
Американската издавачката куќа Annual Reviews („Годишни ревии“) е основана во 1932 година со мисија да „синтетизира и интегрира знаење за развојот на науката и зголемување на благосостојбата во општеството“. За самите себе велат дека нивната главна улога е да стимулираат дискусија за науката преку публикување на висококвалитетни научни ревии [1] во четири области и тоа: биомедицински и биолошки науки, физички науки, општествени науки, и економија – области во коишто досега имаат издадено 67 научни списанија на специјализирани теми. Повеќето од овие списанија котираат високо во однос на факторот на влијание во дадената област и добиваат високи оценки при библиометриските анализи направени од институти како Web of Science или Scimago.
Со доаѓањето на новата година, Annual Reviews прават ретроспектива на најспуштаните и најчитаните ревии од нивната датабаза на списанија, со што може да се изведе еден генерален тренд на темите и интересот во современата наука. Така и оваа година, објавија две топ 10 листи за 2019, и тоа: првата за десетте најспуштани ревии во 2019 коишто биле објавени истата година; и десетте најспуштани ревии во 2019 издадени од основањето на издавачката куќа па досега. На пример, меѓу најпопуларните ревии издадени лани биле од областа на економијата, психологијата и јавното здравство.
Овие дваесет ревии од двете топ листи се бесплатни за читање и спуштање до 29 фебруари (да, годинава е престапна година) и искористете ја приликата да прочитате квалитетни научни ревии кои дискутираат најактуелни теми во моментов во науката. Клик на топ ревии за 2019.
- „Научна ревија“ е статија или извештај кој ја сумира и дискутира моменталната состојба на знаењето на одредена тема од одредена научна област. ↩