Препознавањето лица со помош на вештачката интелигенција е нормална појава во модерните општества. Сега истата технологија навлегува и во џунглите. Поточно, група научници од приматолошките институти на Универзитетот во Оксфорд, Универзитетот во Кјото и „Горонгоса“ националниот парт во Мозамбик, развиваат невронски мрежи кои ќе им помогнат во анализата на видео снимки и фотографии снимени во период од 14 години кои содржат 10 милиони слики од лица на шимпанза. Имено, ваквите мрежи постигнуваат висок процент на препознавање на идентитетот на секое поединечно шимпанзо (93%) како и неговиот пол (96%), односно вештачката интелигенција употребена во овој случај е високо прецизна. Со помош на ваквата алатка, работата на научниците е доста олеснета затоа што сега можат далеку поефективно да ги анализираат социјалните интеракции помеѓу овие примати во нивните природни и лабораториски живеалишта. На пример, анализата на видео снимките и фотографиите покажала дека мајката-шимпанзо најголемиот дел од времето го поминува со нејзиното новородено младунче. Во иднина, вештачката интелигенција од овој тип може да придонесе за следење на животинските популации кои се загрозени или пак да помогне во градењето на детални модели за движењето на разните видови животни кои мигрираат. Студијата неодамна беше публикувана во научното списание Science Advances.
Насловна фотографија: Kyoto University, Primate Research Institute