Когнитивни науки

Музиката и етологијата

Музиката се смета за културна појава и ретко се поврзува со истражувањата во научната дисциплина позната како етологија, којашто има за цел да го набљудува однесувањето на живите организми. Па затоа, во оваа статија ќе се обидеме да разгледаме неколку аспекти поврзани со обете: музиката и етологијата.

Организмите користат сигнали и знаци како комуникациски акт којшто вклучува видливи и физиолошки промени кои потенцијално прават промена во однесувањето на набљудувачот. Да замислиме дека чекориме низ шума и одненадеж здогледуваме релативно големо (поголемо од нас) крзнено кафено животно на две нозе со широко отворена уста од којашто надзираат остри заби. Од само неколкуте набројани атрибути веројатно веќе сфативте дека станува збор за мечка. Во моментот кога ја здогледуваме и слушаме, во свеста се формира претстава за што станува збор и со што всушност се соочуваме. Се чини дека она што најпрвин забележуваме кај набљудуваниот субјект е физичката големина. Впрочем, големината на набљудуваниот субјект може значително да ги менува перцепцијата и однесувањето кај набљудувачите [1]. Генерално, појавата на големо животно сигнализира опасност – како во примерот со мечката. Од друга страна пак, појавата на мало животинче (на пр. зајче) може да предизвика обратна реакција – чувство на симпатија и емпатија.

Веројатно истата генерализација можеме да ја направиме и со звуците. Ниските, гласни и ненадејни звуци сигнализираат доминација, додека високите и тивки звуци сигнализираат пријателство [2]. Истиот механизам суштествува и во човековите вокализации [3]. Кај луѓето, степенот на полов диморфизам во регистарските особености на вокализациите помеѓу мажите и жените е најизразен од сите други карактеристики. Доказите од домородното население Цимане, сугерираат дека вокализациите со ниска фреквенција еволуирале, пред сè, за заплашување на конкурентите, а дури потоа можеби добиле секундарна функција за привлекување на партнери [4]. Ваквиот звучен симболизам е евидентен и во музиката. Кога една мелодија ќе се транспонира во најразлични регистри (висини), луѓето ја перципираат на начин којшто се поврзува со социјалната доминација и хиерархија [5]. Високите мелодии ни звучат пријатно, милозвучно и помалку застрашувачки од ниските мелодии (Слика 1).

Слика 1. Фацијалната експресија во моментите кога пееме ниски (лево) и високи тонови (десно). Без да бидат запознаени со целта на експериментот и без да знаат дека субјектот на фотографијата пее, испитаниците оцениле дека изразот на лицето во левата слика сигнализира заплашување и агресија, а во десната усмирување и пријателство Huron, D., Dahl, S., & Johnson, R. (2009).
Слика 1. Фацијалната експресија во моментите кога пееме ниски (лево) и високи тонови (десно). Без да бидат запознаени со целта на експериментот и без да знаат дека субјектот на фотографијата пее, испитаниците оцениле дека изразот на лицето во левата слика сигнализира заплашување и агресија, а во десната усмирување и пријателство [6].

Ваквиот исказ е фино илустриран во оперите каде што негативните улоги обично се изведувани од ниски гласови како бас и баритон, а хероите од тенори (Слика 2, [7]). Исто така, самите изведувачи прават карактеристични изрази на лицата како резултат на силното емотивно доживување за време на изведбата. Во моментите кога изведуваат високи ноти, нивните веѓи имаат тенденција да се издигаат кон челото, а за време на изведување на ниски ноти опаѓаат и се составуваат [8]. Дури и кога не го користиме гласот, при изведувањето на некој инструмент, на пример пијано, несвесно ги подигаме веѓите кога свириме во високи регистри, а ги спуштаме кога свириме во ниски регистри [9]. Ваквите појави во музиката се конзистентни со етолошките принципи и мултимодалните сигнализирања во животинското царство.

Слика 2. Распределба на оперските улоги (херои и негативци) кај 65 машки вокали Shanahan, D., & Huron, D. (2014).
Слика 2. Распределба на оперските улоги (херои и негативци) кај 65 машки вокали [7].

Заклучокот е дека звукот значајно влијае на однесувањето, следствено, музиката има особена потенција да предизвика длабоки емотивни реакции кај луѓето. Поради ваквите ефекти, музиката денес наоѓа широка примена, почнувајќи од популарната култура, филмската индустрија, маркетингот, па дури и во медицинската терапија. Во некои од наредните написи дополнително ќе разгледаме повеќе модели кои различно ѝ пристапуваат на оваа проблематика.


  1. Cooper, W. E., & Stankowich, T. (2010). Prey or predator? Body size of an approaching animal affects decisions to attack or escape. Behavioral Ecology, 21(6), 1278–1284. https://doi.org/10.1093/beheco/arq142  ↩
  2. Morton, E. S. (1977). On the occurrence and significance of motivation-structural rules in some bird and mammal sounds. The American Naturalist, 111, 855–869. https://doi.org/10.1086/283219  ↩
  3. Greenberg, J. H., Ferguson, C. A., & Moravcsik, E. A. (1978). Universals of human language: Phonology. Stanford: Stanford University Press.  ↩
  4. Rosenfield, K. A., Sorokowska, A., Sorokowski, P., & Puts, D. A. (in press). Sexual selection for low male voice pitch among Amazonian forager-horticulturists. Evolution and Human Behavior. https://doi.org/10.1016/j.evolhumbehav.2019.07.002  ↩
  5. Huron, D., Kinney, D., & Precoda, K. (2006). Influence of pitch height on the perception of submissiveness and threat in musical passages. Empirical Musicology Review, 1, 170–177. https://doi.org/10.18061/1811/24068  ↩
  6. Huron, D., Dahl, S., & Johnson, R. (2009). Facial expression and vocal pitch height: Evidence of an intermodal association. Empirical Musicology Review, 4(3), 93–100. https://doi.org/10.18061/1811/44530  ↩
  7. Shanahan, D., & Huron, D. (2014). Heroes and villains: The relationship between pitch tessitura and sociability of operatic characters. Empirical Musicology Review, 9, 141. https://doi.org/10.18061/emr.v9i2.4441  ↩
  8. Huron, D., & Shanahan, D. (2013). Eyebrow movements and vocal pitch height: Evidence consistent with an ethological signal. The Journal of the Acoustical Society of America, 133(5), 2947–2952. https://doi.org/10.1121/1.4798801  ↩
  9. Bonfiglioli, L., Caterina, R., Incasa, I., & Baroni, M. (2006). Facial expression and piano performance (pp. 1355–1360). Presented at the 9th International Conference on Music Perception and Cognition. Retrieved from http://citeseerx.ist.psu.edu/viewdoc/download?doi=10.1.1.612.7&rep=rep1&type=pdf  ↩

Слични статии

Претходен написи
Во Мексико луѓето ловеле мамути пред 14,000 години
Следен напис
ВИ алгоритам може да ги научи законите на квантната механика

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите