Текот на спомените: Аткинсон-Шифрин модел на меморијата

Сребрен џип од марката Volkswagen Touareg брзо ги минува километрите на автопатот кај местото Нова Градишка во Република Хрватска рано утрото на 16 октомври, 2007 година. На совозачкото место седи Тоше Проески, македонскиот пејач со волшебен глас, зад него, неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и возачот Ѓорѓе Георгиевски — негов пријател. Тивко е во возилото додека Тоше сè уште спие и го сонува својот утрински сон. Повеќе никогаш нема да се разбуди од него.

Многумина од нас јасно се сеќаваат што правеле и со кого биле во моментот кога пристигна веста за смртта на познатиот пејач. Како е возможно нашиот мозок сè уште да ги поседува овие информации и по повеќе од седум години од немилиот настан? Или како воопшто и се сеќаваме на Тоше и неговите песни?

Сите организми кои активно се движат и се во интеракција со опкружувањето, развиле едноставни или покомплицирани нервни системи кои имаат способност да зачувуваат траги од интеракцијата со средината. Трагите можат да произлезат од визуелни, звучни, мирисливи и останати стимулации, и врз база на нив, мозокот добива и складира информации за средината. Во општиот говор ги нарекуваме спомени или психолошки попрецизно – мемории. Способноста за меморирање е еден од основните елементи на биолошката интелигенција и без неа не би постоела ниту способност за учење, а и ниту концептот за “време” воопшто.

Слика 1. Аткинсон-Шифрин модел на меморијата (1971) кој предлага три оперативни фази и мемориски складишта.

Од повеќето обиди да се концептуализира меморијата кај луѓето, моделот на Аткинсон и Шифрин [1] најдобро ги објаснува разните експерименталните резултати во когнитивните науки. Како што може да се забележи на Слика 1, авторите предлагаат три мемориски компоненти меѓу кои има активна оперативна размена. Целиот модел е замислен како проток на информации од една компонента во друга.

Слика 2. Губење на информации низ текот на времето. Доколку нема активно одржување, во секоја фаза од моделот на Аткинс и Шифрин се губат мемориски информации со текот на времето.

Првата компонента се нарекува сетилен склад или сетилни регистри каде за многу краток период се задржуваат сировите информации кои во голем број надоаѓаат од сетилата. На пример, ако некој набљудува колекција од 12 букви за само 50 милисекунди и потоа е замолен да запише колку од нив видел, одговорот ќе зависи од времето кое поминало меѓу исчезнувањето на буквите од екранот и почетокот на одговарањето (Слика 2а [2]). Сетилната меморија драстично опаѓа во рок од само една секунда и се стабилизира на четири букви. Средната компонента краткотрајна (работна) меморија е исто така ограничена во капацитет и времетраење и доколку активно не се обновува, информациите во неа се губат за околу 20–30 секунди (Слика 2б [3]). На пример, ова е делот од меморија кој ни овозможува за кратко време да одржуваме телефонски број преку активно повторување на цифрите на глас или во себе, се додека не го запишеме. Откако таа информација е употребена, се брише и се заменува со нови информации. Ова компонента го претставува активниот и работен дел од меморијата и многумина сметаат дека тоа е прозорецот во кој ја доживуваме свеста. Таа е двонасочно поврзана и презема информации од третата компонента наречена долготрајна меморија. Теоретски таа е неограничена и информациите во неа се задржуваат долго време, но за да се постигне тоа, потребен е голем напор и повторување. Кога учиме за испрашување или испит, ние всушност се трудиме да формираме и складираме долготрајни мемории. За жал, и овој вид меморија има потреба од одржување, затоа што наученото и тука опаѓа без подолг период на повторување, како што може да се види во Слика 2в [4]. Долготрајната меморија е достапна само преку активните процеси во краткотрајната.

Како генерален заклучок, од графиконите на Слика 2, може да се забележи дека голем дел од информациите кои надоаѓаат врз нашите сетила се губат со времето. Компонентите предложени во моделот на Аткинс и Шифрин го остваруваат својот потенцијал преку заедничка интеграција на останатите перцептивни и когнитивни системи (на пр. внимание, емоции, свест, јазик, итн.) и напорното повторување и складирање на информациите.

На крајот, како се сеќаваме на Тоше и неговите песни? Одговорот е далеку покомплициран отколку што би нè навел да помислиме описот погоре. Но накратко и општо, многукратното гледање и слушање на неговите изведби, ги формира мемориите преку повторување на информациите кои доаѓаат од сетилниот склад во краткотрајната меморија. Потоа тие информации се складираат во долготрајната меморија (слики од Тоше, мелодиите на неговите песни) и се уцврстуваат преку повремено повторување на истите. Тоа ни овозможува долго да се сеќаваме на него.


Поважни термини:

Мемории – Зачувани информации во мозокот стекнати преку интеракција со средината и врз кои оперираат најразлични когнитивни процеси.

Сетилна меморија – Меморија која има голем капацитет и која содржи сирови сетилни информации, но со многу мало краткотраење (до 1 секунда).

Краткотрајна (работна) меморија – Меморија која трае 20–30 секунди, т.е. има мал капацитет. Во неа активно се процесираат и комбинираат информациите снабдени од сетилните регистри и долготрајната меморија.

Долготрајна меморија – Меморија со неограничен теоретски капацитет и која долго трае, но за која е потребен голем напор и практикување за да се формираат и складираат мемориите во неа. Тука спаѓаат информациите кои ги знаеме и после долги години живот.


  1. Atkinson, R. C., & Shiffrin, R. M. (1971). The control of short-term memory. Scientific American, 225(2), 82–90.  ↩
  2. Sperling, G. (1960). The information available in brief visual presentations. Psychological Monographs: General and Applied, 74(11), 1–29. doi:10.1037/h0093759  ↩
  3. Peterson, L., & Peterson, M. J. (1959). Short-term retention of individual verbal items. Journal of Experimental Psychology, 58(3), 193–198. doi:10.1037/h0049234  ↩
  4. Conway, M. A., Cohen, G., & Stanhope, N. (1991). On the very long-term retention of knowledge acquired through formal education: Twelve years of cognitive psychology. Journal of Experimental Psychology: General, 120(4), 395–409. doi:10.1037/0096–3445.120.4.395  ↩

Слични статии

Претходен написи
Машини со супермоќи: поглед во внатрешноста на човечкото тело
Следен напис
Био-компатибилни материјали: постоење во хармонија со телото

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите