Како би го потпишале писмото адресирано до непознато другарче во друга галаксија? Одговорот е следен: покрај стандардните улица, град и држава, би морале да додадете и планета Земја, Сончев систем, галаксија Млечен Пат. Но, што всушност представува нашата Галаксија?
За време на јасна ноќ без месечина, далеку од блесокот на градските светла, на небото често можете да забележите светол и замаглен појас кој се протега преку целата небесна сфера (Слика 1). Старите Грци верувале дека овој појас, наречен Млечен Пат, буквално е створен од “истурено божествено млеко”. Галилео Галилеј бил првиот кој вперил телескоп кон Млечниот Пат, откривајќи дека Млечниот Пат ја претставува комбинираната светлина од многу бледи ѕвезди. Нашата Галаксија, галаксијата Млечен Пат, го добива името по појасот Млечен Пат. Денес знаеме дека нашата Галаксија (ја пишуваме со голема буква) е всушност составена од стотици милијарди ѕвезди (една од нив е и нашето Сонце), големи количини на гас и прашина, но и од темна материја чијашто природа останува едно од најважните отворени прашања во модерната астрофизика.

Главните компоненти на нашата Галаксија се таканареченото средишно испупчување, дискот и темното хало (Слика 2).
- Испупчувањето е топчеста структура со дијаметар од околку 10000 светлосни години [1], главно составена од стари ѕвезди, гас и прашина. Најстарите ѕвезди во оваа структура се постари од 13 милијарди години, што значи дека Галаксијата е речиси исто стара колку и самата Вселена (13.7 милијарди години, според најновите пресметки). Во центарот на испупчувањето има супермасивна црна дупка, четири милиони пати помасивна од Сонцето. Средишното испупчување во Галаксијата е благо издолжено и формира таканаречена пречка.
- Дискот е израмнета (сплесната) структура, во форма на палачинка која го опколува средишното испупчување. Димензиите на дискот се околу 100000 светлосни години во дијаметар и 1000 светлосни години во дебелина. Како и многу други галаксии низ Вселената, Галаксијата има таканаречена спирална структура. Ова значи дека во својот диск, сјајните млади ѕвезди заедно со облаците од гас и прашина се сконцентрирани во свиткани гранки кои почнуваат да се протегаат од краевите на централната пречка во спирална структура, налик на вртелешка.
- Халото е топчесто во форма, со дијаметар кој веројатно е поголем од 130000 светлосни години, и е главно составено од стари ѕвезди, сконцентрирани во таканаречени глобуларни јата. Халото исто така изобилува со темна материја која не емитува светлина, но сепак сочинува 90% од масата на Галаксијата.

Секоја слика којашто ја прикажува Галаксијата одозгора е или слика од друга спирална галаксија, или пак уметнички приказ. Причината за ова е јасна: поради тоа што Сонцето (заедно со Земјата) се наоѓа во дискот на Галаксијата, околу 26000 светлосни години од галактичкиот центар, ние не сме во можност да ја набљудуваме Галаксијата одозгора. Тоа е исто како да сакаме да ја сликаме нашата куќа од внатрешноста на куќата.
Нашата Галаксија е само една од многуте галаксии низ видливата Вселена. Проучувајќи ја нашата Галаксија, почнуваме да ја истражуваме Вселената во голем размер.
- Една светлосна година е растојанието што светлината го поминува во вакуум во времетраење од една година. Една светлосна година има околу 9.5 × 1015 метри. ↩