Праговите на перцепцијата: апсолутен праг

Во 1860 год. една книга радикално го менува мислењето на многу тогашни научници и филозофи кои сметале дека човечкиот ум не може објективно да се мери. Германскиот физичар Густав Теодор Фекнер (1801–1887) ја објавува “Елементи на психофизиката”, книга со која практично психологијата станува експериментална наука.

Психофизиката ја проучува релацијата помеѓу физичката стимулација врз сетилата и перцепцијата која произлегува од таа стимулација. Таа има за цел физички да ја квантифицира перцепцијата и тежнее да одговори на две битни прашања:
1. Кое е најмалото количество на дразбена енергија коешто може да предизвика одредена перцепција? (на пр. кој е најтивкиот звук кој можеме да го чуеме?)
2. Која е најмалата разлика во интензитетот на две дразби што може да се перцепира? (на пр. колку два звучни тона треба да се разликуваат еден од друг за да се забележи нивната разлика?)

Првото прашање го дефинира апсолутниот праг на даденото сетило, додека второто прагот на дискриминација (разликување) помеѓу две дразби. Поинаку кажано, првиот праг одредува присуство или отсуство на дразби, додека вториот праг ја отсликува способноста за детекција на разлики помеѓу две, веќе перцепирани дразби. Во овој напис поопширно ќе го објасниме апсолутниот праг.

На Слика 1 е прикажан хипотетички експеримент каде задачата на учесникот е да притисне едно копче доколку забележи круг со интензитет на видливост од 1 до 5 во центарот на квадратот и друго копче доколку не го забележи истиот. Овие стимули наизменично и произволно се прикажуваат на компјутерски екран и се повторуваат повеќе пати (понекогаш во ваквите експерименти секој интензитет поединечно може да се прикаже дури и по 100 пати). По завршувањето на експериментот, добиените податоци се анализираат и се пресметува процентот за тоа колку пати кругот бил детектиран во за секој интензитет поединечно. Секој податок се претставува во графикон и се вметнува психометриска функција што всушност ја претставува линијата која најблиску поминува до секоја точка. Ваквите психометриски функции честопати изгледаат како на Слика 1, т. е., во форма на англиската буква “S”.

Слика 1. Пример за психометриска функција која го прикажува апсолутниот праг на детекција на светлината во хипотетички експеримент. Во центарот на квадратот се појавува круг со различен интензитет на светлина од 1 до 5. Задачата на учесниците во екпериментот е да притиснат копче доколку го забележат кругот. Во овој случај апсолутниот праг се наоѓа некаде околу интензитетот означен со 3 (во зависност од вашиот екран, кругот со интензитет 3 може да биде јасно воочлив, но може и да не се гледа. Доколку не го забележувате, доближете се до екранот.).

Од конкретниот пример во Слика 1 може да се заклучи дека апсолутниот праг на детектирање на кругот се наоѓа некаде околу стимулот со интензитет 3, затоа што токму тоа е интензитетот во кој нашиот учесник го детектира кругот 50% од времето (тоа значи дека ако интензитетот 3 е прикажан 100 пати, учесникот го детектира кругот половина од времето, т. е., 50 пати).

Перцепцијата е феномен кој е крајно варијабилен и затоа апсолутниот праг може да се менува во зависност од неколку фактори. Тој во голема мера зависи од видот на стимулација (светлина, звук, вкус, итн.), адаптирањето на стимулацијата (на пр. прагот за светлината ќе биде многу повисок доколку влегувате од светла во темна просторија), времетрањето на стимулацијата и нејзината просторна дистрибуција, критериумите за детекција (построги и полабави), како и индивидуалните разлики кај луѓето.

Ваквите екперименти се исклучително интересни и со малку напор, можете да си ги измерите вашите апсолутни прагови за најразлични видови стимули. Во следниот напис поопширно ќе објасниме за прагот на дискриминација или детектирањето на најмалата разлика помеѓу два лесно перцептибилни стимули.

Ознаки: , , , ,

Споделете ја содржината на социјалните мрежи!

Слични написи:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите