Најпростото научно објаснување е дека музиката е збир од честички кои под притисок се пренесуваат во воздухот или други материјали во вид на бранови. Сепак, што е тоа во музиката што нè прави среќни, тажни, инспирирани? За да одговориме на ова прашање, ќе разгледаме неколку аспекти од музичката теорија и когнитивната психологија.
Консонанца и дисонанца
Според традиционалното сфаќање, консонанците имаат тенденција да звучат пријатно и релаксирано, а дисонанците непријатно и тензично, иако последниве играат клучна улога во формирањето на прифатлива и пријатна музика. Во теоријата на музиката овие два термини се поврзани со интервалите (мелодиски и хармонски), т.е последователното или истовременото звучење на два тонови. Интервалите чии основни фреквенции имаат едноставен броен сооднос, како што е чистата октава (2:1) или чистата квинта (3:2), се нарекуваат консонанци, додека пак интервалите чии основни фреквенции имаат посложен броен сооднос, како големата септима (15:8) и зголемената кварта (45:32), се нарекуваат дисонанци (Слика 1). Кај возрасните луѓе, додавањето или одземањето на консонантни и дисонантни звуци игра важна улога во зголемувањето и намалувањето на перцептивната тензија [1]. Ова се темели на доказите кои покажуваат дека консонанцата и дисонанцата јасно се разликуваат преку аудитивните нервни влакна [2].

Психолошки механизми [3]
Освен тоа што консонанцата и дисонанцата преставуваат еден од клучните принципи во градењето на мелодија и хармонија во музиката, тие непосредно влијаат и на рефлексите на мозочното стебло. Гласните и ненадејни дисонантни звуци се интерпретирани како непријатни и раздразнувачки, додека организираните и одмерени звуци како пријатни и потенцијално важни.
Евалутивното условување е психолошки процес тесно поврзан со Павловото условување, каде што се спаруваат музиката и позитивни или негативни настани од минатото. Популарната нумера Don’t stop me now, на бендот Queen, на повеќето луѓе им изгледа како полетна и оптимистичка песна, но можеби истата ќе ве вознемири доколку честопати сте ја слушале со вашата поранешна девојка.
Имитирањето на карактеристиките на музиката во психата се однесува на психолошкиот процес познат како емоционална зараза. Колку пати сте се затекнале да ја тапкате ногата или да ракоплескате додека слушате музика? На овој начин се имитира изразот на музиката преку периферните повратни информации на мускулите и директна активација на емоционалните претстави во мозокот.
Во 1808 година, композиторот Лудвиг Ван Бетовен ја завршува својата шеста симфонија, позната и како пасторална симфонија. Оваа композиција има програмска содржина и ја отсликува приврзаноста на авторот кон природата. Ваквото конструирање на слики во психата додека се слуша (или компонира) музика се нарекува визуелно претставување.
Кога музиката ги прекршува, одложува или потврдува очекувањата на слушателот, тогаш ваквиот процес се однесува на механизмот наречен музичко очекување. Доколку некогаш сте практикувале солфеж, може да очекувате дека по пеењето на тоновите до, ре, ми, фа, сол, ла, си, скалата ќе заврши со тонот до. Но, доколку тоа не се случи, може да бидете изненадени.
Евоцирањето на спомени, освен преку слика, честопати се побудува и преку музика. Овој процес е познат како епизодно помнење. На пример, слушањето на нумерата Learning to fly на бендот Pink Floyd, несомнено ме присетува на дружењето со моите пријатели Лазар и Магдалена, зимата во 1997 година, на Попова Шапка. Кое е вашето омилено парче музика што ве враќа низ времето на одреден настан?
Културен тренинг
Она што го карактеризираме како тажно или среќно во музиката, може многу да зависи од културните вредности што ги поседуваат народите од разни географски положби. На пример, во Романија, во историскиот регион познат како Трансилванија, се изведува иста музика за време на венчавки и за време на погреби [4].
- Smith, N.A.., & Cuddy, L. (2003). Perceptions of musical dimensions in Beethoven’s Waldstein Sonata: An application of tonal pitch space theory. Musicae Scientiae. doi: 10.1177/102986490300700102 ↩
- Tramo, M.J., Cariani, P.A., Delgutte, B., & Braida, L.D. (2001) Neurobiological foundations for the theory of harmony in western tonal music. New York: New York Academy of Sciences doi: 10.1111/j.1749–6632.2001.tb05727.x) ↩
- Juslin, P.N., & Västfjäll, D. (2008). Emotional responses to music: The need to consider underlying mechanisms. (том 31, стр.559–621) Behavioural and Brain Sciences. doi: 10.1017/S0140525X08005293 ↩
- Baraldi, F.B. (2009) All the Pain and Joy of the World in a Single Melody: A Transylvanian Case Study on Musical Emotion. Music Perception: An Interdisciplinary Journal. (том 26, стр. 257–261) doi: 10.1525/mp.2009.26.3.257 ↩