Когнитивни науки

Што е „менталитет на заговор“?

Луѓето кои веруваат во една теорија на заговор се склони да веруваат и во други, дури и ако се измислени или контрадикторни. На пример Свами [1] и соработниците измислиле нова теорија на заговор во врска со енергетскиот пијалак Ред Бул и го мереле верувањето во неа со фиктивни тврдења како „Креаторот на Ред Бул, Дитрих Матешиц, плаќа 10 милиони евра секоја година за да ги замолчи контролорите на храна“ или „Екстрактот ’тестикулус таурус‘, состојка во Ред Бул, има непознати штетни ефекти“. Учесниците во истражувањето требало да го означат степенот до кој се согласувале дека тврдењето е точно на скала од 1 (потполно неточно) до 9 (потполно точно). Освен оваа теорија мереле верување и во постоечки теории на заговор како „Владата на САД дозволи нападите на 11 септември да се случат за да има оправдување да постигне надворешни цели што биле одредени пред нападите“. Кога ги анализирале податоците увиделе дека луѓето што тежнееле да означат поголем степен на согласување со веќе постоечки теории на заговор исто така тежнееле да означат поголем степен на согласување со Ред Бул теоријата. Оваа теорија била измислена од истражувачите, така што испитаниците немале на располагање ниту „докази“, ниту информации што би или не би ја поткрепиле. И покрај тоа, нивното согласување или несогласување со Ред Бул теоријата може да се предвиди од тоа колку веруваат во други теории на заговор, што укажува дека постои некоја психолошка тенденција да се согласуваме со конкретни теории на заговор.

Графички приказ на менталитетот на заговор.

Ова уште подобро се гледа од истражувањето на Даглас [2] и соработниците во кое група на студенти била прашана да го означи степенот на согласување со неколку теории на заговор во врска со смртта на Осама бин Ладен како „Осама бин Ладен е сè уште жив“ или „Осама бин Ладен веќе беше мртов кога се случи рацијата“. Оние што тежнееле да се сложат со првото тврдење тежнееле да се согласат и со второто, иако двете тврдења се контрадикторни (Осама бин Ладен или е сè уште жив или бил мртов уште пред рацијата). Овој наод изгледа помалку чуден ако се знае дека истражувачите поставиле уште едно прашање – „Однесувањето на администрацијата на Обама укажува на тоа дека се кријат некои важни информации во врска со рацијата“. Кога во анализата на податоците го зеле в предвид одговорот на ова прашање, корелацијата (тенденцијата на одговорите на претходните две прашања да се движат во иста насока) исчезнала. Тоа значи дека постои општа тенденција да се биде сомничав во врска со некој настан, а таа тенденција пак потекнува од општата тенденција да се биде сомничав и верува во теории на заговор, наречена менталитет на заговор. Затоа ретко е да се сратнат луѓе кои што веруваат само во една специфична теорија на заговор, туку најчесто веруваат во повеќе или во една супер теорија која што ги опфаќа сите специфични.


  1. Swami, V. , Coles, R. , Stieger, S. , Pietschnig, J. , Furnham, A. , Rehim, S. and Voracek, M. (2011). Conspiracist ideation in Britain and Austria: Evidence of a monological belief system and associations between individual psychological differences and real‐world and fictitious conspiracy theories. British Journal of Psychology, 102, 443–463. http://dx.doi.org/10.1111/j.2044-8295.2010.02004.x  ↩
  2. Wood, M. J., Douglas, K. M., & Sutton, R. M. (2012). Dead and alive: Beliefs in contradictory conspiracy theories. Social Psychological and Personality Science, 3(6), 767-773. http://dx.doi.org/10.1177/1948550611434786  ↩
верувањекорелацијаОбамаОсама Бин ЛаденРед Бултеории на заговор
Претходен написи
Астрономија и радиотелескопи: разговор со Александар Шулевски [#6]
Следен напис
Пронајден е можен скриен фактор поради кој тешко се слабее

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите