Астрономија

Светлината на оваа далечна супернова е зголемена и поделена на четири дела со помош на гравитациска леќа

Една галаксија која се наоѓа позади друга галаксија е засенета од нашата гледна точка на Земјата. Но, во септември минатата година кога супернова (наречена iPTF16geu) експлодираше во позадинската галаксија, сепак сликата на скриената експлозија стана видлива благодарение на т.н. физички феномен на гравитациска леќа.

Слика 1: Светлината од суперновата iPTF16geu е зголемена благодарение на искривувањето на просторот, што се должи на масата на галаксијата која се наоѓа во средина. Светлината на суперновата iPTF16geu е поделена во четири слики, кои се набљудуваа со вселенскиот телескоп Хабл.
Слика 1: Светлината од суперновата iPTF16geu е зголемена благодарение на искривувањето на просторот, што се должи на масата на галаксијата која се наоѓа во средина. Светлината на суперновата iPTF16geu е поделена во четири слики, кои се набљудуваа со вселенскиот телескоп Хабл.

Една последица од теоријата на Ајнштајн е дека под дејството на силна гравитација на масивните објекти во Универзумот како таа на галаксиите, простор-времето се искривува. На тој начин, светлината што доаѓа од позадинските објекти ќе патува по различна линија во искривениот простор-време. Светлината на суперновата iPTF16geu не само што беше искривена, туку и зголемена 50-тина пати, дозволувајќи да стане видлива со нашите телескопи иако беше оддалечена на неверојатни 4.4 милијарди светлосни години.

Гравитациските леќи може да создадат и повеќе слики на истата позадинска супернова. Овие слики се појавуваат со одредени временски одложувања една во однос на друга. Ова се должи на фактот дека светлината од секоја слика мора да патува по поинаков пат. Интересно е што овие временски одложувања зависат од Хабловата константа, односно од начинот на кој нашиот Универзум се шири.

Да се најде супернова со повеќекратни слики поради гравитациска леќа е извонредна реткост. Па затоа не е ни чудно што ова е прво откритие на супернова од типот 1а. Суперновите од типот 1а се прилично униформни експлозии, што значи дека емитуваат отприлика еднаква количина на светлина. Затоа мерејќи ја нивната привидна светлина, може да се определи нивната оддалеченост. Благодарејќи баш на оваа нивна особина, откритието дека Универзумот се наоѓа во забрзано ширење се направи во 1998, за кое беше доделена и Нобелова награда во 2011.

Дел од тимот во Стокхолм кој стои позади ова откритие: Раман Аманулах, Тања Петрушевска, Јоел Јохансон и професор Ариел Губар.
Дел од тимот во Стокхолм кој стои позади ова откритие: Раман Аманулах, Тања Петрушевска, Јоел Јохансон и професор Ариел Губар.

Суперновата iPTF16geu беше најдена сосема случајно за време на барањето на супернови и други егзотични космички тела наречено Intermediate Palomar Transient Factory (iPTF). Ова откритие беше објавено во списанието Science на 21 април. Истражувањето е изведено од страна на астрофизичари при Универзитетот во Стокхолм, меѓу кои е и авторот на оваа статија – Тања Петрушевска.


Повеќе инфо:

Статијата во Science за iPTF16geu; Феноменот на гравитациска леќа;
од истиот автор на македонски: Околу Нобеловата награда во 2011 и повеќе за супернови и гравитациски леќи.

iPTF16geuАјнштајнгалаксијагравитацијаѕвездаистражувањасупернова
Претходен написи
Проверено од научници, одобрено од деца: Рецензирање од детска гледна точка
Следен напис
Имуниот систем во борба против ракот: разговор со проф. Златко Трајаноски [#1]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите