Во Македонија не постои астрономска опсерваторија. Ајде, тоа не е чудно да речеме. Национална астрономска опсерваторија ќе речете е скапа работа – и ќе бидете во право. Македонија е во друштво со Албанија и Црна Гора како земји од балканот кои решиле на национално ниво дека не им треба таков луксуз.
Но, чудно е тоа што во Македонија нема ни мала, приватна или општинска опсерваторија за едукација. Не сум сигурен дали такво нешто нема во Албанија или Црна Гора. Во Бугарија покрај националната опсерваторија има и неколку „регионални“, а во Грција пред некоја година беше пуштен во употреба нов двометарски телескоп. Србија и Хрватска имаат десетина мали опсерватории од кои неколку и приватни, Словенија има солидна опсерваторија опслужувана од ентузијасти. Неодамна во Хрватска се отвори и нова опсерваторија близу до Вишњан.
Што се случува со Македонија? Како е можно декларативно да се сака развој на наука (и тоа оние базични науки), а истовремено да не се инвестира ништо во нив? Оти, лесно е да речеш дека сме за информатичко општество. Тоа за мнозинството е олицетворено во компјутерот, си купил стотина компјутери и имаш информатичко општество. Тоа малку потешко врви кога треба да изградиш капацитет кој навистина е специфичен како една опсерваторија. Тука на дело се гледаат заложбите, затоа што тоа не е проект кој се прави плукни-залепи.
Во меѓувреме, студентите по астрономија на ПМФ немаат каде да изведуваат вежби. Треба да патуваат во комшии за да можат да направат најпрости мерења. Додуша, денес е можно да се поврзете преку мрежата и виртуелно да контролирате некој инструмент на другата страна од планетата, но тоа истовремено значи дека цела техничка експертиза им ја препуштате на некои луѓе таму некаде. Нели сакавме Македонија да оди напред? Дали е електро инженер тој што ќе дипломира во Македонија, а ќе може да работи како продавач во Телеком оти нема компанија која се занимава со вистински дизајн каде се бара инженерска експертиза? Дали е физичар оној кој нема да може да види ништо од практични мерења?
Во Македонија треба многушто да се гради. И, иако немам ништо против реставрација на стари споменици, градба на цркви, итн., ќе треба да се запрашаме која е нашата визија за Македонија? Ако е тоа земја на млади кои знаат, започнете да инвестирате во наука и практикувајте ментална хигиена кога се работи за чувствителни прашања од национален интерес. Ако пак визијата е за Македонија со старински концепт за селски туризам, и тоа е во ред, ама чесно е да го обзнаните тоа, за да младиот човек кој сака да студира астрономија навреме си замине од Македонија.
Зошто се отворија толку факултети по менаџмент, маркетинг и останати непотребности, а природни науки послабо? Со кого ќе менаџираат тие силни дипломци?
Опсерваторија на Водно, наместо крст, музеј на науката наместо музеј на восочни фигури!
Превземено и адаптирано со дозвола од авторот од неговиот блог.