Неодамна на социјалните мрежи се појави споредба на музиката од две ери – добитниците на популарните MTV музички награди од 1994 и 2019 година (Слика 1). За повеќето луѓе, очигледно е дека со времето опаднал и квалитетот на музиката. Заинтригиран од целата ситуација, решив да одвојам малку време и да напишам збор-два за ова прашање кое веќе подолго време мè мачи: во кој правец се движи популарната музика?

Еден од стравовите што потајно ме следи низ годините е дека со созревањето ќе почнам да звучам како некојси намуртен музички ветеран кој отворено критикува и напаѓа сè што е ново во музичкиот свет. А за да бидат работите уште покомплицирани, навистина постои научно образложение дека лицата во текот на животот ја претпочитаат музиката од нивната младост и неретко гледаат со сомнеж кон новите музички тенденции.
Музичките вкусови постепено почнуваат да се формираат на 13–14 години, а отприлика до 33-тата година, повеќето од нас престануваат да слушаат нова музика како последица на повеќе фактори. Делумно поради таканаречениот ефект на изложеност – кога се стремиме да го слушаме она што веќе го знаеме; делумно поради работните и семејните обврски и немањето доволно време; делумно поради тоа што со возраста опаѓа и способноста на мозокот да прави суптилни разлики меѓу различни акорди, ритми и мелодии; делумно поради тоа што како тинејџери имаме поинтензивни емоционални искуства кои се поврзуваат со живописни (музички) спомени и сеќавања.
Така што, во неволја сум :).
Сепак, сметам дека како лице кое професионално дејствува во доменот на музиката, моја должност е соодветно и најобјективно да реагирам. Како што ќе видиме, можеби во мене навистина постои определена доза на пристрасност, но барем (донекаде) е поткрепена со неколку емпириски истражувања.
Најпрвин, веднаш да расчистиме дека, не само во минатото, туку и во денешно време без проблем можеме да најдеме и слушаме тони одлична музика и хитови, иако има индиции дека глобалната музичка слика драстично се сменила. Истражувањата покажуваат дека со време варираат и квалитативните параметри. На пример, Институтот за вештачка интелигенција од Барселона спровел истражување кое вклучувало над 460 илјади песни во периодот од 1955 до 2010 година. Трите променливи кои биле предмет на истражувањето се:
- тембр – се однесува на бојата, текстурата и квалитетот на произведениот тон;
- висина – се однесува на звучниот опсег и квалитетот на музичката содржина: хармонија, мелодија, аранжман, и сл.;
- гласност – психолошки квалитет кој за цел има субјективно да ја мери величината на перцепираниот звук.
Резултатите покажале дека по кулминацијата во 60-тите години на 20-тиот век, тембровиот квалитет бележел постепен пад. Тоа подразбира дека со време имало сѐ помалку инструментална разновидност во музиката, како и ограничување на техниките на снимање инструменти. Една од можните причини е фактот дека продажбата на музичките албуми расте со помалата инструментална сложеност. А кога станува збор за музичката содржина, податоците говорат дека, за разлика од нивните претходници, денешните творци се помалку склони кон експериментирање и имаат тенденција да преповторуваат музички фрази со помали или поголеми измени. Па затоа нумерата „Stay with Me“ на Sam Smith може да потсетува на „I Won’t Back Down“ на Tom Petty; или пак, „When Love Takes Over“ на David Guetta да потсетува на „Clocks“ од Coldplay.
Исто така, истражувањето открило дека со време музиката станувала сè погласна – со раст од приближно еден децибел на секои 8 години. Процесот на динамичка компресија (кога тивките и гласните делови во музиката се изедначуваат по гласност) претставува психолошки трик и обид да се привлече вниманието на слушателот (постојат сомнежи дека гласната музика донесува зголемена продажба). Можеби на овој начин песните навистина полесно доспеваат до ушите на слушателите, но затоа пак, страдаат други музички варијабли. Во денешната музика речиси воопшто и да нема локални и генерални кулминации, со што се одзема ефектот на изненадување, а очекувањата ретко се прекршени. Феноменот може да се поистовети со психолошкиот ефект познат како перцептивна депривација – кога перцeпираме хомогени дразби без структура. Еден пример од секојдневието е кога патуваме со автобус – обично ни се приспива поради долгото еднолично зуење на моторот. Веројатно слична ситуација имаме и со современата популарна музика на која, според мое видување, очајно ѝ недостасува почеста промена на динамичките карактеристики.
А што се случува со текстовите во песните? Резултатите од квантитативната анализа на сентиментите во текстуелниот дел од популарната музика (6150 песни) покажуваат дека во периодот од 1955 до 2016 година, забележан е раст на индексот на зборови со негативно значење за сметка на оние со позитивно значење. Уште една анализа на песни-хитови во периодот од 1980 до 2017 година, покажала дека во текот на годините била забележана зачестена употреба на зборови поврзани со антисоцијално однесување. А како капак на сè, аналитичарот Andrew Powell-Morse на својот блог објавил десетгодишна анализа, чии резултати, според Andrew, имплицираат дека текстовите во популарната музика стануваат сè поглупи и можат да бидат протолкувани дури и од првоодделенчиња.
Генералниот заклучок е дека во текот на последниве неколку децении популарната музика станала прилично едноставна и хомогена. Но, зошто се случиле сите овие промени? Прашањето е сложено, иако некои аспекти на проблематиката можат да се одговорат.
Луѓето што стојат позади музичката индустрија научиле да експлоатираат еден важен психолошки механизам – често да нѐ изложуваат на нешто што веќе ни е познато. Токму поради ова, огромен број на музички фрази од различни песни се совпаѓаат. Податоците добиени преку снимање на мозочните ткива со помош на функционална магнетна резонанца покажуваат дека регионите поврзани со емоциите и наградувањето се значително поактивни кога слушаме музика која ни се чини позната.
Друга работа е очигледното губење на автентичноста и разноликоста во популарната музика како последица на тоа што до пред само некоја деценија, автори и композитори на најголем дел од песните и хитовите беа самите изведувачи. Денес изведувачите се само тоа – изведувачи. Останатите аспекти како компонирање, аранжирање, продуцирање, пишување текст, стил, имиџ и сл., им се препуштаат на цели тимови од композитори, продуценти, стилисти, па дури и психолози. Можеби затоа речиси воопшто не гледаме личен печат на изведувачот во музиката, туку само убави марионети.
Последниве неколку реченици се само мои импресии и заклучоци за кои нема емпирична потврда, но верувам дека донекаде играат соодветна улога во појавата на феноменот. Како и да е, останува да видиме во која насока ќе се движат работите во иднина. Моето видување е дека уште долго ќе чекаме на позитивни промени, иако тоа не значи дека сме лишени од уживањето во модерната музика.