Иако пандемијата предизвикана од коронавирусот започна на азискиот континент, поточно во Кина, во моментов епицентарот на кризата е Европа. Земјите како Италија, Шпанија, Германија и Франција преземаат драстични мерки преку затворање на своите граници во обидот да спречат уште поголем број на заразени лица со вирусот на своја територија. Но покрај лошите вести од Азија, се појавија и добри вести кои влеваат надеж. Имено, новинарот Денис Нормил јавува на 17 март дека Јужна Кореја – земја со 50 милиони жители – успеа да го намали бројот на дневно новозаразени од 909 (февруари) на 74 (до средината на март). Како?
Успехот на Јужнокорејците е посебно важен затоа што е постигнат без заклучување на земјата, односно без да се нарушат демократските права и слободи на нејзините жители. За споредба, со цел да ја доведе епидемијата на коронавирусот под контрола, Кина воведе прилично агресивни мерки, како на пример ставање 50 милиони луѓе од Хубеи провинцијата во досега најмасовниот задолжителен карантин во историјата на човештвото, воведување на социјално дистанцирање на ниво на целата земја (Кина е оооооогромна земја) и масовно електронско следење и надзор на населението преку мобилни телефони и други електронски уреди.
Успехот на Јужна Кореја се должи на сеопфатната и добро организирана програма за тестирање на што поголем број на луѓе, комбинирана со силни напори за пронаоѓање и изолација на заразените лица како и задржување во карантин на нивните контакти. Ова земја досега тестирала повеќе од 210 144 лица до 9 март 2020, што е еднакво на 4 099 тестови на милион жители – повеќе од било која друга земја во светот освен Бахреин (податоците се преземени од Worldometar). Податоците покажуваат дека дијагностичкиот капацитет на масовно ниво е клучен за контрола на епидемијата, заедно со способноста да се следат и изолираат заразените случаи.
Но поради сложеноста на проблемот, веста мора да се земе со доза на претпазливост. Имено, во голема мера успехот на Јужна Кореја се должи на идентификувањето на т.н. кластери (групи или локации) со голема концентрација на вирусот, поточно на откривањето на масивниот кластер поврзан со една поголема религиозна група во земјата кој всушност содржи дури 60% од откриените заразени случаи. Тоа укажува на фактот дека оваа група не е единствена и дека можеби постојат уште вакви кластери кои навреме мора да се откријат и идентификуваат. Оттука, иако бројот на новооткриени заразени е драстично намален во оваа земја, сепак напорите продолжуваат и сè уште е рано да се каже дека кризата е надмината.
Владата на Јужна Кореја се надева дека навремено ќе ги открие и другите евентуални кластери на COVID–19 преку уште побрзо зголемување на капацитетите за масовно тестирање на популацијата. Во моментов, институциите во оваа земја имаат капацитет да тестираат запрепастувачки број на лица – 15 000 дневно! Меѓу другото, дел од нив се организирани и како пунктови за „тестирање на поминување“ низ целата земја (drive-through testing), концепт кој сега почнува да се применува и во Соединетите Американски Држави, Канада и Обединетото Кралство. Како дел од процесот се дизајнираат и апликации за мобилни телефони преку кои се следат податоците и симптомите од дијагностицираните лица, лицата во карантин и нивните контакти.
Врз основа на искуствата кои доаѓаат од Јужна Кореја, можеме да дојдеме до следните заклучоци во однос на Република Македонија:
- Дијагностичкиот капацитет на земјава мора под итно да се зголеми;
- Потребно е да се тестираат што поголем број на луѓе со цел да се добие реална слика за вистинскиот број на заразени лица и да се откријат кластерите на зараза во земјава. На ова повикуваат и дел од нашите експерти како и директорот на Светската Здравствена Организација;
- Масовното тестирање би опфатило голем број на лица кои не покажуваат симптоми во моментот на тестирањето, а можат да заразат други (искуствата од Кина го потврдуваат ова);
- Откривањето на присуството на коронавирусот пред да се покажат било какви симптоми кај лицето, не само што го спречува пренесувањето на вирусот на другите, туку и ги зголемува и шансите за успешно лечење и опоравување од болеста кај тестираниот, односно колку порано се детектира, толку поголеми шансите за опоравување;
- Иако треба да ги подржат и поттикнат, надлежните не смее да се потпрат на „совеста“ и „добрата волја“ на граѓаните и да очекуваат самите да се пријават и да се тестираат. Знаејќи го тукашниот менталитет и културолошките навики, можно е да постои реална стигма, срамење и страв да се биде осуден од пријателите и пошироката заедница, феномени кои би демотивирале многумина да постапат доброволно и своеволно.
Во вонредната состојба која беше воведена во земјава вчера, многу e важно ДА НЕ СЕ ДОЗВОЛИ мерките кои би се презеле во насока на спречување на ширењето на болеста да се претворат во авторитарни мерки кои би ги нарушиле човековите права и слободи во драстична мера и долгорочно. Впрочем, искуствата до Јужна Кореја, меѓу другото, покажуваат дека една земја може успешно да се справува со епидемијата на коронавирусот и другите слични природни катастрофи – а истовремено да ги зачува демократскиот карактер и цивилизиран дух на земјата, човековите права и слободи.