Биолошки науки

Да се преброиме

Кои нè има повеќе, бактерии или луѓе? Дали има повеќе растенија или животни на светот? Кои организми доминираат на Земјата? Црвите или птиците?

На овие и слични прашања, група на научници од Израел и САД се обиде да одговори во еден од првите трудови од ваков вид, објавен минатата година. Со комбинација на методи на мерења, проценки и обработка на објавени податоци во научната литература, групата дојде до резултатот прикажан на Слика 1. Секоја поголема група на организми, растенија или животни на пример, е претставена со обоена површина на квадратот кој ја содржи проценката за сите организми на Земјата. Големината на површината е пропорционална на вкупната маса (биомаса) на сите единки во таа група, изразена во гигатони јаглерод. Зелениот регион на Слика 1А, на пример, претставува проценка дека масата на јаглерод која ја содржат сите растенија на светот е околу 450 гигатони. Бактериите, портокаловиот регион, се проценети на 70 гигатони итн.

Слика 1. Графичка репрезентација на глобалната дистрибуција на биомасата. На делот А се претставени сите организми, а на B подгрупите на животните.

Слика 1А покажува дека на Земјата доминираат растенијата со 450 гигатони биомаса. Потоа следат бактериите, со 70 гигатони. Иако можеби е неочекувано мали организми како бактериите да доминираат, причината за ваквата проценка е нивното присуство насекаде на планетата, дури и длабоко под земја, нешто за што неодамна пишувавме. Потоа следат габите (мувлата, печурките, квасецот итн.) со 12 гигатони, археите (едноклеточни организми слични на бактериите) со 7 гигатони, протистите (едноклеточни организми слични на растенијата, животните и габите) со 4 гигатони. Животните, со 2 гигатона се скоро последни по застапеност. Помалку од животните ги има само вирусите, 0,2 гигатони.

Од животните, претставени на Слика 1B, најмногу се застапени членконогите (ракови, инсекти, скорпии, пајаци итн.) кои чинат скоро половина од сите животни со 1 гигатон. Потоа следат рибите со 0,7 гигатони. Следни се мекотелите (полжави, школки, октоподи, сипи, лигни итн.) кои ја делат позицијата со прстенестите црви, анелиди (дождовни црви, пијавици и сл.) со 0,2 гигатони. Домашните животни (стоката, свињите, кокошките, овците итн.) ги има исто колку и жаркарите, книдариите (медузи, корали, полипи) со 0,1 гигатон. Луѓето со 0,06 гигатони водат пред цевчестите црви, нематоди (некои од нив ни живеат во цревата како паразити) кои ги има 0,02 гигатони.

Цицачите (освен луѓето и домашните животни) ги има многу малку. Сите китови, кенгури, жирафи, зебри, елени, лавови, глувци, верверички… земени заедно ги има само 0,007 гигатони. Птиците се последни со 0,002 гигатони. Птиците доаѓаат како декорација на светот, како да се тука да ни го разубават животот.

бактериибројгабигигатонидоминацијаживотниземјајаглеродни наноцевкилуѓемекотелипротистирастенијацицачичленконоги
Претходен написи
Најдобриот млад научник за 2018: разговор со Томе Ефтимов, информатичар и постдокторант на Стенфорд [#4]
Следен напис
Ексел: водење евиденција на вашиот буџет, трошоците и приходите [#5]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите