Неодамна Њу Јорк Тајмс пренесе дека во Пенсилванија, САД, се појави птица северен кардинал (Cardinalis Cardinalis) кај која десната половина е мажјак, а левата женка. Имено кај овој вид на птици, мажјаците се изразено црвени, додека женките се кафеави со малку црвено на крилјата и опашката. Кај ретката птица од Пенсилванија, десната страна е црвена како кај мажјаците, а левата кафеава како кај женките.

Оваа ретка појава се нарекува гинандроморфија. Како што објасни Даниел Хупер, биолог од лабораторијата за орнитологија на Корнел универзитетот, можно е оваа појава да е резултат на фузија, соединување, на два ембриона, едниот машки, а другиот женски. Ембрионите се оплодени независно, и покасно се споиле во еден организам, како јајце со две жолчки.
Друга можност е јајцето од кое се извела оваа птица да ги содржело и двата вида на хромозоми од мајката. Имено обратно од луѓето кај кои женските клетки содржат XX полови хромозоми (т.е. два X хромозома), а машките XY (т.е. еден X и еден Y), кај птиците женските полови хромозоми се различни, (означени како Z и W), додека машките клетки содржат два Z хромозома. Јајцата пред да се оплодат содржат само еден женски хромозом, или Z или W. Во овој случај, можно е јајцето да ги содржело и двата хромозома, а било оплодено со два сперматозоида, секој носејќи по еден Z хромозом. Ваквата “супер-клетка” можно е да се поделила на две, една женска а другата машка и така двете формирале гинандроморфен, и машки и женски, организам.

Ваквото двојно оплодување, иако ретко, неодамна по вторпат беше забележано и кај човечки ембриони. Како што пренесе Гардијан, во Австралија се родиле близнаци кои се полуидентични. Идентичните близнаци настануваат така што двата ембриона се резултат на поделба на едно јајце, оплодено од еден сперматозоид. Неидентичните близнаци пак се секој од свое јајце, оплодено со по еден сперматозоид, независно еден од друг. Во случајов во Австралија, полуидентичните (сесквизиготните) близнаци настанаа од едно јајце кое било оплодено од два сперматозоида. Едниот сперматозоид содржел X хромозом, а другиот Y хромозом. Близнаците носат мешавина клетки со XX и XY хромозоми. Кај едното дете преовладуваат клетките со XX хромозоми, тоа дете е со типични женски полови карактеристики. Кај другото дете преовладуваат клетките со XY хромозоми, и тоа е машко.
Во претходен случај забележан во САД, едно од децата со ваква мешавина на клетки, се родило со гениталии кои не биле дефинирани како строго женски или машки, т.е. било интерсексуално (терминот хермафродит веќе не се користи во литературата).
Насловна фотографија, Conchita Wurst: Albin Olsson [CC BY-SA 3.0], via Wikimedia Commons