Астрономија

Црни дупки: егзотични објекти со огромна маса

Сите црни дупки се на безбедно растојание од нас, но што би се случувало доколку некој се најде во нивна непосредна близина?

Една од највозбудливите особини на астрономијата е можноста за проучување на огромен број фасцинантни небесни објекти. Повеќето карактеристики на ваквите објекти се навистина тешко сфатливи за луѓето, главно бидејќи не ги среќаваме во нашето секојдневие. Едни од тие уникатни објекти се таканаречените црни дупки. Поради нивната способност да вшмукуваат вселенски материјал, црните дупки честопати се нарекувани “вселенски правосмукалки”. За разлика од правосмукалките дома, црните дупки собираат материјал користејќи ја силата на гравитацијата. Секое тело со одредена маса гравитационо ги привлекува сите останати тела на принципот “колку поголема маса, толку поголема сила”. Црните дупки имаат толку голема привлечна сила, што ништо, дури ни светлината, не може да избега од нив. Поради ова, ние всушност и не сме во можност директно да ги набљудуваме црните дупки. Меѓутоа, иако не се директно видливи, постоењето на црните дупки е неоспорлив факт, утврден со помош на разни индиректни методи, како на пример со следење на движењето на некои ѕвезди во непосредна близина на претпоставената црна дупка.

Црните дупки имаат многу голема густина, бидејќи содржат огромна маса во релативно мал радиус. На пример, радиусот на сонцето изнесува околу 700,000 километри, а црна дупка со маса еднаква на сонцето би имала радиус од само три километри. Доколку пак сакаме да направиме црна дупка од нашата планета, мораме да ја стесниме целата планета во радиус од само 9 милиметри, односно во големина на кикиритка.

Слика 1. Уметнички приказ од ѕвездена црна дупка. Во дадениов пример, црната дупка “се храни” со материјал кој е вшмукуван од придружната звезда. (Права: ESO/L. Calçada)

Црните дупки ги има во изобилство низ вселената. Според масата, тие се делат на две класи: ѕвездени (Слика 1) и супермасивни црни дупки. Во нашата галаксија, Млечен Пат, има многу ѕвездени и само една супермасивна црна дупка, која е околу четири милиони пати помасивна од сонцето. Кога црната дупка “се храни” велиме дека е активна. Според овој критериум, супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија е пасивна. Во некои случaи, активните црни дупки “исплукуваат” дел од вшмуканиот материјал во вид на млазови составени од ектремно брзи честички (Слика 2). Ѕвездените црни дупки го добиваат името по тоа што се формираат кога некои ѕвезди “умираат”. Само ѕвезди околу сто пати помасивни од нашето сонце се способни да резултираат во ѕвездени црни дупки.

Слика 2. Уметнички приказ од активна црна дупка. Прикажани се самата црна дупка, дискот од кој црната дупка “се храни”, и млазот од брзи честички. (Права: NASA/Goddard Space Flight Center Conceptual Image Lab)

Знаејќи ја привлечната моќ на црните дупки, никој не би посакувал да се најде во нивна близина. Но, што би се случувало доколку паѓате со нозете кон црна дупка? Бидејќи нозете би ви биле поблиску до црната дупка споредено со главата, тие би биле привлекувани со поголема сила, па првото нешто што би забележале е дека сте растегнати. Како се приближувате се поблизу до црната дупка, крајниот резултатот од ова растегнување е дека ќе се истенчите како шпагета, или со друг збор ќе се “шпагетизирате”. Морничаво, нели?


Поважни термини:

Гравитација – една од четирите фундаментални сили во природата, силата на взаемното привлекување помеѓу две тела со маса.

астрономијагравитацијаѕвездена црна дупкасупермасивна црна дупкацрна дупка
Претходен написи
Запознавање со науката на визуелизирање преку пример
Следен напис
Клеточна интеракција: „допири и прегратки“ кај клетките

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите