Биолошки науки

Водич за тестирање на машката плодност (прв дел)

Не е тајна дека непосакуваната неплодност не е само женско прашање. Машкиот фактор е одговорен или допридонесува кон одреден проблем поврзан со плодноста во речиси 50% од случаите. Секако дека женскиот партнер треба да биде проверен ако еден пар има потешкотии со создавање потомство, но за среќа постојат повеќе опции за проценка на женската плодност за разлика од машката за чија евалуација има многу помал клинички фокус и помалку опции.

За оние од вас кои можеби се засегнати од оваа тематика, во продолжение создадовме кратка листа која ги наведува сите опции кои се достапни денеска за проценка на машкиот фактор во оваа комплексна и често повеќефакторна патологија.

Прв чекор: посета кај вашиот доктор

Сѐ започнува со евалуација од страна на матичниот лекар или гинекологот на женскиот партнер (поставување анамнеза). Најчесто ова се случува кога женската страна е веќе испитана, но во идеален случај би требало да се одвива паралелно. Клиничката пракса согледува дека мажите не посетуваат доктори толку често колку што жените и секако со помала веројатност порано разговарале за плодноста со својот доктор.

Лекарот ќе процени дали на пример сте земале лекови или имале операции во минатото кои може да влијаат на плодноста. Тој или таа, исто така, ќе сака да знае за вашиот животен стил, навики и вашата општа здравствена состојба. Иако сè уште не е доволно разјаснета поврзаноста, постојат докази дека фактори како зголемена телесна тежина, претерано вежбање, пушење или употребата на одредени лекови можат да влијаат на вашата плодност. Лекарот ќе се обиде да пронајде некои од овие проблеми.

Ако првичното испитување укаже на абнормална репродуктивна медицинска историја, можно е мажот да биде упатен на уролог.

Втор чекор: физички преглед за проверка на блокади

Една од причинителите на машката неплодност може и да е блокада која ја спречува спермата да излезе од тестисите. Оваа блокада може да биде предизвикана од дефекти при раѓање, ткиво со лузни од претходна операција или од варикоцели (проширени вени во скротумот). Обично, варикоцелите не предизвикуваат симптоми, но ги има кај 35% од мажите со примарна неплодност (неможноста за имање прво дете) и кај 75–81% од мажите со секундарна неплодност (неможноста за имање второ или понатамошно дете).

Се верува дека тие се едни од најчестите причинители на машка неплодност, а мажите со варикоцели често имаат помал волумен на тестисите, намален број на сперматозоиди и нарушен квалитет на сперматозоидите. Ако при прегледот се откријат варикоцели, може да се размислува за операција преку која или би се отстранила блокадата или би се извлекло сперма за употреба во ИКСИ [1].

Трет чекор: спермограм – универзален стандард

Спермограмот е најчесто користен тест за проценка на машката плодност. Спермограмот покажува дали мажот има сперматозоиди во својата сперма, како и нивниот број, форма и начин на движење. Спермограмот испитува и други вредности како pH вредноста на ејакулатот, неговиот изглед (боја и густина) и волумен кои се параметри поврзани со функцијата на тестисите, околните жлезди како и целосниот процес на формирање на сперма.

Неколку параметри на спермограмот се битни. Дури и ако овие параметри се во рамките на нормалата, спермограмот не може да утврди дали сте или не сте плодни затоа што спермата не е секогаш здрава како што изгледа. Анализата на спермата исклучува само неколку од најчестите проблеми со плодноста кај мажите, но е можеби најважниот дијагностички чекор што треба да се преземе. Запомнете дека неплодноста е комплексен проблем – не само со една причина – и на вашиот лекар му се потребни сите можни информации за да обезбеди најдобар третман. Тие параметри се:

  • Концентрација на сперматозоиди: ова е мерка за колку сперматозоиди се присутни во милилитар произведена сперма. Долната граница која е прифатена за нормална е 15 милиони во милилитар. Пониски концентрации од нормалните се дијагностицирани како олигозооспермија. Кога во ејакулатот нема присуство на сперматозоиди, состојбата се нарекува азооспермија и се препорачуваат понатамошни интервенции како различни видови на тестикуларна биопсија за проверка на присуство на неејакулирани сперматозоиди.
  • Подвижност: ова е проценка за тоа колку добро се движат сперматозоидите. Барем 50% од целокупниот број на сперматозоиди треба да се движат на еден или друг начин. Меѓутоа, за нормален спермограм, 25% од сите сперматозоиди мораат да имаат прогресивна подвижност, односно, нивната траекторија на движење треба да биде права и да бидат релативно брзи. Прогресивна подвижност под 25% може да биде проблематична. Астенозооспермија е воспоставената дијагноза кога има отстапки или во вкупниот или во прогресивниот мотилитет.
  • Морфологија: овој параметар гледа колку од сперматозоидите имаат нормална форма, т.е. правилна овална сперматозоидна глава, прав врат и непрекршена опашка. Треба да има најмалку 4% сперматозоиди со нормална морфологија, но ова се смета за најмалку важен параметар за плодност. Секоја вредност под овој процент е показател за тератозооспермија.

Треба да се земе предвид дека било која комбинација од горенаведените дијагнози е возможна, односно спермограмот може да покаже отстапки од нормалните вредности во повеќе критериуми. Постојат случаи каде концентрацијата, подвижноста и морфологијата се нарушени истовремено со што дијагнозата е означена како олигоастенотератозооспермија.

Спермограмот е најдобро да се обави во клиничка андролошка лабораторија опремена со квалитетна опрема. Пациентот треба да има не помалку од 2 и не повеќе од 7 дена сексуална апстиненција за валидни резултати.

Кога спермограмот и физичкиот преглед се во рамките на нормалата и не укажуваат на одредени проблеми, постојат понатамошни испитувања коишто можат да се направат, за коишто ќе може да прочитате во следниот втор дел од оваа статија. Stay tuned 😊!

НАПОМЕНА: НЗС е информативна платформа, затоа овој текст служи за информативни цели и не нуди експлицитни медицински совети, а неговата содржина не заменува професионална експертиза или медицински третман. Доколку имате било какви проблеми поврзани со наведената тема обратете се кај стручно медицинско лице. Не игнорирајте го медицинскиот совет или не одложувајте посета на доктор поради прочитаното во оваа статија.


  1. ИКСИ – од англ. ICSI, интрацитоплазматично инјектирање на сперматозоид, најчесто користена техника во третман на неплодност, каде еден сперматозоид, со помош на специјално дизајнирана игла, директно се инјектира во јајце клетка.  ↩
бременостлабораторијамашка неплодностмашка плодностспермаспермограмтестирање
Претходен написи
Што е машинско учење? [#7]
Следен напис
Академијата во сенка

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите