Биолошки науки

Подземен екосистем кој содржи милијарди организми

Земјата содржи многу повеќе живот од оној кој го гледаме околу себе. Како што деновиве пренесе британскиот Гардијан, под земјината површина се крие екосистем двапати поголем од оној во океаните. Проценето е дека и покрај екстремните услови на кои се изложени организмите во таа средина (екстремна температура, отсуство на светлина, незначително присуство на хранливи материи и огромен притисок), оваа подземна биосфера содржи од 15 до 23 милијарди тони микроорганизми, многу повеќе од целокупната маса на сите луѓе во светот. Подземниот екосистем се простира и до длабочини од 5 километри.

Нематода, цевчест црв кој живее во биофилм (слој составен од микроорганизми), 1.4 километри под површината на земјата (Gaetan Borgonie et al. Nature Communications).

Според процените на тимот на опсерваторијата за длабок јаглен кој ги спроведе истражувањата, и бројот на видови на организми присутни во овој екосистем е огромен. Диверзитетот може да се спореди со оној на прашумата во Амазонија или на Галапагос островите. Научниците исто така, дојдоа до заклучок дека 70% од целокупната популација на бактерии и археи (едноклеточни организми слични на бактериите) на Земјата живеат под површината.

Процесите и циклусите во овој екосистем се исклучително бавни. Карактеристичните временски периоди се на скала на геолошките процеси. Биолошките циклуси на површината на Земјата, за споредба, се брзи и траат денови, месеци и години. Под површината, движењата на тектонските плочи и сличните геолошки појави, процеси кои траат илјадници години, ги диктираат временските карактеристики на подземниот екосистем. Заради ваквата бавна динамика и недостатокот на хранливи материи во оваа средина, некои од организмите во екосистемот се „зомбиа“, т.е. во состојба на стаза (застој) при која метаболизмот во клетките е екстремно бавен.

Ова истражување ќе помогне и во егзобиологијата, науката која се занимава со можноста за постоење на живот вон нашата планета. Откритието на подземната биосфера покажува дека планетите кои на прв поглед изгледаат безживотни, можеби содржат организми длабоко под површината.

вонземјанивонземни цивилизациигенетски модифицирани организмиекосистемживотземјамикроорганизминематодиподземје
Претходен написи
Врската меѓу јазикот и музиката
Следен напис
Кога мрзата е начин на живеење

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите