Когнитивните способности на човекот, меѓу другото, еволуирале во насока на брза и едноставна анализа на безбројните информации што секојдневно ги бомбардираат неговите сетила. Честопати тоа е причина за „црно-бела“ или погрешна перцепција на работите, посебно во случај на нови технологии како што е интернетот.
За брзо и лесно ориентирање при секојдневното сетилно бомбардирање, човекот се усовршил во препознавање на шеми и нивно поедноставено прикажување низ црно-бели шаблони. Овие еволутивни придобивки несомнено го помогнале неговиот опстанок, но често одмагаат во секојдневното разбирање со другите луѓе. Па така, склоноста кон автоматско изнаоѓање правилности во хаосот од информации, често создава когнитивни пристрасности („cognitive biases“) и логички недоследности („logical fallacies“). Од друга страна, склоноста кон поедноставување условува дихотомно прикажување на борба помеѓу две крајни спротивставености и меѓусебни противречности.
И одеднаш, вака устроениот човек се соочува со најновата еволутивна придобивка. Интернетот. Споредено со севкупниот период на човеково постоење, соочувањето е брзо и речиси ненадејно, па тоа создава услови за потсилување на споменатите слабости. Имено, склоноста кон когнитивни предрасуди, комбинирана со неограничените можности што новата технологија може да го понуди е плоден терен за низа социјални феномени како: групно разрешување од морална одговорност, морален бес и морална паника. Тие создаваат култура на подбивање (т. е. „trolling“ или говор на омраза кој е често замаскиран како цинизам) и линч на поединци/групи (т. е. „cyber-bulling“). На индивидуално ниво пак, овие механизми служат како алиби за рационализација на штетни навики поврзани со некритичка употреба на интернетот, т. е. интернет-зависностите. И општествените и индивидуалните проблеми се опишуваат како проблематична употреба на интернет, со тоа што првата група е од интерес на компјутерско-технолошките и општествените науки (пример, интеракција меѓу човек и компјутер или социјална психологија), а втората првенствено од интерес на медицинските науки (на пр. психијатријата и неврофизиологијата).
Од друга страна, човековата склоност кон поедноставен црно-бел приказ на проблемот со некритичка употреба на интернетот создава две струи: мнозинство корисници кои го занемаруваат и изедначуваат со навика, хоби и животен стил; и малцинство кои го истакнуваат и изедначуваат со завера (на владини институции и компјутерски компании) или заведеност (на поединци), до ниво на болест. А, вистината е некаде помеѓу. Моменталниот научен консензус за вистината е дека само зависноста од видео-игри (и донекаде интернет-коцкарството) поседува карактеристики на бихејвиорална зависност [1]. Освен тоа, свесноста за сличноста со постоечка медицинска дијагноза не треба да биде основа за стигматизација (како што и занемарувањето не треба да биде основа за интернет-фаворизација), туку да даде можност за соодветен третман и згрижување на луѓе кои се соочуваат со овој проблем. Затоа што, со моменталната поставеност на работите, недостасуваат научно-засновани и јавно-востановени протоколи за помош. Тоа треба да се смени. Токму затоа, неодамна беше формирана Европска мрежа за проблематична употреба на интернет (поддржана од највисоката платформа на Европската унија за соработка во науката и технологијата), која ги обзнани своите ставови преку манифест [2]. Нашата земја се приклучи кон меѓународната експертска заедница со претставници од Национална експертска мрежа за проблематична употреба на интернет [3].
Во следната статија ќе бидат издвоени нејзините највпечатливите работни приоритети.
- Revision of the 11th version of the International Classification of Deseases by Member States. ↩
- Fineberg, Naomi A., et al. “Manifesto for a European research network into Problematic Usage of the Internet.” European Neuropsychopharmacology 28.11 (2018): 1232–1246. ↩
- Претставници: Д-р Билјана Ѓонеска, МАНУ (национален координатор); Акад. Нада Поп-Јорданова, МАНУ; Проф. Мартин Михајлов, Економски факултет, УКИМ; Проф. Маријана Марковиќ, Институт за социјални и политичко-правни истражувања, ИСППИ; Проф. Лилјана Игњатова, Медицински факултет, УКИМ; Проф. Гордана Китева-Тренчевска, Медицински факултет, УКИМ; Горјан Гилевски, Министерство за здравство; Љубица Зафировска, Министерство за труд и социјална политика; Елена Апостолоска, НВО Здружение „Friends of Education“. ↩