Сеприсутноста на Сонцето е неисцрплива инспирација за човештвото. Кога се работи за Сонцето, најважната работа за повеќето од нас е светлината којашто ја зрачи. Тоа е разбирливо, бидејќи сите знаеме дека без топлите зраци од Сонцето, животот на Земјата би бил невозможен.
Меѓу другото, Сонцето ни ги затоплува океаните, ни ја раздвижува атмосферата, и им дава енергија на растенијата кои нѐ снабдуваат со (неопходен за живот) кислород. Ако сакаме да разбереме зошто сме овде, мораме да ја разбереме природата на Сонцето.

Сонцето (Слика 1) е средиштето на Сончевиот систем, и ги држи Земјата и другите планети на своите орбити. Тоа е далеку најсветлото тело на небото, и е единствениот објект во Сончевиот систем којшто зрачи значајни количини видлива светлина [1]. Масата на Сонцето е околу илјада пати поголема од масата на сите поголеми (планети, месечини) и помали (астероиди, комети) тела во Сончевиот систем заедно. Сонцето е околу сто пати поголемо од Земјата, или ако претпоставиме дека Земјата е портокал, Сонцето би било 10-метарски балон на растојание од околу 1,400 метри од портокалот. За да ги помине 1,400-те метри од аналогијава, на светлината ѝ се потребни околу 8 минути. Затоа велиме дека Сонцето е на растојание од 8 светлосни минути, т.е., кога и да го погледнеме Сонцето, всушност гледаме како тоа изгледало пред околу 8 минути. Сонцето има бурна атмосфера, со повремени појави на Сончеви дамки (феномени поврзани со магнетното поле на Сонцето), чијшто број варира во согласност на 11 годишниот Сончев циклус. Дел од Сончевата „лична карта“ е претставен во табелата подолу.
Карактеристика | Вредност |
---|---|
Радиус | 696,000 km = 109 Земјени радиуси |
Маса | 1.9891 × 1030 kg |
Температура (површина/средиште) | 5800/1.55 × 107 K |
Луминозитет | 3.9 × 1026 W |
Средна оддалеченост од Земјата | 149,598,000 km = 1 AU |
- Светлината од Месечината и планетите во Сончевиот систем е всушност сончева светлина која се рефлектира (одбива) од овие небесни тела во насока на Земјата. ↩