Додека ситуацијата со коронавирусот е секојдневно и целодневно актуелна, членовите на „Наука за сите“ активно работат на свој придонес. Отвораме теми и разгледуваме проблеми што настануваат или што можат да настанат како резултат на ситуацијата и ги расветлуваме од научен аспект. Оваа недела во нашата затворена онлајн-дискусија повторно разговаравме за влијанието на коронавирусот, но овојпат врз менталното здравје на возрасните и на децата. Гостин ни беше Горазд Росоклија, невропсихијатар, професор на Универзитетот Колумбија и надворешен член на МАНУ.
1. Ситуацијата со коронавирусот насекаде низ светот е на почеток и не знаеме што нè чека. Дали работите ќе стануваат полесни или потешки?
Работите ќе стануваат потешки, многу потешки. Такви се очекувањата и добро е и ние лекарите да размислуваме така. Треба да сме подготвени за максимална реакција, иако напорите се да успееме да спречиме врв на епидемијата и да имаме едно нивелирање, да дојдеме близу нулата, колку и да е тешко и колку и да знаеме дека овој вирус ќе остане да постои меѓу нас и понатаму.
2. Објективно, работите ќе стануваат потешки. Но, од друга страна, го имаме психолошкиот момент, па и сега имаме луѓе кои веќе паничат.
Паниката е лоша, но затоа стравот е добредојден. Паниката парализира, додека стравот те мотивира. Луѓето се анксиозни и имаат објективен страв затоа што од оваа болест во висок процент на смртност се умира, особено ако си над 60 години. Но, стравот не е само лично за себе. Дури и да си млад, се грижиш за родителите, за блиските и затоа оваа состојба сега ни ги менува животите на сите – и на народот и на политичарите и тоа не само моментално, туку можеби и за во иднина. Луѓето го сменија начинот на поздравување, ги сменија хигиенските навики, никогаш толку не миеле раце, никогаш не внимавале вака. Се укинаа јавните собирања, не смееме да патуваме. Економијата е погодена, економски се погодени многу луѓе и се влегува во рецесија, а економијата е клучна за решавање на овој проблем. Затоа оваа криза ги промени и политичарите, кај кои гледаме еден поинаков пристап, но постои енормна опасност некои од нив да ја искористат ситуацијата и да воведат диктатура. Тоа не смееме да го дозволиме.
3. Слушавме за стравот од луѓето што имаа проблеми со глобалното затоплување. Одеднаш, опасноста е многу пореална и поблиска до нас. Што да правиме со луѓето што и тогаш беа особено погодени, а сега одеднаш се соочени со нешто што им е пред очи?
Кога си во близина на змија, страв ти е да не те касне и ќе се тргнеш – тоа е објективен страв. Меѓутоа, ако на масата има нож и тебе ти е страв од ножот, тоа е опсесивен страв. Кога станува збор за глобалното затоплување, од една страна, иако е реално, голем број луѓе се сомневаат во него, а од друга страна тоа е проблем за следните генерации. Но ова е ситуација во која ти лично си загрозен, твојот живот се менува. Овој страв е порационален и поприсутен. Сепак, во едно општество не е секој подеднакво сензитивен на една иста ситуација и ако на нешто како глобалното затоплување некои реагираат со ирационален страв, тоа е целна група на луѓе кон која ние психијатрите треба да ги насочиме нашите методи на помагање.
Целта на психијатрите и на психолозите во оваа ситуација е вниманието да го насочат кон (1) луѓето кои се болни од коронавирусот, пациентите со сериозни симптоми, потоа на (2) медицинскиот персонал што ги лекува, па (3) пациенти со лесни симптоми и потоа (4) луѓе кои на некој начин се поврзани со првите две категории – нивната најблиска околина. Понатаму, тука се и оние луѓе кои имаат посебна сензитивност кон ваквата ситуација и, се разбира, луѓето кои досега покажале ментални нарушувања од кој било степен. Тие групи се примарни за работа. Тие се тие кои понатаму евентуално ќе дојдат во онаа постфаза на посттрауматски синдром во којшто симптоматологијата е иста – повторно анксиозност и страв но во многу понагласена форма со што се развиваат и други симптоми, како што е депресијата и доаѓа до самоубиства. Бројот на самоубиства сега не е зголемен, но по некое време може значително да се зголеми поради реакцијата на луѓето.
Луѓето во вакви ситуации го менуваат своето однесување. Прво имаат една погрешна перцепција за сопственото здравје – дека е помалку вредно и перцепција за нивното идно здравје исто како помалку вредно. Така, некои луѓе одат во други екстреми на однесување и наоѓаат ослободување и релаксација во консумација на алкохол, тутун и дрога и тоа треба да се спречи.
4. Имаме и ранливи категории како што се децата, на кои треба да им се објасни нешто што е вон нивната способност за поимање на светот. Што ќе правиме со нив?
Размислете на инструкциите што ги добиваме во авион. Во авион ти викаат кога ќе паднат маските за кислород – прво сам си ставаш маска, па потоа на детето за да бидеш способен ако треба да му помогнеш. Тоа е тој концепт кој важи и за во оваа ситуација – родителот/старателот треба да се погрижи за себе, за сликата што ја создава пред детето, за атмосферата што ја прави пред детето. Кога станува збор за објаснување на состојбата, му објаснуваш со вистина, а не со лаги, но детето не треба да почувствува дека се случува нешто ненормално, не треба да види паника и страв кај оној што за него е цела планина, барем не додека не дојде на возраст од 13–14 години.
Втора работа е родителот да воспостави нова нормалност во дадената ситуација. Таа нормалност се создава со правење на еден комплетно нов план за детето. Детето во нормални денови станувало, одело на училиште, потоа седнувало да учи, па се рекреирало, па се дружело со родителите, па си легнувало. Така и сега – не може да оди на училиште, но можете да прошетате во околината; времето инаку посветено за учење нека го посветува на учење и сега кога е дома; по академското време нека се рекреира, нека игра, нека чита; потоа повторно имате време што треба заеднички да го поминете, да се занимавате со нешто, па време кога се одморате, па време повторно да учи, па повторно да излезе надвор, па време за заедничка вечера.
За ова што се случува, родителот мора да го информира детето јасно за што се работи, без да му создава паника. Битно е што ќе му кажеш ти на детето, затоа што и другите ќе му кажат нешто, а другите знаат да обвинуваат групи, да сатанизираат… Затоа, на детето треба да му објасниш што е во ред а што не, за да не се дозволи околината што е негативна да му влијае на детето и да му создаде конфузија.
И кога зборуваме за деца, речиси секогаш се зборува за деца кои немаат посебни потреби. Да зборуваме, на пример, за деца кои се во аутистичниот спектар. Детето кое е аутистично многу често е во категорија на деца на социјална изолација. Сакам да истакнам дека ние тука зборуваме за социјално дистанцирање а не за изолирање, бидејќи ние не се изолираме, нас општеството социјално нè изолира, луѓето социјално нè изолираат и нè сатанизираат кога станува збор за вакви неистражени болести. Сетете се само како беше со ХИВ. Да не зборувам, пак, за душевно болните кои се константно сатанизирани… Да се вратиме на децата кои се аутистични – ним ова им го објаснуваш сликовито, што не значи дека не можеш и на другите деца така да им го објасниш, но тоа е особено погодно за децата со аутизам. На пример, што е коронавирусот? – објаснуваш со слика.
5. Кои се границите меѓу чистата себичност, нагонот за преживување и асоцијалноста, целосната негрижа за другиот без оглед на последиците по себе?
Ова е прашање на карактерот. Сите ние сме различно воспитани, сите имаме различни карактери и во нас имаме различни морални вредности. И во оваа ситуација негрижата за другите се должи или на тоа што некој е многу глупав и не сфаќа што се случува и се однесува неодговорно кон своите родители на кои ќе им го донесе вирусот или е неодговорна личност, без изграден систем на морални вредности и практично таму ништо не можеш да направиш.
6. Зошто на некои луѓе оваа криза им делува позитивно?
Ова е едно интересно прашање. Обично болеста во едно семејство го обединува семејството околу болниот, но ова не е таква ситуација. Ова е ситуација во која семејството е во социјално дистанцирање, па на луѓето од семејството, пријателите, соседите се гледа како на опасност, секој што ни се приближува се смета дека може да ни донесе болест или смрт, така што реакциите се многу различни. Ако кризата ти делува позитивно, тоа не е парадоксално. Ако се види твојата личност, ќе се види дека тоа е логично затоа што ти правиш нешто за средината. Подобро може да се чувствува само личност која ѝ дава на средината. На пример, со самото тоа што не излегува надвор, човек прави нешто за другите. Онаа личност која го нема тој порив за правење, таа се чувствува депримирана, чувствува дека нешто ѝ е одземено од животот. Ова најдобро го опишува Његош со зборовите „Лако је у добро добар бити, на муци се познају јунаци“. И тоа е многу точно. Вистинскиот карактер секогаш се покажува во вакви и во слични моменти. Многу е лесно да бидеш површно фин во кафеана, но во ваквите ситуации се гледа вредноста на една личност.
7. Дали некои култури се покажаа како екстремно различни во реакциите и во справувањето со ситуацијата со коронавирусот во однос на некои други или реакциите се горе-долу универзални?
Изненадува тоа што реакцијата на разните народи не се совпаѓа со одредениот стереотип што ние го имаме за тие народи. На пример, Јапонците комплетно ја промашија работата со коронавирусот. Дозволија еден брод да ја инфицира цела Јапонија, а цел свет очекува дека тие ќе бидат најподготвени и најорганизирани да се спротивстават на вакво нешто. Може да се објаснува тоа дека чекале олимпијада, не сакале да прават паника и тоа е точно, но тие дозволија позитивни пациенти со симптоматологија да се раштркаат и низ Јапонија и низ светот без никаква контрола. А ако некој можеше да се заштити тоа е Јапонија, која е остров и е прилично изолирана.
За справување со ваква ситуација се важни два елемента: организираноста на здравствениот систем и дисциплинираноста на општеството. Во САД, на пример, системот ти наметнува да бидеш дисциплиниран, затоа што ако не си, цената што ќе ја платиш ќе биде многу висока. Во Македонија, од тоа што го гледам, дисциплината е на катастрофално ниво. Ти велат да не одиш никаде, а кафулињата и кафеаните полни, мајки со бебиња шетаат заедно по парковите… Едно катастрофално непочитување кое верувам дека се должи на недовербата во политичарите.
8. Кои би биле долгорочните последици од ситуацијата?
Медицината вика дека тие што ќе прележат коронавирус уште пет недели по оздравувањето можат да инфицираат некој друг. Вирусот е активен на леш 36 часа ако лешот не е во фрижидер, а ако е во фрижидер, 9 дена. Денеска објавија информации дека вирусот на разни површини може да живее 78 часа. Во тој поглед, сè уште немаме прецизни бројки за многу работи, затоа што сето ова трае прекратко.
Сепак, ако поради тоа ги сатанизираме луѓето кои се заболени, кои имаат симптоми или кои се во карантин и ако ние направиме една социјална изолација кон нив, тие луѓе прво покажуваат анксиозност, второ развиваат депресија и ќе го имаат т.н. посттрауматски синдром во кој се апсолутно присутни депресија, самоубиства и намалени очекувања во животот.
Луѓето што се во карантин ги развиваат овие симптоми, но посттрауматскиот синдром примарно зависи од условите во карантинот. Ако условите се лоши, овие симптоми се многу понагласени што вклучува и гнев и агресија кон општеството. Тоа се тие елементи кои се развиваат по подолготрајна изолација во карантин. Клучно за луѓето кои се во самоизолација и кои се уплашени е да не бидат сами. Треба да се комуницира со нив, со шеги и со разумен разговор, затоа што во спротивно последиците можат да бидат големи.
9. Како да се победи стравот дека можеби ќе нема доволно храна во следните месеци? И како да се надминат несогласувањата на сопружниците дали треба или не треба да се прават умерени залихи?
Многу поедноставно е да се направат умерени залихи на храна дома иако ние не се согласуваме со тоа отколку да пробате да се убедувате дека не треба да се прават залихи. Сепак, би сакал да ви го кажам размислувањето на Антони Фаучи, најголемиот експерт за инфективни болести во светот. Тој вели шансата да го добиеш вирусот во самопослуга е нула или речиси нула, ако си на соодветна дистанца од другите, ако не си го допираш лицето и ако потоа си ги измиеш рацете, но ако седиш во ресторан со други луѓе до вас, шансата да го добиеш е многу голема.
10. Како да се справиме со туѓата паника од страна на луѓе кои ни се блиски? Можно ли е да се случи нивната паника да преовлада и да нè обземе и нас?
Можно е. Сè зависи од личноста и ако некој е во ваква панична ситуација, треба да побара психијатриска помош. Не да оди во аптека и да купи апчиња, туку да седне и да разговара со психијатар.
11. Какви патерни можеме да очекуваме во контекст на колективната психологија?
И колективно постои повисок степен на анксиозност, постои реален страв. Засега гледаме да не се создава колективна паника. И тоа што можеме да го очекуваме и треба да работиме за да го избегнеме е сатанизација и социјална изолација на луѓето кои се разболеле и на нивните семејства, како опасност дека од нив можеме да ја добиеме болеста и утре, и задутре, и по шест месеци. Колективот може да реагира многу негативно кон овие ризични луѓе и да дојдеме до една колективна негативистична психологија кон нив.
12. Каков треба да биде пристапот на општеството кон заболените и луѓето со симптоми?
Тоа што државата требаше да го направи досега е да формира мултидисциплинарни тимови, составени од психијатри, психолози, социјални работници и психијатриски медицински сестри, кои ќе направат категоризација на приоритетните случаи и ќе се насочат кон превенирање на психијатриската симптоматологија што подоцна ќе се развие. Тој проблем може да го реши само мултидисциплинарен тим, затоа што не можеш на ист начин да пристапиш на возрасен, на тинејџер и на дете. Не можеш исто да пристапиш кај еден 30-годишен кој се чувствува незагрозен и кај еден 65-годишен каде што смртноста е 7–10%. Тој тим го обезбедува менталното здравје на болните, на здравствените работници, но и на оние кои потенцијално ќе развијат симптоматологија.
13. Како да се менаџира колективната психологија, како да се задуши однесувањето од типот складирање тоалетна хартија?
Тоалетната хартија е небитна. Психијатриски гледано, дури и добро е да се занимаваш со неа, чисто за да се преокупираш со нешто друго. Никој не се самоубил заради тоалетна хартија, ама луѓе умираат од коронавирусот и значајно е во оваа ситуација да се пристапува со вистина. Медицинските авторитети мора од почетокот да ја зборуваат вистината за состојбата. И редовно да даваат информации. Пациентот мора да има комплетен увид во својата состојба, во тоа што го прави и му го дава лекарот. Истите тие информации мора да ги добие и семејството на пациентот.
И оние пациенти што се во задолжителен карантин од 14 дена, кај нив се појавува вознемиреност и чувство на вина заради последиците од инфекцијата што тие им ја донеле на други, блиски луѓе. Замисли дека ти си тој што е позитивен, немаш никаква симптоматологија, вирусот си го донел дома и двата родители ти починале. Тука се развива страшно чувство на вина и психијатријата мора да се фокусира на ваквите случаи, затоа што резултатот на крај може да биде целосно уништени животи на тие што преживеале такво нешто. Моментално владее чувството на страв, но кога ќе почнат да умираат луѓе, тие околу нив ќе почнат да се прашуваат КОЈ им ја донел инфекцијата – јас или соседот и во летниот период веќе верувам дека ќе имаме силно распространето чувство на вина. За тоа да се спречи, потребна е грижа за постарите и за родителите. Можете да им купувате храна, но оставајте им ја пред врата, не контактирајте со нив директно но задолжително најдете начин постојано да комуницирате со нив.
14. Како сега науката и технологијата да се стават во функција на подобрување на менталниот товар од ситуацијата?
Да не заборавиме, напредните системи за комуникација ги користат тие што се најмалку загрозени – вие ги користите. Бабите и дедовците не се на веб, тие не користат интернет. За нив е многу позначајно младите да им се јавуваат и да комуницираат со нив. Затоа, на пример, во САД веќе на големо е развиена телемедицината која овозможува грижа од далечина за повозрасните лица.
15. По сево ова, што би кажале во прилог на филозофската дебата за природата на човекот. Од една страна, го имаме Томас Хобс кој велеше дека природното однесување на човекот е лошо а дека културата го прави добар, а од друга страна Жан-Жак Русо кој го тврдеше обратното. Дали може да се извлечеме заклучок од сегашната ситуација за тоа во кој спектар се крие одговорот?
Од моето искуство, јас многу повеќе би се сложил со Жан-Жак Русо. Нема „natural born killers“ („природно родени убијци“), не постојат такви. Ако ги земеш луѓето во затвор, 80% од нив биле злоупотребувани како деца. Важно е да се каже дека клучна улога има семејството. Семејството те воспитува и семејството ти ги дава вредностите. Тоа влијание на семејството и елементот на влијание на општеството е тоа што нас нè прави добри или лоши, нè прави добри кон општеството и нè прави лоши кон него.