Како што и докторот повеќе се грижи за вашата тежина и крвен притисок отколку за тоа каде живеете и колку брзо возите, така и астрономите се позаинтересирани за температурата и моќноста (луминозитетот) на ѕвездата отколку за нивната позиција и движење во вселената.
Во претходниот текст научивме како лесно да ги сортираме ѕвездите графирајќи ги нивните температури (на хоризонталната оска) и луминозитети (на вертикалната оска). Ваквиот дијаграм, наречен Херцшпрунг-Раселов дијаграм (или скратено ХР-дијаграм), е еден од најважните дијаграми во астрономијата, кој ни помага да разбереме како ѕвездите се формираат, развиваат (или еволуираат), и конечно умираат.
Самата локација на една точка во ХР-дијаграмот, како оној прикажан на Слика 1, ни открива многу детали за ѕвездата која е претставена од точката. Вообичаено бројќите на оските во дијаграмите се зголемуваат од лево на десно, но во случајот со ХР-дијаграмот ситуацијата е обратна, т.е., точките од десниот крај на дијаграмот претставуваат млаки ѕвезди, а оние покрај левиот крај ги преставуваат најжешките ѕвезди. Во горниот дел од дијаграмот ги наоѓаме ѕвездите со најголема моќност, а во долниот оние со најмала моќност. Како што можете да забележите, повеќето ѕвезди опишуваат една закривена дијагонална линија по средината на дијаграмот, која се нарекува “главна низа на ѕвезди”. Главната низа се протега од левиот горен дел до десниот долен дел од ХР-дијаграмот, и вклучува околу 80% од сите ѕвезди. Воочливо е дека жешките ѕвезди од главната низа имаат поголема моќност од онаа на млаките ѕвезди од главната низа. Моќноста и температурата на ѕвездите се меѓусебно поврзани преку Штефан-Болцмановиот закон:
$$
L = 4 \pi R^2 \sigma T^4
$$

Во текот на нивната еволуција, особините (како на пример температурата и моќноста) на ѕвездите се менуваат пришто се вели дека тие “се движат” во ХР-дијаграмот. Разните групи ѕвезди на ХР-дијаграмот всушност претставуваат различни етапи од развојот на ѕвездите. Малиот број на ѕвезди кои се наоѓаат надвор од овие групи ни укажува дека ѕвездите поминуваат релативно краток дел од својот животен век надвор од овие групи. На следните линкови (линк 1, линк 2, линк 3) можете да ја следите траекторијата на ѕвездите во ХР-дијаграмот, а во нарединте текстови ќе прочитате повеќе за физиката во ѕвездената еволуција.