Во екот на глобалната закана од вирусот SARS-CoV–2 (познат како коронавирус), јавноста е преплавена со многу (дез)информации и во тоа силно разбранувано море човек лесно може да потоне и/или да почне да се сомнева дека знае да плива.
Информации на македонски јазик за секојдневната динамика на пандемијата предизвикана од коронавирусот може да најдете на https://vlada.mk/covid19 и http://www.iph.mk/.
Со желба за што поголема достапност на науката за пошироката јавност, ви пренесуваме дел од дискусијата што во средата (11.3.2020 г.) се одржа на онлајн-канал меѓу членовите и соработниците на „Наука за сите“ токму на тема коронавирус. Гостуваше проф. д-р Елисавета Стикова, професор на УКИМ – Медицински факултет и советник за здравствени политики во Институтот за јавно здравје, која на прашањата од учесниците ги изнесе своите лични мислења и ставови во однос на ситуацијата со коронавирусот во земјава и светот, како и препораките за превенција од ширење на вирусот.

Додека разговаравме постојано пристигнуваа нови податоци, па така за време на дискусијата дознавме дека на ниво на нашата земја бројот на заболени од корона се искачи од 7 на 9 и дека на светско ниво се прогласи пандемија. Сите останати податоци и информации се од периодот пред дискусијата.
1. Дали мерката за 14-дневно затворање на училиштата и препораките за работа од дома е потребна и дали е навремена?
Иако детската популација е најмалку погодена од коронавирусот, оваа мерка како можност за ограничување на движењата и контактите меѓу луѓето, а со тоа и евентуалното ширење на инфекцијата, е во функција на овозможување целиот процес на ширење на болеста да биде развлечен на подолг временски период. Според бројките, неофицијалните информации и регистрациите коишто се направени, веројатно веќе сме во фаза на пренос на болеста во заедницата (local transmission) што ги оправдува навремените ограничувачки мерки на движење и комуникација со кои може да се пресече тоа пренесување. Од аспект на известување и управување со ризикот, ваквите мерки ја мобилизираа јавноста за посериозно да ја сфатиме заканата со којашто се соочуваме.
2. Како се пренесува коронавирусот?
Главниот начин е преку директно пренесување, преку капките кои излегуваат кога зборуваме, киваме, кашламе. Но вирусот се пренесува и индиректно, преку површини кои се загадени, а ние ги допираме, па со така загадени раце си ја допираме устата, носот или очите. Спречувањето на можноста за контакти меѓу луѓето значително го намалува ризикот и за директен пренос на евентуална инфекција и за индиректен пренос. Со други зборови, колку помалку луѓе надвор од домовите – толку подобро.
3. Ако бројот на умрени лица во светот од грип е поголем од бројот на умрени од корона, дали тоа значи дека вирусот не е толку страшен?
Светот циклично се соочува со т.н. пандемии, односно со заразни болести кои силно зафаќаат огромен број население на светско ниво. Пандемијата со шпанската треска (грипот) од 1918 година резултираше со 50 милиони жртви и нанесе огромни губитоци на заедницата. Во последните дваесетина години ги имаме SARS-от во 2003 г., па MERS-от во 2012 г. и еве сега се наоѓаме на прагот на пандемијата со SARS-CoV–2. Ние од 1918 година живееме со грипот, тој е постојано присутен, со сите свои мутации коишто ги носи, кружи од 1918 досега и пак имаме смртност, која е помала од еден процент. Но, суштината на овој миг сега не е во смртноста како бројка, туку во математиката на големите броеви. Од 31 декември наваму ние се наоѓаме пред опасност дека ќе колабираат системите поради брз (експоненцијален) раст на бројот на заболени. А тоа значи недостаток на соодветни здравствени ресурси, блокирање на сообраќајот и на критичните инфраструктури. Интензивните активности што се спроведуваат се токму од овие причини – времето за коешто населението ќе се запознава со вирусот да го продолжиме на две, на три години и смртноста и заболувањето да си земат свој тек, а ресурсите да можат да ги задоволат потребите.
4. Бројките на светско ниво се големи, многу брзо се разболуваат луѓе од корона и во еден момент ќе имаме некоја инка низ која нема да можат да поминат толку луѓе. Значи во основа купуваме време?
Ние сакаме да се контролира бројот на заболени за да може сите да добијат грижа во добри болнички услови. Ако успееме наместо една експоненцијална крива со врв, во краток период да добиеме една крива којашто ќе биде развлечена, тогаш ќе имаме здравствен персонал на располагање да пружи соодветна здравствена заштита, ќе имаме болнички кревети, апарати, лекови, маски, лични заштитни средства, ќе се овозможи заштита на работниците и континуитет на бизнисот во заедницата. Оттука произлегуваат овие интензивни мерки и напори за контрола на инфекцијата и превенција на сите нивоа.
5. Имаме голема варијација на процентот на смртност – во Кореја е 0,6%, а во Италија околу 5%. Од што зависи смртноста?
Најчесто користената бројка е дека смртноста е меѓу 3 и 3,5%. Но во овој случај зборуваме за смртност од пријавените случаи (case fatality ratio), а многу е веројатно дека процентот е помал затоа што не сите случаи се евидентирани. Сè уште не знаеме колку луѓе го прележуваат вирусот без да видат доктор, но доколку има многу такви случаи тогаш смртноста е пониска од пријавените проценти. Од друга страна, ако имаме недостаток на болнички ресурси и дојдеме во ситуација заболени да не добиваат соодветна нега, тогаш смртноста ќе биде повисока.
6. Важна бројка во епидемиите е R0 – предвидување колку луѓе се очекува да зарази секој што е болен од одредена болест. Колку е R0 на коронавирусот?
R0 е бројка која ни кажува колку е заразна една болест. Во овој момент ни овој фактор не може прецизно да се пресмета, затоа што треба потенцијално новозаболените луѓе да бидат без било какви мерки на лекување и ограничување, а ние насекаде во светот ги преземаме тие мерки. Според најновите податоци R0 на КОВИД–19 е околу 2 (1,49–3,9) и со тоа е околу двапати позаразен од сезонскиот грип (Слика 1).

7. Во поглед на професионалното здравје, кои се препораките за медицинските работници и за останатите работници во општеството кои работат во услужни дејности во поглед на заштита од ризиците на коишто се изложуваат? Со други зборови, што да преземеме сега за нашата инфраструктура да може да функционира?
Работниците и општата популација се два различни аспекта. За општата популација е надлежна владата, Министерството за здравство, државата. За работниците и нивното здравје се задолжени работодавачите. Во ваква ситуација работодавачите имаат обврска да го заштитат здравјето на работниците и да спречат нивните работници да шират инфекција, се разбира во согласност со националните препораки на надлежните органи и тела. Во овој момент посебно е важно здравствените работници да ги заштитиме од ризикот, бидејќи тие ни се сега најпотребни за да можат соодветно да реагираат.
Можеби насетувајќи една ваква состојба, пред две недели објавивме презентација на веб-страницата на Лекарската комора за тоа како треба да се заштитат здравствените работници, преку примена на стандардни мерки за превенција. За жал, искуството говори дека кај нас малку се знае што е лична заштитна опрема, што е разликата меѓу маска и респиратор, како се става маска, по кој редослед се става опремата и по кој редослед се вади…
Околу маските, треба да се истакне дека тие се препорачуваaт за болните, за да спречат нивните респираторни капкички да дојдат до здравите. Од друга страна маските се покажаа како некорисни во заштитата на населението и/или работниците, затоа што тие всушност стануваат дополнителен извор на инфекции, пред сè ако се носат неправилно или ако после подолготрајна употреба се навлажнат. Ова посебно важи за маските за еднократна употреба, што се најчесто употребуваните маски кај нас.
За да се заштитат работниците секако една од најзначајните мерки е одржување на социјална дистанца, респираторната хигиена и хигиената на рацете. Впрочем, ова засега се најефикасните мерки за заштита и на општото население од сите возрасни групи. Не смее да се поздравуваме, да се допираме, да се гушкаме, не смее да користиме заеднички предмети за општа употреба без тие да бидат дезинфицирани со гел или мокри шамивчиња за дезинфекција на база на алкохол и се разбира, треба што почесто да се мијат рацете. Дефинитивно е покажано дека тоа се најзначајните мерки за превенција што во овој момент може да го спречат ланецот на ширење на инфекцијата или барем да го успорат нејзиното ширење во заедницата.
Дополнително, до секој работник којшто обезбедува услуги (телекомуникација, трговија, банкарство, сообраќај…) треба да има средство за дезинфекција на рацете и работните површини, пристап кон вода и сапун за миење на рацете и канта за правилно отстранување на употребените хигиенски и други средства за работа.
8. Според веќе виденото на светско ниво, ако не се преземат мерки, секоја недела се дуплира бројот на болни, а со тоа и ризикот. Што можеме да научиме од искуството на другите земји кои се борат со вирусот?
Последниве денови Кина регистрира помалку од стотина случаи дневно. Од друга страна Италија се соочува со страшни последици токму поради неприменување на овие мерки. Откако Италија почна да ги применува препораките, денес (среда) е првиот ден кога Италија покажува помал број на случаи од претходниот ден, што може да е почеток на тренд, а може да е и случајност, нормално. За целава ситуација, засега имаме прекратко време и премалку случаи за да можеме да донесуваме аргументирани заклучоци, но бездруго треба да ги следиме позитивните искуства на другите земји.
9. Дали вирусот се пренесува за време на инкубацијата?
Периодот на инкубација варира меѓу 2 до 14 дена, со просек од 5 до 7 дена. Сè уште е нејасно дали може да се заразиме од некого во период на инкубација, но има индикации дека ризикот за пренесување на вирусот треба да се бара кај оние луѓе коишто минуваат асимптоматски, без знаци на болест или кои имаат лесна клиничка слика, затоа што од тешко заболените лесно е да се чуваме.
10. Колку затоплувањето, односно зголемувањето на температурата со доаѓањето на пролетта/летото ќе помогне во борбата со вирусот?
Пред неколку недели проструија информации дека ова е сезонски вирус, како грипот, меѓутоа веднаш стигнаа демантите дека воопшто не е ни од слична фамилија како вирусот на грип, дека нема да има сезонски варијации и дека треба да очекуваме дека овој коронавирус ќе биде целогодишен. Но, од друга страна има информации дека вирусот е чувствителен на високи температури и на ултравиолетово зрачење, а тоа би значело дека веројатно токму поради тој факт го има помалку во топлите земји во овој момент. Ако е тоа така, можеме да очекуваме дека со појавата на сончевите и потопли денови ќе спласне вируленцијата и можноста да се шири, но засега тоа е само претпоставка и мерките за превенција не треба да ги темелиме на ова очекување, туку со несмалено и уште посилно темпо треба да се продолжи со противепидемиските мерки.
11. Во кој друг аспект можат да настанат проблеми кај нас – директно или индиректно предизвикани од коронавирусот?
Во овој момент мислам дека нам најсериозно ни недостасуваат пишани законски и етички водичи за оваа работа. Како ќе постапиме утре ако имаме повеќе случаи отколку што имаме респиратори, на кого ќе ги дадеме? Тоа е сериозен етички проблем и се однесува подеднакво на болничките кревети, лекарствата… Ние како мала земја имаме можност брзо да реагираме, но мислам дека е сериозно време да се афирмира проблемот на етичките и законските стандарди кога станува збор за постапување во итни ситуации. Реално е да се очекува дека може да дојдеме во различни фази на развој на пандемијата, кога ќе мора можеби да се донесат некои нови законски решенија. Кој е тој што ќе ги донесе, кога, како, на што тие ќе се однесуваат – ова се навистина сериозни и отворени прашања.
12. Каков е прогресот, кога може да се очекува вакцина за корона?
Во принцип, развојот на секоја вакцина е од 1 до 3 години, со сите тие фази коишто треба да бидат задоволени: лабораториско тестирање, тестирање на животни, тестирање на луѓе. Последните информации беа дека овојпат ќе треба до една година за да можат да се завршат фазите, со тоа што има предлози сега да се прескокне фазата на контрола на луѓе и да се пуштат во промет вакцините. Во тој случај, би можело 6 до 9 месеци отсега да се очекува развој на вакцина. Тоа е натпревар меѓу технологиите и компаниите и повторно ова е етичко прашање, дали да се дозволи да се прескокне фазата на експериментална студија на луѓе што се прави во нормални услови за да се утврди безбедноста на вакцината. Сепак, според мене, реална е проценката е дека за една година би можеле да имаме вакцина.
13. Дали има работи кои може да ги правиме за да го зајакнеме имунолошкиот систем?
Точно е дека треба да се работи на одржување на имунолошкиот систем со сè: одмор, спиење, здрава исхрана, физичка активност, но не и на неоправдано т.н. „билдање“ на имунитетот со лекарства или суплементи. Искуството досега покажа дека најголема е смртноста кај старите и кај луѓето коишто веќе имаат некакви хронични болести. Нивниот имунитет по редица основи е компромитиран. Ако се стари и дополнително ако имаат хронични болести со оштетување на виталните органи, тогаш е за очекување дека тие ќе бидат најчувствителна група на населението. Слична е ситуацијата и со помладите кои имаат веќе оштетена функција на органите, особено ако се тоа белите дробови. Сите оние кои имаат малигни заболувања, или се на хемотерапија, би требало да бидат ставени во изолација, затоа што тие се сериозно имунокомпромитирани.
14. Што е со децата кои имаат недоразвиен имунолошки систем а сепак не заболуваат лесно од коронавирусот?
Да, на децата им дозрева имунитетот, но тие имаат доволен имунитет да се справуваат со сите ризици во коишто живеат. Сè уште е непознаница зошто децата не се целна група на коронавирусот. Сите вируси и бактерии си имаат свои специфики и веројатно има нешто поврзано со овој вирус зошто некои групи се заштитени од него.
15. Што би била вашата препорака, заклучок за крај на овој разговор?
Се наоѓаме во трка со времето. Како илустрација, направена е симулација за тоа што се случува со инфекцијата доколку не се применат мерките за социјална дистанца, доколку започнат да се применуваат во 20-от ден од појавата на болеста во популацијата, или доколку се применат во 21-от ден (Слика 2).

Во првиот случај (без мерки за социјална дистанца) отпочнува фазата на експоненцијално ширење на болеста и тоа е она што мораме да го избегнеме. Но, она што фасцинира е дека разликата помеѓу втората и третата симулација е преку 20 проценти во бројот на заболени, иако разликата е само еден ден. Овој податок го наметнува општиот заклучок за справување со новозаканувачката пандемија дека секој ден е драгоцен! Затоа останете дома, ограничете ги контактите само на оние нужните, почитувајте ја социјалната дистанца (најмалку 1,5 метар од здравите и околу 3 метра од лицата што кашлаат или киваат), не се ракувајте, не го допирајте лицето, носот и устата, мијте ги рацете и одржувајте ја хигиената на површините, особено на оние што ги допираат повеќе луѓе.
1 Коментар. Напиши коментар
Силно информативно, научно, и како освежување од повеќето разни известувања, – лектурирано и без материјални и печатни грешки. Благодарам!