Фобии, ривалство, гадење, сексуален фетишизам и маркетинг: Павловото условување во пракса

Се сеќавате ли на малиот Зоки од претходниот напис? Палавкото по третото одење на заболекар разви силна одбивност кон белите мантили (условна дразба) затоа што почна да ги асоцира со болката (безусловна реакција) предизвикана од бушењето на дупчалката (безусловна дразба). Колку и да делува нерационално неговата фобија, наученото создавање на врски помеѓу стимулациите од средината игра исклучително важна улога во преживувањето на организмот.

Суштината на асоцијативното учење во кое спаѓа и Павловото условување е да го подготви организмот оптимално да реагира на состојбите во средината и по можност да ги предвиди идните настани врз база на минататото искуство. На пример, мажјаците од видот риби Trichogaster trichopterus се поподготвени и поуспешни во бранењето на нивната територија доколку претходно се условат со црвено светло кое сигнализира скоро доаѓање на ривал, за разлика од ние на кои ривалот им се појавува без претходна најава [1]. Уште поинтересен е примерот во кој мирисот или другите сигнали од новороденчето стимулираат лачење на млеко од страна на мајката, реакција која во безусловна рефлексна форма се случува само преку цицање и стимулација врз брадавиците од дојките [2].

Слика 1. Создавање одбивност кон вкус кај предатори преку додавање на хемиски супстанци во месото на пленот кои предизвикуваат гадење. Фотографија: Kamia the Wolf – http://flic.kr/p/AxiQi / Лиценца: CC BY-NC-ND 2.0

Можеби една од најголемите придобивки од Павловото условување е учењето да се препознаат и асоцираат оние дразби кои помагаат да се избегне отровна и расипана храна. Многумина кои биле доволно несреќни да почувствуваат мачнина во стомакот и повраќање по козумирањето на одредено јадење, добро знаат дека е достаточно само да го почувствуваат мирисот на таа храна оддалеку за да почувствуаат гадење. Истиот принцип на условување може да се стави во функција за заштита на стада и домашни животни од предатори. На пример, волците инстинктивно напаѓаат овци, но по конзумација на месо од овца во кое е додаден литиум хлорид (LiCl), хемиска супстанца без вкус и мирис која предизвикува силна дигестивна мачнина, условениот волк следниот пат избегнува да напаѓа овци и не јаде овчо месо [3].

Слика 2. Употреба на Павловото условување во маркетиншки цели преку асоцирање на брендот со позитивни емоции. Фотографија: Sinsong – http://flic.kr/p/nS93e / Лиценца: CC BY-NC-ND 2.0

Исто така, некои научници сметаат дека сексуалните фетиши потекнуваат од асоцијациите кои се создаваат меѓу првично сексуално-неутралните стимули и безусловните сексуални дразби. На пример, Јапонските препелици се птици кои живеат во тревни полиња и во таквиот пејсаж, мажјакот најчесто забележува само делови од женката скриена во високата трева. Доколку ѝ пријде по забележувањето на еден од нејзините делови и ако тоа успешно заврши со парење, мажјакот ги асоцира забележаните делови од женката (кои првично немаат сексуална функција) со успешната копулација создавајќи од нив условна дразба [4].

Павловото условување е дел и од полната шапка трикови кои маркетинг компаниите ги користат за асоцирање на своите производи со позитивни емоции, сe со цел да ја зголемат продажбата. На пример, ако одреден бренд на цигари постојано се рекламира во пријатна средина која поттикнува позитивни емоции, потрошувачот ја асоцира кутијата од цигарите со тие емоции, со што се зголемува веројатноста за купување [5].

Како заклучок, од примерите погоре воочливо е дека Павловото (класично) условување е фундаментална форма на стекнување искуство од средината и модификација на однесувањето преку асоцијативно учење. На условување се подложни секакви организми, од најпростите до најсложените животински видови.


Поважни зборови:

Фобија – Ирационален и упорен страв од одреден објект, настан или ситуација кој го нарушува нормалното функционирање на индивидуата и создава акти на ирационално однесување со силно одбивање (пр. фобија од летање).

Асоцијативно учење – Вид на учење каде се формираат врски (асоцијации) меѓу два елементи. Елементите може да бидат два стимули, ментални настани, физички настани, локации, итн.

Фетиш – Објект кој предизвикува стекната сексуална возбуда, иако вообичаено нема директна сексуална функција (на пр. градник).


  1. Hollis, K. L. (1997). Contemporary research on Pavlovian conditioning. A “new” functional analysis. American Psychologist, 52(9), 956–965. http://www1.appstate.edu/~kms/classes/psy5150/Documents/Hollis1997.pdf  ↩
  2. Fuchs, A. R., Ayromlooi, J., & Rasmussen, A. B. (1987). Oxytocin response to conditioned and nonconditioned stimuli in lactating ewes. Biology of Reproduction, 37, 301–305. http://dx.doi.org/10.1095/biolreprod37.2.301  ↩
  3. Gustavson, C. R., Kelly, D. J., Sweeney, M., & Garcia, J. (1976). Prey-lithium aversions. I: Coyotes and wolves. Behavioral Biology, 17(1), 61–72. http://dx.doi.org/10.1016/S0091-6773(76)90272-8  ↩
  4. Domjan, M. (2005). Pavlovian conditioning: A functional perspective. Annual Review of Psychology, 56, 179–206. http://dx.doi.org/10.1146/annurev.psych.55.090902.141409  ↩
  5. Mizerski, R. W., & Dennis White, J. (1986). Understanding and using emotions in advertising. Journal of Consumer Marketing, 3(4), 57–69. http://dx.doi.org/10.1108/eb008180  ↩
Ознаки: , , , , , , ,

Споделете ја содржината на социјалните мрежи!

Слични написи:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите