Сите го знаеме нашето Сонце, ѕвездата чијашто светлина ни го овозможува животот на Земјата. Но на небото има мал милион други ѕвезди кои се предалеку за да ги изучуваме детално како и Сонцето. Какви се овие ѕвезди? Кои нивни особини би ги користеле за полесно да ги класифицираме?
Ѕвездите се едни од најважните астрономски објекти. Како и луѓето, тие се “раѓаат”, “стареат”, и “умираат”. Процесот кој ѕвездите го поминуваат од своето формирање сѐ до умирањето се нарекува ѕвездена еволуција. Фактот што повеќето подробности при еволуцијата на ѕвездите им се познати на астрономите е еден од најголемите успеси во астрономијата во претходниот век. Сите ѕвезди се различни. Некои се мали, некои големи. Некои се посветли, некои потемни. Некои само што се родиле, некои веќе изумреле.
Како и во другите научни дисциплини така и во астрономијата класифицирањето е еден од првите чекори во изучувањето на одредени објекти. Едни од првите студии врз статистички важни примероци од ѕвезди биле сосема независно направени во 1910 година, од страна на данскиот астроном и хемичар Ејнар Херцшпрунг (Ejnar Hertzsprung) и на американскиот астроном Хенри Норис Расел (Henry Norris Russell). Тие го илустрирале односот помеѓу температурата на ѕвездата (на хоризонталната оска) и луминозитетот (или моќноста) на ѕвездата (на вертикалната оска). Овој дијаграм се нарекува Херцшпрунг-Раселов дијаграм (или скратено ХР-дијаграм).

Пред да ги разгледаме подробностите на ХР-дијаграмот, предлагам да се обидеме да креираме дијаграм со кој ќе ги подредиме разните автомобили кои ги среќаваме во секојдневието. Две особини кои убаво ги објаснуваат автомобилите се нивната маса и нивната моќност. Дијаграм кој би ги претставувал овие особини би изгледал како тој на Слика 1. Генерално земено, помасивните автомобили често имаат и поголема моќност, така што масивните, супер моќни автомобили би биле лоцирани во левиот горен дел од дијаграмот, а лесните, помалку моќни автомобили во десниот долен дел. Грубо кажано, повеќето автомобили би припаѓале на таканаречената “низа од нормални автомобили”. Но некои автомобили, на пример спортските и тркачките автомобили, имаат многу поголема моќност од онаа која е нормална за нивната маса и лежат погоре на дијаграмот. Други пак, на пример економичните модели, имаат помала моќност од онаа соодветна за нивната маса и се лоцирани подолу на дијаграмот.

Како што пишувавме во еден од претходните текстови, глобуларните јата се уникатни лаборатории во изучувањето на ѕвездената еволуција. Доколку ги измериме температурата и луминозитетот на сите ѕвезди кои припаѓаат на едно глобуларно јато и ги ставиме во ХР-дијаграм (Слика 2), забележуваме дека ѕвездите се лоцирани само во одредени делови од дијаграмот, слично како и во аналогијата со автомобилите. Тоа значи дека произволни комбинации на температура и луминозитет всушност не се дозволени. На Слика 2 воочлива е закривената дијагонална линија по средината на дијаграмот, која се нарекува “главна низа”, и која слично како и “низата од нормални автомобили” ги претставува мнозинството ѕвезди во глобуларното јато. Сепак не сите ѕвезди се дел од оваа низа. Некои се појавуваат над, а некои под главната низа. Убавината на ХР-дијаграмот е во тоа што локацијата на ѕвездата на ХР-дијаграмот уникатно објаснува во која етапа од еволуцијата се наоѓа истата. Во следните текстови ќе се навратиме на ХР-дијаграмот и ќе погледнеме кои ѕвезди се лоцирани во различните делови од ХР-дијаграмот, и како меѓусебно се разликуваат.
Поважни термини:
Статистички важни примероци – примероци кои содржат голем број на објекти за да се добијат статистички цврсти резултати.