Когнитивни науки

Потеклото на музиката: основни концепти во еволуцијата и прашања поврзани со појавата на музиката (ПРВ ДЕЛ)

За да осознаеме како музиката дошла на сцена, важно е да разгледаме неколку основни концепти од биологијата и психологијата.

Биологијата, како наука, се револуционизира со објавувањето на бисер делото „За потеклото на видовите“ на Чарлс Дарвин во 1859 година. Со ова дело, Дарвин не само што вовел ред и јасност во биолошките науки, туку и успеал да направи кохезивна слика на животот со поврзување на куп нишки и клучни концепти (негови и на други современици) на начин на којшто претходно никому не му успеал. Во срцевината на ова гледиште се објаснети диверзитетот на организмите, нивната меѓусебна релација, сличностите, разликите, дистрибуцијата и класификацијата според географските региони, како и нивната адаптација спрема средината.

Еден од клучните механизми во еволутивниот процес е познат под терминот природна селекција. Премисата е дека организмите се менуваат со генерациите само доколку индивидуите стекнат одредени биолошки корисни компоненти со што би се зголемиле шансите за нивен опстанок и основање на нови поколенија. Продукт на природната селекција е биолошката адаптација — постепена и бавна акумулација на карактеристики коишто му обезбедуваат на организмот поголеми шанси за опстанок и репродукција во услови кога околната средина се менува. Повеќето животински видови имаат развиено специфични физички карактеристики: гепардот трча со заслепувачка брзина, орелот има неверојатен вид, а лилјаците имаат високо развиено сетило за слух со софистицирана ехолокација којашто им овозможува прецизна навигација и ориентација во просторот.

Човекот, исто како и животните, се здобил со најразлични способности. Една од тие способности е поседувањето на вокален тракт којшто овозможува говор и пеење, нешто што не е случај со останатите видови од редот примати [1]. Ваквата особина е биолошка гаранција дека речиси секое човечко битие има единствена можност да учествува во разни музички активности. Иако констатацијата делува како еклатантен пример за биолошка адаптација, останува со сигурност да утврдиме дали музиката навистина се вклопува во адаптивната биолошка рамка.

Модерниот термин којшто ги дефинира сите горенаведени процеси е познат како еволуција. Еволуцијата е фундаментален концепт преку којшто ги набљудуваме сите процеси во живата природа, од молекули до екосистеми, но исто така е тесно поврзан со прашањето за музиката.

Постојат голем број на теоретизирања кои нудат различни видувања за потеклото на музиката. Гледано од поширок агол, постојат два табори, секој со своја теоретска перспектива, каде што едната страна ја застапува тезата во која музиката е директен продукт на природната селекција, додека пак, спротивност на ваквото гледиште е она кое музиката ја карактеризира како човекова творба со исклучиво културно потекло, без потреба да се инволвира биолошка основа.

Луѓето акумулирале најразлични адаптации коишто требало да ѝ одговорат на средината и да обезбедат опстанок на видот. Некои од тие адаптации ни се многу познати, на пример: рацете, нозете, срцето, бубрезите, хепарот, дигестивниот тракт, очите, слушниот апарат, итн. Но, малку познато е дека постојат и психолошки адаптации. Сите психолошки појави и процеси како емоциите, перцепциите и когнитивните функции се, исто така, вродени диспозиции кои се јавуваат како последица на биолошката организација на мозокот и воопшто организмот. Се чини дека еволуциската психологија и биологијата имаат капацитет да ја објаснат музиката како појава, но не и некои нејзини специфики. На пример, еволуцијата не може да даде објаснување зошто за некого омилен бенд се „Pink Floyd“, а за друг „One Direction“, исто како што не може детално да објасни зошто некој обожува печено пилешко, а друг тирамису. Таа се однесува на поопшти феномени, не на конкретни — или во превод, биологијата не баш секогаш го детерминира нашето однесување, но најверојатно го насочува кон определени активности. Иако човекот спаѓа во видовите што се отворени за срединските влијаниа, тоа не значи дека на нас воопшто не влијаат биолошките и наследните фактори.

Па така, кога разговараме за музиката од еволуциски аспект, се наметнуваат неколку прашања: што е тоа што довело до потребата за правење музика? Дали музиката е вродена човекова особина или е само последица на културната еволуција? Зошто другите форми на уметност, како скулптурство, поезија, актерство, сликарство и сл., се прилично изоставени од дебатата за еволуциско потекло? Како што увидовме во еден од претходните написи, пред отприлика 40 илјади години веројатно се случиле важни генетски и анатомски промени кои довеле до зародиш на уметноста, а со тоа и на музиката. Но, како круцијални се земаат и срединските фактори како растот на човечката популација и формирањето на поголеми социјални групи, кои можеби одиграле клучна ролја во појавата на музиката.

Се чини интригантен фактот што музиката е на сцена толку долго, а друг потфат како пишувањето е релативно скорешен—околу пет милениуми [2]. Знаеме дека системите за пишување се развиле од прагматични потреби, бидејќи сложеноста на општествата изискувале размена на информации, финансиска евиденција, запишување на историски и културни факти и сл. Од друга страна, пак, музиката е прилично долго присутна во човековите општества, околу 40 илјади години, така што, станало неопходно да се отвори дебата околу нејзиното потекло.

Енигма е што луѓето толку долго и истрајно инвестирале во нешто што навидум нема некоја практична функција и не пружало опстанок. Од музиката немало корист во пронаоѓањето на храна и ресурси, ниту во избегнувањето на грабливци или надминувањето на болни инфекции. Ако навистина еволуцијата се води според слоганот опстанок на најсилните, тогаш се чини дека, од еволуциски аспект, музикалноста како стекната особина е целосно излишна. Но, не е сѐ така црно. Денес многу истражувачи го припишуваат постоењето на музиката како последица на еволуцискиот процес.

Во понатамошните текстови, ќе имаме можност поединечно да разгледаме повеќе гледишта преку подетална анализа на нивните концепти кои последниве неколку децении се добиени со помош на многу нови истражувања и трудови од областа на невронауката, психологијата и други интердисциплинарни области и гранки на науката.


  1. Hodges, D. A. (1996). Handbook of Music Psychology. San Antonio: IMR Press.  ↩
  2. Dahl, J. L. (2009). Early Writing In Iran, A Reappraisal. JSTOR, 47, 23–31. Retrieved from https://www.jstor.org/stable/25651462  ↩
биолошка адаптацијаДарвиневолуцијамузикаопстанокперцепцијаприродна селекцијапсихологијаразвојуметност
Претходен написи
Зошто некои не го сфаќаат коронавирусот сериозно: проф. Атанас Кирјаковски за 360 степени
Следен напис
Психологијата на епидемиите: КиМ телевизија разговара со проф. Атанас Кирјаковски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите