Технологија

И електромагнетните дискови имаат лимит

Дали знаеме како функционираат хард-дисковите во вашите компјутери? Кои се најголемите лимитации во врска со хард-дисковите? Што друго можеме да направиме да го подобриме складирањето на податоци?

Најпрво, збор два за начинот на складирање на податоци. Информациите се складираат во битови (8 бита = 1 бајт, денеска информацијата се мери во гигабајти каде еден гигабајт изнесува 109 бајти), односно сета информација може да се енкодира во форма на единици и нули (на пр. имате код што наликува на 0011000010100…). Дали се работи за USB драјв или пак хард драјв, се што треба да направиме е да изнајдеме начин да напишеме единици и нули но и да ги избришеме истите при складирање на нови податоци (Слика 1).

Слика 1. Најкористени уреди за складирање на информации се хард-дискот како и USB (флеш) драјвот, и двата се базираат на пиши-бриши техника на единици и нули.

Главниот предизвик при складирање на информации е како да се напишат сите единици и нули на што е можно помал простор и тука навистина игра улога густината на информации. Како функционира хард-дискот?
Во внатрешноста на хард-дискот се наоѓа магнетна глава која креира силно магнетно поле. Под дејство на ваквото магнетно поле се магнетизира делот од металот кој се наоѓа под магнетната глава (се здобива со магнетен момент). Тој поединечен дел останува намагнетизиран и истата магнетна глава подоцна го чита магнетниот момент. Во зависност од насоката на магнетниот момент, истиот може да се прочита како 1 или 0 (Слика 2).

Со усовршување на технологијата на производство на дискови, успешно е зголемена густината на магнетни моменти за одредена површина , но по се изгледа во изминативе години е достигната границата на ваквата технологија. Доколку поединечните делови ги направиме премногу мали ја достигаме таканаречената суперпарамагнетна граница, при остранување на магнетното поле. Но што е тоа суперпарамагнетизам?

Слика 2. Хард-дискот снима информации со помош на магнетно поле кое се создава во магнетната глава. Специфичното магнетизирање на одредени делови од металот, овозможува складирање на голем број на информации.

Суперпарамагнетизам е магнетизам кој настанува кога материјалите (металите како на пример железо, никел и кобалт) се многу мали (во нашиот случај поединечните метални делови од дискот) односно достигнуваат една критичнa големина и најчесто се работи за димензии од неколку нанометри (nm). Кога поединечните метални делови од дискот би ја преминале оваа суперпарамагнетна граница, како последица би дошло до наизменично менување на нивните магнетни моменти веднаш штом магнетната глава ќе се тргне на страна. На пример, магнетната глава магнетизира одредено метално поле во насока “1” но кога ќе се помести главата магнетниот момент на истото поле почнува наизменично да ја менува својата насока помеѓу “1” и “0”. Ова значи дека напишаната информација нема да биде сочувана и магнетната глава не ќе може да ја прочита.

Но што сега? Како ќе зачувуваме информации во иднина? Дали сте слушнале за таканаречените полупроводнички дискови или SSD? Тоа се дискови кои не користат магнетна глава односно се состојат од интегрирани електронски кола. За тоа подетално ќе пишуваме во некој од следните текстови.

бинарен коделектромагнетен дисксуперпарамагнетизамсуперпарамагнетна границахард драјв
Претходен написи
Ѕвезди и автомобили – подредување по особини
Следен напис
Стани таен агент: криење тајни пораки во слики

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите