Научна студија покажува како клеточната биологија, а не (не)моќта на волјата, е причината зошто ни е толку тешко да држиме диети и да ја одржиме намалената тежина.
Стандардната мудрост за намалување на телесната тежина е едноставна: намалени калории во исхраната водат до намалување на тежината, која понатаму се одржува со умерена исхрана. Но ендокринолозите одамна знаеле дека работите околу диетите не се толку едноставни. Во 2016, студија со учесници на ТВ емисијата Најголемиот губитник, во која учесниците се натпреваруваат во губење на тежина, покажа дека најголем број од нив набрзо ја вратиле изгубената тежина, но и нивниот метаболизам бил значително послаб од просечните луѓе со нивна големина. Телата на натпреварувачите со години се бореле да си ја повратат тежината, и покрај обидите и желбите на натпреварувачите. Никому не му беше јасно која била причината.
Како што пренесе Атлантик, тимот на Ана Марија Шмит, ендокринолог на медицинскиот факултет на Универзитетот Њу Јорк, неодамна објави труд со резултат кој можеби ја објаснува оваа појава. Научниците веруваат дека го пронајдоа механизмот кој го контролира зголемувањето и губењето на тежина кај глувци. Се работи за протеин кој ја исклучува способноста на организмот да гори маснотии кога телото е под стрес, вклучувајќи и намалена или зголемена исхрана, т.е. диета или прејадување. Ова откритие можеби е клучно за да се објасни зошто нам, на луѓето, ни е толку тешко да изгубиме тежина и дури и потешко да ја одржиме на ниско ниво.
Во 1992, истражувајќи ги компликациите од дијабетес, Шмит пронајде на површината на масните клетки рецептор за призводи на гликација, RAGE, кој има улога и во метаболизмот и реакциите на воспаленија во телото. Во неодамна објавениот труд, Шмит објави дека пронајде огромни разлики во зголемувањето на тежината кај конвенционални глувци и оние кај кои генот за RAGE е исклучен/избришан, т.е. чии клетки не го произведуваат протеинот. Вторава група доби 70% помалку на тежина, имала пониско ниво на гликоза и трошела повеќе енергија при иста исхрана и физичка активност. Конвенционалните глувци згазиле на кочниците на метаболизмот и им било невозможно да горат исто количество на енергија како оние со избришан RAGE.
Шмит верува дека RAGE генот се појавил во текот на еволуцијата како заштита кај цицачите, вклучувајќи ги тука и луѓето, во услови кога храната е оскудна. Во услови кога внесот на храна е намален, организмот се труди да штеди енергија и ресурси. Но рецепторот е активен и во услови кога имаме обилни количини на храна. Токму тој е механизамот кој ни го кочи метаболизмот кога сме на диета и се трудиме да слабееме и кој ни пречи да ја задржиме намалената тежина. Потполно е логично телото да штеди кога исхраната е намалена, но навистина е сурово, барем во наше модерно време, дека истиот механизам ни го забавува метаболизмот и после обилен оброк.
Иако сѐ уште не е сосема јасно како резултатите од студијата со глувци ќе се изразат кај луѓето, сепак Утпал Паџвани, професор по ендокринологија на универзитетот Колумбија, вели дека е оптимист околу овие наоди. Студијата покажува можни методи за намалување на RAGE сигнализацијата кај мастите со корисни последици кај луѓето.
Шмит предупредува против тенденциите да ги објаснуваме сложените феномени кај луѓето со премногу едноставни верувања, како што е идејата дека слабеењето е достижно со едноставна намалена исхрана и моќта на нашата волја. „Губењето на тежина е многу, многу тешко“, вели Шмит. „Само со проучување на добрите нешта, лошите нешта, како и оние кои се појавиле како добри, а можат да станат лоши, ние можеме да ја видиме големата слика и како безбедно да ги направиме човечките животи поздрави и подобри“.