Биолошки науки

Клеточна интеракција: „допири и прегратки“ кај клетките

Гушкање и допири кај клетките!? Звучи смешно, но и нашите основни структурни единици мораат да комуницираат едни со други и да се сврзуваат, се со цел нашиот организам да е во совршен баланс.

“Здраво! Како си!?“ (следи прегратка)… “Еве, супер, ти? Баш кул што се сретнавме“…
Зборови, прегратки, насмевки, допири, поздрави…. ова е како луѓето секојдневно комуницираат меѓусебно и споделуваат различни искуства и настани. Но додека оваа комуникација е видлива за нас, во меѓувреме се одвиваат милиони невидливи процеси на клеточно и молекуларно ниво. Овие процеси им овозможуваат синхронизирана комуникација на клетките во различните ткива. За совршена функционалност на секој дел од нашите тела и на клетките им треба структуриран систем со чија помош се распознаваат меѓусебно и микро околината околу нив.

Клеточните интеракции може да бидат стабилни или привремени. Клетките на нашиот имун систем како што се леукоцитите, функционираат на принцип на привремени интеракции помеѓу нив и епителните клетки во крвните садови. Привремени интеракции исто така се случуваат и помеѓу различни имунолошки клетки кога доаѓаат во допир со надворешни организми за нашето тело како што се бактериите и кога треба истите да се елиминираат.

Слика 1. Различни нивоа на биолошка организација, од атом до цел организам.

Стабилните интеракции се есенцијални за опстанокот, поврзаноста, формата и функцијата на клетките во ткивата. Откако ткивата се формирани, различни ткива формираат различни органи кои што го сочинуваат нашиот организам (Слика 1). Клеточните интеракции се случуваат преку мултипротеински комплекси кои што овозможуваат неколку различни типови на контакт помеѓу клетките.

Цврсти споеви (tight junctions) поврзуваат две клетки на најблизок начин, што би можело да се нарече дека клетките се прегрнуваат меѓусебно. Тие се формирани од мрежа на различни протеини и овозможуваат формирање на бариера од клетки кои спречуваат пренос на молекули од една на друга страна на клеточниот слој преку клеточните мембрани. Овие интеракции се важни во формирањето на слоеви од нашата кожа составени од епителни клетки (Слика 2).

Пропустливите споеви (gap junctions) се во форма на канали помеѓу цитоплазмите на две клетки и овозможуваат пренос на биохемиски и електрични сигнали. Овие споеви се како “допири помеѓу клетките“. Повеќето видови клетки вклучувајќи ги епителните и срцевите клетки комуницираат преку овие пропустливи споеви.

Дури и на клетките им треба секојдневна подршка па затоа тие “се држат за раце“, имајќи и трет вид на стабилни интеракции кои имаат функција да ги фиксираат клетките едни со други (anchoring junctions). Десмозом е еден вид од овие интеракции и нуди сила и издржливост во интеракцијата помеѓу две клетки а исто така има улога и во биохемиската сигнализација помеѓу нив.

Слика 2. Видови на клеточни интеракции помеѓу повеќе епителни клетки.

Како што нормалната комуникација и интеракција со другите игра огромна улога во нашите животи и не прави среќни и задоволни кога е во совршена хармонија, така и клеточната интеракција е од огромна важност за хомеостазата (балансот) во нашиот организам. Губење на контактите помеѓу клетките може да доведе до формирање на канцерогено ткиво. Во канцерогените клетки доаѓа до губење на одредени протеини кои ги формираат овие споеви, а со тоа и губење на фиксирачки контакт помеѓу клетките и нивно неконтролирано растење. Иако невидливи за нас овие “допири“ помеѓу клеките се од огромна важност па затоа многу научни истражувања се фокусираат на разбирање на точните механизми и улоги на клеточната интеракција помеѓу клетките и клетките со нивната микро околина.

Биолошки наукивидови клеточни интеракцииклеткаорганизацијастабилни интеракции
Претходен написи
Црни дупки: егзотични објекти со огромна маса
Следен напис
Нанотехнологијата е присутна насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите