Статии од читатели

Дали 432 Hz ја подобрува музиката?

Во последните неколку години на повеќе сајтови и блогови беа објавени интересни информации поврзани со фреквенцијата 432 Hz. За што станува збор?

Во музиката отсекогаш постоела фиксна, стандардна фреквенција, која понатаму претставува појдовна точка за висината на останатите тонови и штимот на инструментите. Фотографијата горе е направена за време на воведниот дел од часот по наставниот предмет oркестар, каде инструментите се штимаат со помош на електронски штимер, пијано или друг референтен инструмент. Во денешната музика, тонската емисија се заснова на стандардната фреквенција од 440Hz (прифатена како стандард во 1955 година, а подоцна реафирмирана во 1975 година [1]), која соодвестува на тонот A од првата октава:

Низ историјата, стандардната фреквенција постојано се менувала, со тенденција на постепено повишување. Од психолошки аспект, пониската фреквенција придонесува за порелаксиран карактер на музиката, и обратно, повисоката фреквенција ја прави содржината на музиката да биде светла, блескава и потензична. Иако фреквенцијата од 440 Hz е своевиден стандард во денешната музика, многу композитори, музички групи и култури ја менуваат висината на фреквенцијата во зависност од потребите.

Горенаведената фреквенција од 432 Hz е фаворизирана поради неколку причини:

  • Таа е наводно во склад со вибрационата природа на универзумот;
  • Фреквенцијата од 440 Hz наводно води кон стрес, агресија и антисоцијално однесување;
  • Фреквенцијата 432 Hz наводно ја подобрува состојбата на ДНК и лекува.

Важно е да се напомене дека во науката не постои конвенција формулирана како “вибрациона природа на универзумот“. Сè што вибрира, во било која форма и фреквенција, е дел од природата.

Фреквенцијата 440 Hz не е антисоцијална и агресивна. Истражувачот и професорот по акустично инженерство, Тревор Кокс, при универзитетот во Салфорд, направил веб истражување во кое се тестира хипотезата поврзана со подесувањето на висината на инструментите на повеќе зададени фреквенции (416, 424, 432, 440, 448, 456 и 465 Hz). Луѓето имале за задача да преслушуваат повеќе аудио примери во пар, каде секој слушател избира една од две дадени фреквенции. Резултатите од истражувањето покажале дека фреквенциите 432 Hz и 440 Hz биле оценети со еднаков приоритет.

Слика 1. Средната вредност се однесува на еднаквата преференција помеѓу две фреквенции. (Сликата е превземена од тука.)

Резултатите над средната вредност укажуваат на фреквенцијата која била повеќе преферирана. Промената на фреквенцијата има значаен ефект кај луѓето. (Статистички потврдено со помош на Краскол-Волис тест [2], p < 0.001). Подесувањето на музиката кон повисок наклон/фреквенција ја прави музиката полоша (Ман-Витни U тест [3], p < 0.03). Подесувањето на музиката кон понизок наклон/фреквенција не прави особена разлика.

Исказот дека фреквенцијата 432 Hz ја подобрува човечката ДНК и лекува е најзагрижувачки. Официјално сè уште не постојат спроведени истражувања и документирани податоци кои би биле во полза на ваквите тврдења, а недоволната информираност кај луѓето може намерно (или ненамерно) да биде искористена. На пример, постои сервис наречен 528records кој продава музика конвертирана на C528 Hz, односно A432 Hz.

Иако изборот на фреквенција останува арбитрарен, засега без грижи може да им се препуштиме и на оние парчиња музика штелувани на стандардните 440 Hz.


  1. International Organization for Standardization: http://www.iso.org/iso/iso_catalogue/catalogue_tc/catalogue_detail.htm?csnumber=3601  ↩
  2. Kruskal, W. H., & Wallis, W. A. (1952). Use of ranks in one-criterion variance analysis. Journal of the American Statistical Association 47(260), 583–621. doi:10.1080/01621459.1952.10483441  ↩
  3. Mann, H. B., & Whitney, D. R. (1947). On a test of whether one of two random variables is stochastically larger than the other. Annals of Mathematical Statistics 18, 50–60. doi:10.1214/aoms/1177730491  ↩

Слични статии

Претходен написи
Во светот на ѕвездите: од џуџиња до џинови
Следен напис
Олберсовиот парадокс

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите