Когнитивни науки

Што е тоа музичка боја?

Под поимот тембр подразбираме својство на звук, карактеристика која им овозможува на луѓето и животните да дискриминираат звуци произлезени од говорот, инструментите и други аудитивни извори. Во еден од претходните текстови констатиравме дека секој инструмент поседува уникатна музичка боја која всушност е продукт на бројноста и присутноста на парцијалните тонски низи – аликвоти (Слика 1).

Слика 1. Приказ на амплитудата на секој од аликвотните тонови. Присутноста на аликвотите варира од инструмент до инструмент. Под реден број 1 е поставена фундаменталната аликвота, додека останатите аликвоти се протегаат во останатите броеви.

Виолината е темброво посодржајна од флејтата поради различното спектрално тежиште на парцијалните тонови и нивното поголемо или помало присуство кај пониските и повисоките фреквенции. Впрочем, тоа не е показател дека виолината е подобар инструмент, туку само различен.

Нашата перцепција на темброт, освен од аликвотите, во голема мера зависи и од други акустички квалитети на звучниот извор – иницијалниот момент на зазвучување, односно атакот, траењето, начинот на опаѓањето и завршувањето на звукот, потоа брановата форма којашто формира карактер и висина, како и количината и квалитетот на шумот во сигналот. Сепак, различни луѓе имаат различна перцепција на темброт како феномен, бидејќи некои вниманието повеќе го насочуваат кон спектралните својства отколку на временските аспекти на звукот [1]. Па така, може да заклучиме дека не постои еден единствен начин за перципирање на тембр.

Исто така, реакцијата на примарниот аудитивен кортекс кај луѓето покажува комплексна невронска селекција во зависност од спектралната енергија што ја поседува звучниот извор [2]. Тука потребно е да се нагласи дека нашиот слушен апарат нема способност да ги дискриминира ваквите одделни сегменти (аликвоти) во звукот, но има извонредна способност да го препознава звукот како целина. Преку ваквиот сложен механизам сме способни за препознавање и разликување звуци, како во примерот со флејтата и виолината.

Слика 2. Недостасувачката фундаментална аликвота (во заграда) со фреквенција од 65 Hz и останатите аликвоти илустрирани во нотен систем. Секоја од аликвотите (редоследно бележени со 2, 3, 4 итн.) поседуваат фреквенции кои претставуваат цели броеви од фундаменталната фреквенција.

Уште еден интересен феномен којшто се поврзува со темброт и аликвотните низи е таканаречената недостасувачка фундаментала каде што човекот ја перцепира фундаменталната фреквенција, односно првата аликвота од тонот, дури и во услови кога е физички отсутна и не е дел од аликвотната низа (Слика 2). Кога произведуваме периодичен тон со фреквенција од 65 Hz, неговите аликвоти претставуваат цели броеви: фундаменталната аликвота 65 Hz, вторaта аликвота 130 Hz, третaта 195 Hz, четвртата 260 Hz итн. Сепак, доколку решиме да ја елиминираме фундаменталната аликвота (65 Hz), ние и понатаму ја слушаме во свеста бидејќи мозокот успева да ја реконструира врз основа на репетиционите шаблони на останатите аликвоти [3]. Невроните коишто кореспондираат на фундаменталната фреквенција од аликвотната низа се активирани дури и тогаш кога сигналот не доспева до невронското рецептивно поле. Објаснувањето за ваквиот ефект лежи во еволуциското гледиште каде што луѓето (а и други видови на примати) развиле способност за издвојување, идентификување и следење на нечиј глас дури и тогаш кога доаѓа до интерференција на звуци: шум, врева, викотници и сл.

Освен фундаменталната аликвота, неретко недостасуваат и други аликвоти од низата, а ваквиот метод на намерна редукција и елиминација на аликвотите наишол на соодветна примена и е применет кај телефоните, телефонските слушалки и други електрични уреди и аудио системи кои немаат можност за произведување на ниски фреквенции, но сепак, врз основа на горенаведените механизми, овозможуваат перцепирање на басовите звуци.


  1. Mcadams, S., & Giordano, B. L. (2011). The perception of musical timbre. In S. Hallam, I. Cross, & M. Thaut, The Oxford handbook of music psychology (стр. 72-80). Oxford University Press. doi: 10.1093/oxfordhb/9780199298457.013.0007  ↩
  2. Patil, K., Pressnitzer, D., Shamma, S., & Elhilali, M. (2012). Music in Our Ears: The Biological Bases of Musical Timbre Perception. PLOS Computational Biology, 8(11), 1-16. doi: 10.1371/journal.pcbi.1002759  ↩
  3. Zatorre, R. J. (2005). Neuroscience: Finding the missing fundamental. Nature, 436, 1093–1094 . doi:10.1038/4361093a  ↩
аликвотиаудиторен кортексзвукмузичка бојаневрониперцепцијателефонифреквенција
Претходен написи
Ексел: водење евиденција на вашиот буџет, трошоците и приходите [#5]
Следен напис
Ексел: чистење, трансформација и анализа на текст [#6]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите