Когнитивни науки

Зошто луѓето се религиозни?

Нашиот вид, покрај сите доблести и маани, има еден универзален белег – религијата.

Во опширно истражување утврдено е дека приближно 84% од светското население практикува некаков облик на религија, додека пак, останатите 16% не изразиле верска припадност [1]. Невробиологот и приматолог, Роберт Саполски, религиозноста во видеото подолу ја опишува како природен антидепресант кој допринесува за поголема социјална кохезија меѓу луѓето, намалување на стрес при соочување со негативни настани, емотивен комфор и други здравствени бенефити. Индикативно е тоа што религијата не е скорешна појава. Во историски рамки, луѓето од сите култури и народи покажувале склоност кон верувања во натприродни сили. Се поставува прашањето: зошто? Постои ли биолошки императив којшто во текот на хуманата еволуција ги обликувал нашите мозоци во таа насока? Во продолжение ќе разгледаме неколку можни образложенија.

Според проф. Роберт Саполски, религиозноста е природен антидепресант кој допринесува за поголема социјална кохезија меѓу луѓето.

Религиозноста како „мем“

Биологот Ричард Докинс е автор на неологизмот познат како мем (англиски: meme, или во превод – имитација) [2]. Според Докинс, мемот претставува феномен кога нечија идеја се усвојува, а потоа масовно се реплицира и пренесува во општеството. Како аналогија можат да послужат гените кои, исто така, се реплицираат сѐ со цел да се загарантира нивниот опстанок. Токму на овој начин се одвива културна еволуција – идеите се пренесуваат, зачувуваат, се видоизменуваат, изумираат, итн. Оние идеи кои биле трајно зачувани, ја преживеале селекцијата на безброј други идеи бидејќи носеле определен бенефит. Ваквото својство на вирус што се шири, Докинс им го припишува и на религиските идеи. Тие опстоиле низ историјата бидејќи нивната есенција нудела комфор, т. е. гарантирала задгробен живот [3]. Сепак, оваа хипотеза нуди само делумен одговор со којшто се објаснуваат спецификите и разликите меѓу поединечните религиски верувања и идеи како што се, на пример, будизмот и исламот, но се чини дека не ја согледува религиозноста како универзална појава која можеби со причина била фаворизирана од природната селекција.

Религиозноста како биолошка адаптација

Во биолошките науки под терминот адаптација, се подразбира акумулација на карактеристики коишто на организмот му обезбедуваат подобри шанси за опстанок и репродукција во услови кога средината се менува. Како и повеќето видови примати, така и луѓето еволуирале во социјални групи кои во праисторијата броеле приближно 150 единки [4]. Во контекст на религиозноста, хипотезата вели дека еволуцијата донела адаптации кои не само што носеле бенефити за единката, туку и за групата во којашто таа припаѓала. Групите што демонстрирале високо ниво на меѓусебна соработка имале значително поголеми шанси за опстанок, за разлика од оние кои не соработувале. Па така, со цел да се зајакне соработката меѓу членовите во групата, како и да се избегнат потенцијални експлоататори и себично однесување, човекот еволуирал со специфични психолошки механизми на верувања во натприродни агенси кои казнуваат престапи и наградуваат примерно однесување во склад со моралните кодекси [5]. Сѐ уште не постојат убедливи докази за потврдување на оваа хипотеза, иако постојат истражувања што се во нејзин прилог [6].

Религиозноста како последица на други адаптации

Според ова гледиште, религиозноста е последица на претходно еволуирани когнитивни и емоционални адаптации кои заедно ја концептуализираат религиозната мисла [7]. Имено, опстанокот на човекот зависел од тоа дали ќе биде параноичен и претпазлив на многу критични сигнали од околината. На пример, шумот на лисјето, гласовите во ветерот, крцкањето на гранките – сите овие сигнали биле доволен индикатор за мобилизација и реакција во случај на непосреден напад од непријатели или предатори. При вакви околности, човекот бил подложен на две грешки: (1) лажнo-позитивна грешка – постојано да гледа закани дури и таму каде што ги нема; (2) лажно-негативна грешка – во поголемиот дел од времето сигналите се игнорирале и се интепретирале како безопасни [8]. Кај лажно-позитивната грешка навидум се работи за параноја и ирационален страв, но со оглед на тоа што луѓето во минатото неретко се соочувале со опасни појави, ваквиот психолошки механизам бил повеќе од неопходен за опстанок. Цената за лажно-негативната грешка била висока, бидејќи во еден од сто случаи, зад крцкањето на гранките навистина може да демне непријател. Со ваквата способност за детектирање на агенси и анимистичко и антропоморфично придавање својства на живи и неживи појави, веројатно се издигнала и религиозната мисла.

Заклучок

Се чини дека религиозното мислење е природно и луѓето многу брзо го усвојуваат, за разлика од критичкото мислење кое не е својствено за нашиот вид и за коешто неопходен е мисловен напор. Со оглед на биолошката и културната сложеност, за феноменот религија, барем засега, нема научен консезус со убедлива емпирична генерализација која го опишува нејзиното постоење. Постои тенденција поголемиот дел од истражувачите да ја фаворизираат хипотезата за религиозноста како последица на други адаптации, но бидејќи истражувањата во овој домен допрва започнуваат, конечните заклучоци на оваа тема ќе ги зачуваме за во некоја друга прилика.


  1. Pew Research Center, 2012: The Global Religious Landscape.  ↩
  2. Dawkins, Richard (1989) The Selfish Gene. Oxford: Oxford University Press. стр. 189-201.  ↩
  3. Dawkins, Richard. (2006) The God Delusion. Bantam Books. стр. 231.  ↩
  4. Dunbar, Robin. (2010). Coevolution of neocortical size, group size and language in humans. Behavioral and Brain Sciences, 16(4), 681-694. http://dx.doi.org/10.1017/S0140525X00032325  ↩
  5. Watts, J. et al. (2015) Broad supernatural punishment but not moralizing high gods precede the evolution of political complexity in Austronesia. Proceedings of the Royal Society of London B: Biological Sciences. http://dx.doi.org/10.1098/rspb.2014.2556  ↩
  6. Piazza, J., Bering, J., & Ingram, G. (2011) “Princess Alice is watching you”: Children’s belief in an invisible person inhibits cheating. Journal of Experimental Child Psychology, 109(3). стр. 311-320. http://dx.doi.org/10.1016/j.jecp.2011.02.003  ↩
  7. Atran, S., & Norenzayan, A. (2004). Religion’s evolutionary landscape: Counterintuition, commitment, compassion, communion. Behavioral and Brain Sciences, 27(6), стр. 713-730. http://dx.doi.org/10.1017/S0140525X04000172  ↩
  8. Atran, S. (2002). In Gods We Trust. Oxford: Oxford University Press. стр. 67-71  ↩
адаптацијабиологијаеволуцијаисламисторијарелигијарелигиозностстатистикахристијанство
Претходен написи
Што вели науката за четирите најчести митови против вакцинирањето?
Следен напис
И мажјак и женка

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите