени во 5 номинални изданија. Првото издание ќе биде објавено на 14 септември оваа година и ќе ги содржи небеската позициjaта и флуксот на повеќе од 1 билион ѕвезди (Слика 3). За околу 2.5 милиони ѕвезди исто така ќе бидат објавени и нивните тангенционални движења, како и нивната оддалеченост од Земјата. Она што е навистина интересно и возбудливо е тоа што податоците ќе станат јавно достапни и за научниците и за пошироката јавност ширум светот истовремено, нешто што се случува за првпат кога станува збор за проект со оваа големина. Тоа значи дека секој од вас може ги прегледува, анализира и користи податоците од овој сателит, исто како и научниците.

Слика 3. Нашата галаксија, Млечниот пат, погледната низ инструментите на Гаиа. Сликата е составена од помошните податоци користени за калибрација на првото издание. Посветлите региони имаат поголема густина на ѕвезди, додека во потемните места бројот на набљудуваните ѕвезди е помал.
Слика 3. Нашата галаксија, Млечниот пат, погледната низ инструментите на Гаиа. Сликата е составена од помошните податоци користени за калибрација на првото издание. Посветлите региони имаат поголема густина на ѕвезди, додека во потемните места бројот на набљудуваните ѕвезди е помал. Дискот на Млечниот пат, кој се простира хоризонтало на сликата, е местото каде повеќето ѕвезди се лоцирани. Темните шари кои се распрскани врз дискот се густи облаци составени од меѓуѕвезден гас и прашина, кои ја спречуваат светлината од ѕвездите во тие региони да стигнат до нас. Надвор од дискот, јасно видливи се Големиот и Малиот Магеланов облак, две помали галаксии кои орбитираат околу нашата Галаксија. Ако внимателно погледнете, може да забележите и неколку од посветлите глобуларни јата распрскани околу дискот на Млечниот пат. (Сликата е креирана од Edmund Serpell, оперативен инженер кој работи во Оперативниот центар на Европската вселенска агенција во Дармштад, Германија.)

За повеќе информации посетете http://archives.esac.esa.int/gaia/ и http://sci.esa.int/gaia/.

ГаиагалаксијаѕвездимерењамисијаМлечен Патоддалеченост
Претходен написи
Прашања од читатели: дали скоро ќе се заменат хемиските батерии?
Следен напис
Откриена планета налик на Земјата околу најблиската ѕвезда

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите