Лични ставови

HAARP и македонската јавност: изгубени во преводот

Во време на масовни комуникации, вестите се шират речиси истовремено со развојот на случувањата кои ги создаваат, а информациите се достапни насекаде и секому. Покрај очигледните предности, постојат и сериозни недостатоци како последица на овој невиден технолошки напредок. Како никогаш досега се наметнува потребата од критичко промислување на достапните информации и вести. Неодамнешната трагична поплава во Македонија ги илустрира овие забелешки.

Необично силно невреме во период од неколку часа остави воден талог од околу 90 mm и предизвика големи поплави во околината на Скопје. Имаше и жртви. Имаше и чудни написи на накои македонски интернет портали дека ХААРП е причината.

Што е ХААРП? Тоа е High Frequency Active Auroral Research Program (HAARP), т.е. истражување на аурората (светлосни ефекти кои се набљудуваат во атмосферата на Земјата предизвикани од влијанието на наелектризирани честички врз неа) со користење на високи фреквенции. Истражувачкиот институт се наоѓа блиску до Гакона во Аљаска, Соединетите Американски Држави. Неговата работа е финансирана од американската авијација, морнарица и агенцијата за напредни проекти од одбраната (Defense Advanced Research Projects Agency, DARPA). Главниот дел на постројката е фазна низа од 180 антени поставени на површина од 13 хектари. Оваа антена се користи за да испрати радио сигнал со моќност до 4 MW (мегавати) и фреквенција од 3 до 10 MHz (милиони циклуси во секунда) [1]. Зрачењето им предава енергија на електроните од јоносферата (јонизиран дел на земјината атмосфера) на височина од 70 до 350 километри. Со разни помошни инструменти се мери реакцијата на јоносферата и се прават испитувања на нејзините својства. Бидејќи ова е делумно и воена постројка, истражувањата вклучуваат и барање начини како да се создадат „јоносферски огледала” кои би се користеле за комуницирање на големи далечини како и методи за оневозможување или засилување на сателитските комуникации преку манипулирање на својствата на јоносферата. Сето ова е познато на јавноста.

Слика 1. High Frequency Active Auroral Research Program (HAARP). Авторски права за сликата: Michael Kleiman, USAF, слободно користење, јавен домен.
Слика 1. High Frequency Active Auroral Research Program (HAARP). Авторски права за сликата: Michael Kleiman, USAF, слободно користење, јавен домен.

Сензационалистичките написи тврдат дека ХААРП е всушност постројка за контрола на времето, дека се користи за предизвикување на катастрофални временски непогоди, контрола на мислите, итн.

Овие „тврдења” се проблематични од повеќе аспекти. Системот ХААРП во јоносферата испорачува сосема занемарливо количество на енергија [2]. Далеку помало од она содржано во еден удар на гром, неважно во споредба со енергијата која јоносферата ја добива од Сонцето. Понатаму, сите временски феномени (облаци, врнежи) се манифестираат во тропосферата, на височина до 40 километри. Најгустиот слој на јоносферата се наоѓа барем 5 пати повисоко и е со многу помала густина од пониската атмосфера. Не е познат механизмот со кој јоносферата влијае на тропосферата.

Последиците од споменатите пишувања се многубројни. Најпрво, тие покажуваат сериозен недостиг од критичко размислување и професионалност од страна на новинарите кои работат во соодветните медиуми. Тие би можеле барем да побараат стручно мислење пред да објават невистини. Ако објавуваат сензации за зголемување на читаноста, тогаш свесно прават штета во општеството. Понатаму, во јавноста се поттикнува ненаучен пристап во толкувањето на природните појави. Во комбинација со девалвацијата на образованието во Македонија, последиците може да бидат катастрофални. Наместо со аргументи, поддржувачите на овие „теории” располагаат со завиден арсенал на реторички извртувања на логиката. Некои од нив се и: “можеби јоносферата сепак влијае на тропосферата на необјаснив начин”; “научниците се потплатени да кажуваат невистини”; “прочитав на интернет и убеден сум дека е така и вашите објаснувања не се толку интересни”, итн.

Еквивалентно на ова, би можеле да резонираме и вака: магарињата не летаат, и сите го знаеме тоа, ама во едно село зад седум мориња и седум планини, на еден ден во годината тоа се случува. Јас тоа сум го чул од еден старец на кој апсолутно му верувам. Повелете, докажете дека не е така.

Најпосле, ваквите написи се штетни и поради тоа што го суспендираат индивидуалното прашување со наметнување на една неверојатна приказна како вистинита. Колку поневеројатна, толку подобро. Само треба да се верува и да не се бараат одговори преку напорно и детално истражување на фактите. Оти ако се побараат факти, ќе се откријат неисчистени одводни канали, катастрофална урбанизација, бессрамна легализација на дивоградби за еден денар и девалвација на стручноста на сите нивоа. Чудовишна неспособност, која кога се разоткри, за да се спаси од одговорност, нуди приказни за речиси натприродни машини кои го расипуваат времето делувајќи на огромни растојанија. Можеби вистинските причини за катастрофата која го снајде ова парче од Македонија се далеку поблиску и воопшто не се толку спектакуларни. А тоа е страшно. Оти, треба да се работи и да се променат нештата. Нималку пријатна вест за нечии уши.

Инаку, ХААРП престана со работа и истражувањата се запрени од 2014 година.


  1. HAARP Wiki  ↩
  2. Bernhardt, P. A., et al. “Large ionospheric disturbances produced by the HAARP HF facility”, Radio Sci., 51, 2016  ↩

НАПОМЕНА: Наука за сите не дала никому дозвола за преземање, копирање и дистрибуција на овој напис. Превземање на содржините на “Наука за сите“ без претходно одобрување не е дозволено. Сите написи објавени се со цел објективна информираност и базирани на факти и Тимот на “Наука за сите“ не одобрува каква и да е злоупотреба на истите и презентирање на истите во различни контексти. Поради големиот број на автори инволвирани со написите на Наука за сите и нивната доверба за презентирање на написите во вистинско светло, не поддржуваме неинформирано постирање на истите написи на други интернет платформи/страни.

жртвијоносфераМакедонијаполитикапоплавитропосфераХААРП
Претходен написи
Оптимална хормонска терапија при рак на дојка — како?
Следен напис
Во фокусот на окото

13 Коментари. Напиши коментар

  • Да допојасниме малку плус. Текстот од технички аспект има некои добри црти кон темата за антенските низи.
    Антенските низи (т.е. повеќе поединечни антени поврзани меѓусебно) се комплексна системска околина со можност за вршење на проверки и анализи на основа на промена на параметрите на дадена/и поединечни антени од антенската низа, а како променливи се да речеме: поединечната моќност на израчување, дијаграм на зрачење на поединечна антена, нејзина просторна поставеност во низата, поларизација итн, кои пак влијаат на креирање на дијаграмот на зрачење на целокупната антенска низа. Дали промената на параметрите на зрачењето влијае на слоевите од атмосферата на различен начин е предмет на искуство. Доколку некој работел на испитување на вакви антенски низи би објаснил подобро.
    Односно, ако сакате да знаете повеќе барајте човек со искуство на ваков тип системи, иако не верувам дека ваквиот тип на информации се за споделување со целокупната јавност.

    Одговори
  • Одлично срочено, и тоа од различни аспекти! Ќе беше добро доколку едно вака едноставно објаснување и разобличување на глупоста беше интегрално прочитано на ударните вести на оние малубројни телевизии кои го задржале интелектуалното ниво и човечкото достоинство. Токму поради огромната потреба на секаков начин да се надоместува во јавноста за штетите од лошото образование и од ниската култура на мислење.

    Одговори
    • Александар
      август 16, 2016 11:25 pm

      За жал, мислам дека последиците од хаотичните политики во образованието и запоставувањето на науката ќе следуваат во иднина. Овој портал држи ниво и помага колку-толку да се намали штетата. На потег се македонските медиуми.

      Одговори
  • Да тргнеме од истиот приод кои вие го користите за исмевање на верувачите во “теории на заговор”: пред да го наречете нивното верување неточно, глупаво или смешно, непобитно докажете дека било какво дејство врз јоносферата нема апсолутно никакво дејство врз тропосферата и временските прилики. Не во облик на дебата, не со напаѓање врз нивните теории туку задржете се врз самата тема – дали испраќање на енергија во јоносферата има било какво дејство врз тропосферата и врз времето, доказ со непобитни и научно докажани факти (“се наоѓаат предалеку една од друга” не е научно докажан факт). Повелете.

    Одговори
    • Александар
      август 16, 2016 11:21 pm

      Оној кој предлага чудесни теории треба да приложи непобитни докази. Повелете вие да докажете прецизно и научно издржано кој е точниот механизам преку кој ХААРП го контролира времето. Мојата цел во текстот беше да спорам со сензационалистичките текстови, да накратко објаснам зошто мислам дека експериментите во јоносферата немаат влијание на временските прилики, и да посочам на мал дел од системските пропусти во справувањето со последиците од поплавите. Сметам дека целта е постигната.

      Одговори
      • Isto taka I toj sto odi vo obraten pravec pa predlaga “najprosti” teorii mora ISTOTO da go ispocituva I da prilozi ISTI dokazi ili barem seriozni indicia za nestoto koe e poenta na negovoto izlaganje da recam . Dvojni standardi inace za koj neznael (ako I takvi uste postojat) se vika hipokrizija odnosno hipokrit e licnosta koja bara nekoj pravila I standardi da vazat za drugi no ne za nea/nego . Taka da poleka so napadite od tipot “predlaga cudesni teorii” Kioga lugeto bi gledale malku podaleku od ispod svojot nos I bi postavuvale “CUDESNI” prasanja , zborot “zagovor” popoleka ke pocne da izleguva od upotreba . Tvrdam I ne sum sam vo toa ubeduvanje , pritoa mislejki generalno na zagovori no I moze da se aplicira I na temava.

        Одговори
    • Хаарнак, можеби можеш ти да докажеш, дека постои интеракциа меѓу двете сфери. Меѓу другото ти објасни дека НЕМА влијание. Дека има многу поголема акумулација на Е која доаша од сонцето, одколку онаа што машината ја препраќа. Или и тоа не е доволно.??? Најди друг извор. Овој вели тоа што напишал. Ти посочи друг. Знаеш, филозофија е можеби мајка на науките (ако знаеш како да поставуваш прашања), ама демагогија е извор на завери !!!!

      Одговори
  • Александар
    август 16, 2016 11:51 am

    Благодарам за исправката. Се обидов да ги доловам висинските разлики за читателот да има претстава во кој домен „работи” HAARP а каде се формираат повеќето од временските појави. Се разбира дека некои читатели нема да го променат своето мислење без разлика на аргументите, тие се добредојдени да ја изложат својата теорија на кој начин јоносферата влијае врз тропосферата и како тоа влијание ги произведува ефектите кои тие ги објаснуваат.

    Одговори
  • Се што сте напишале пие вода, освен фактот дека програмата на хаарп како таква е прекината во 2014 или можеби унапредена многу пософистицирана под ново име. И на изворите што сте ги напишале не знаеме дали може да им веруваме, затоа вистината ќе остане достапна за многу малку луѓе, не верувам и за широките маси. Ние ќе веруваме во она што тие ќе го плсираат.

    Поради тоа и вие сте во истиот кош како оние квази портали, само разликата е во тоа што они трескаат глупости, а вие сте поткрепени со силни факти за кои не знаете дали се точни или манипулативни.

    П.с. Во секој случај вие сте поопасни бидејќи на вас може да ви се верува 😉

    Поздрав

    Одговори
    • Наука за сите
      август 16, 2016 12:46 pm

      Извори во текст се наведуваат поради две работи: како подршка на тврдењето на авторот и уште побитно, за да може секој да ги верификува на своја слободна воља. Наука за сите никого не тера со сила да “верува” во нешто — секој е слободен да изгради сопствено мислење на темата. Нашиот став е да се биде скептичен и критички да се размислува за одредена тема — што е и впрочем поентата на написот.

      Одговори
  • mala (dobronamerna) ispravka, troposferata ne se prostira do 40km visočina, maksimalno se prostira do okolu 20km visočina (vo tropite), inaku vo prosek može da se reče deka e do okolu 10km. Doduša nekoi retki fenomeni (na pr. nekoi tipovi oblaci) se slučuvaat vo dolniot del od stratosferata do 40tina km visina, pa možebi jas samo pogrešno ja tolkuvam rečenicata 🙂

    Inaku bravo za napišanovo! Definitivno megu nekulkute top temi denes, zaedno so camtrails i anti-vakcinacija. 🙂
    Ne se lugeto krivi, obrazovanieto e svrteno kon bubanje fakti, a ne ne uči da razmisluvame …

    Одговори
    • Tekstot na gospodinot Sulevski go cenam kako doprinos vo objasnuvanjeto na funkcioniranjeto na HAARP sistemot. Bidejci ne sum zastapnik na teorijata, potocno mislenjeto deka HAARP sistemot ima bilo kakva vrska so vremenskata nepogoda, a istoto go deli kak (apsurdno ) mislenje i avtorot na tekstot, se zaprasav kakva cel imal avtorot (pored spomenatata )? Sepak na krajot od tekstot ( potocno vo pretposledniot pasus ), se otkriva celta. Kolku da e i subjektivna, odnosno licna, taa ne e bazirana na argumenti, a uste pomalku e zasnovana na nekoja strucna argumentacija. Zatoa,avtorot na tekstot treba malku povece da se informira za meteoroloskiot i klimatski aspekt na vremenskata nepogoda koja se sluci kaj nas i za moznite posledici na takvata prirodna nepogoda.

      Одговори
      • Александар
        август 16, 2016 11:20 pm

        Мојата цел беше точно она што го напишав, имено: да се појаснат (сосема скратено) принципите на работа на ХААРП системот и да се укаже дека со потенцирање на фантастични прикаски а игнорирање на состојбата на теренот се доаѓа до последиците кои ги искуси Македонија пред извесно време. Последиците на природната непогода се во сразмер со подготвеноста или неподготвеноста на човекот да се справи со неа. При природни катастрофи не е секогаш можно да се избегнат човечки жртви, но во случајов мислам дека тие можеа да се намалат или елиминираат со правилен пристап кон проблемите кои ги наведов. Наведените проблеми се само мал дел од целокупната ерозија на системот.

        Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите