Биолошки науки

Лишаите се неочекувано сложени организми

Ги знаете лишаите? Ги има насекаде. Растат на карпи, на дрвја, во шуми, тундри и пустини. Секако сте ги виделе, со нивните чудни облици кои личат на растенија или габи. Но лишаите не се само растенија или габи, туку и двете.

Пред околу 150 години, Симон Швенденер ја предложил хипотезата дека овие необични организми се заедница, композит на габи и алги (видови на растенија) кои живеат заедно. Теоријата на Швенденер била исмејувана затоа што противречела на теоријата на Дарвин за живиот свет како арена на борба за опстанок меѓу организмите. Ако живите организми се непрестано во состојба на војна во која победува најсилниот, како е возможно два организма да живеат заедно? Швенденер, веројатно заради овие критики, всушност тврдел дека габата ги има заробено алгите, кои како робови произведуваат храна за неа.

Денес знаеме дека оваа поедноставена дарвинистичка слика за живиот свет во непрестана борба за опстанок, не е точна. Габите и алгите кои ги сочинуваат лишаите соработуваат меѓусебно. Таквата заедница се нарекува симбиоза. Алгите преку фотосинтеза произведуваат органска храна за габите, но и габите ги снабдуваат алгите со минерали, вода и други хранливи материи. Значи и двата организми имаат корист од учеството во заедницата.

Но тука не е крајот на приказната за лишаите. Како што пишува во текстот на Атлантик, група научници од универзитетот во Упсала, Шведска, неодамна откри дека голем број видови на лишаи всушност се заедница на три организми. Два вида габи и еден вид алга. Овие лишаи имаат облик на сарма, цилиндрична форма чија кора е составена од габа и алга, а внатрешноста на „сармата“ е полна со друг вид на габа. Присуството на три различни видови во овој сложен организам значи дека дефиницијата на лишај во учебниците ќе треба да се менува.

Но, ни тоа не е сѐ. На брегот на Пацификот во северозападна Америка, откриени се т. н. волчји лишаи кои содржат и трет вид на габа. Значи сосе алгата, овие лишаи се составени од четири организми. Некои научници не се сложуваат дека овој трет вид на габа е дел од лишаите, заради тоа што тие габи не придонесуваат кон заедницата, туку само ја користат храната која другите ја произведуваат. Поради ваквиот паразитски начин на живот, тие габи не се составен дел од лишајот, туку се инфекција, болест. Но, од друга страна, ако овие инфекции се секогаш присутни во организмот на лишаите, а не нешто што се случува во вонредни услови, тогаш тешко е да се дефинираат како болест.

Поради овие откритија, сѐ повеќе научници го делат мислењето дека лишаите не се однесуваат само како индивидуални организми во состојба на симбиоза, туку и како екосистеми составени од повеќе видови, екосистеми во кои се случува и соработка и натпреварување. Впрочем, слично е и со нас луѓето, и бактериите кои живеат во нашите црева. Некои од бактериите се полезни за нас и придонесуваат кон варењето на храната. Но, не сите. Нашите црева содржат бактерии кои, иако се секогаш присутни, во одредени услови можат да нè испратат со брзање кон тоалетот. И ние не сме само индивидуални организми, туку и сложени екосистеми.

Лишаите, и нивната интересна комплексност, нè тераат да размислиме за некои од основните претпоставки и дефиниции во биологијата.


Препорачано за понатамошно читање:

  1. Letharia vulpina
  2. Lichen
алгибактериигабиекосистемлишаимикробиомоткритиесимбиозатоалетцрева
Претходен написи
Дигиталната револуција: придобивка или проблем за човековата еволуција?
Следен напис
Ексел: чистење непотребни знаци со SUBSTITUTE формула [#1]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите