Геолозите со години наоѓале трагови од континентот наречен Велика Адрија. Откривањето на историјата на Адрија било многу тешко, затоа што Медитеранот, регионот каде се пронајдени деловите на континентот, е геолошка попара. Како што вели геологот Доу ван Хинсберген од универзитетот во Утрехт, еден од авторите на студијата, „(таму) се е искривено, искршено и натрупано“.
Приказната започнала со суперконтинентот Гондвана, од кој со текот на времето се одвоиле Африка, Јужна Америка, Австралија, Антарктик и Индија. Адрија се одвоила пред околу 240 милиони години и започнала да се движи во северна насока. Пред околу 140 милиони години, по големина била како Гренланд, потопена под тропско море и на неа се таложеле седименти кои се зацврстиле и формирале карпи. Потоа, пред околу 100 до 120 милиони години се судрила со јужниот раб на денешна Европа, почнала да ротира во насока обратна од стрелките на часовникот и да се движи 2 до 4 сантиметри годишно.

Процесот на уништување на Велика Адрија бил сложен. Удрила во неколку зони на субдукција, места каде се среќаваат тектонските плочи. Во овој случај, плочата на Адрија потонала под плочата на Европа. Горната плоча го изгребала најгорниот слој на Адрија, а остатоците формирале планински венци во Италија, Турција, Грција, на Балканот и на Алпите. Неколку парчиња од Адрија не потонале, и денес се наоѓаат во Италија и Хрватска.

Откривањето на историјата на Адрија одело тешко затоа што информациите се распространети на неколку континенти, од Шпанија до Иран. Тимот поминал долго време проучувајќи ја ориентацијата на мали магнетни минерали кои биле формирани од бактерии, а се заробени во карпите на Адрија. Од тие податоци успеале да ја проучат ротацијата на карпите со текот на времето. Исто така проучувале ланци на вулкани и корални гребени. Нов софтвер бил изработен во текот на 15 години, за реконструкција на изгубената земјина маса.
Адрија не е единствениот „изгубен континент“. Голема земјина маса наречена Зеландија се наоѓа под јужниот Тихи океан. Во 2016 група на научници пронајде потонат „мини-континент“ под островот Маурициус во Индискиот океан.