Во најновите трендови во медицината и хируршките зафати и техники коишто се користат, сè повеќе се слуша изразот “био-компатибилно“… но што всушност значи ова?
Човечкиот организам не е непобедлив и неранлив. Поради неверојатната комлексност во функции и градба на секој орган, некогаш човечкиот организам има потреба од помош од работи создадени и дизајнирани од самиот човек. Во случаи кога некој дел од телото почнува да има проблеми со нормална функција или поддршка, на пр: скршена коска, блокирана артерија, изгубен заб, загуба на ткиво и слично, медицината користи различни медицински импланти (Слика 1). Овие импланти имаат за цел да заменат одредена биолошка компонента, да дадат поддршка на одреден дел или да зајакнат одреден орган. Дизајнирани од луѓето за луѓето, најважна улога има одбирањето на вистинскиот материјал, материјал којшто мора да е био-компатибилен.
За прв пат терминот био-компатибилност во научните истражувања се споменува во 1970-тите години, но му требале две декади да почне регуларно да се користи и проширува во научните кругови.
Био-компатибилноста може да се дефинира како својство на еден материјал којшто би сакале да биде дел од нас доколку има потреба. Материјалот не треба да предизвикува негативни токсиколошки или имунолошки ефекти над организмот. Никој не би сакал да добие имплант кој би предизвикал инфекција или отфрлање од организмот, а доколку се случи ова, значи и повторна операција или медицински зафат. Имплантите мора да ја постигнат саканата медицинска функција без негативни ефекти на системско или клеточно ниво, односно хармонија помеѓу материјалот и телото мора да постои.

Материјалите коишто можат да се од природно или синтетичко потекло и ги имаат потребните карактеристики да ги задоволат нормите за био-компатибилност се нарекуваат био-компатибилни материјали. Со брзиот развој на медицината и овие материјали сè повеќе се истражуваат и користат во дизајнот на различни медицински импланти.
Едни од најраспростенатите импланти се металните имланти. Тие се направени од не’рѓосувачки челик и титаниум. Титаниум е нај био-компатибилниот метал поради отпорот на негативни ефекти предизвикани од различни телесни течности, добрата издржливост и ниската густина што го прави доста лесен. Вештачки колкови или пак забни импланти кои служат да заменат цел заб се изработени токму од титаниум (Слика 1). Штом имплантирани непосредно до коски, коскеното ткиво природно се прилепува за горниот слој на титаниум диоксидот кој се наоѓа на имплантот и допринесува за негова полесна интерграција во телото.
Различни синтетички полимери како што се силикон, полиетилен или полиуретан се исто така користени за различни медицински импланти. Всушност меките леќи коишто многу од нас ги носат за корекција на очни проблеми се направени од силиконски хидрогел којшто нуди удобност и мекост за пациентот, а има и добра пропустливост на кислород кој го снабдува окото.
Многу човечки животи се спасени со имплантирање на кардиоваскуларни стентови кои имаат функција да ја држат нормално отворена артеријата за овозможување на нормален проток на крвта. Овие направи се во облик на цилиндри и се мрежасти, и не смеат да допринесат кон срастување на ткиво во нив, со што би се затворила артеријата. Можат да се направени од метали, од кобалт легури или од керамика, друга био-компатибилна класа на материјали. Керамиките како алуминиум оксид, циркониа или калциум фосфат се користат и за различни импланти во ортопедијата.

Полето на био-компатибилни материјали е ново и нови комбинации на материјали се тестираат за медицинска употреба секојдневно. Едно од најглавните прашања е како клетките реагираат штом материјалот е имплантиран и што станува со материјалот при подолга употреба во телото (Слика 2)… Ова се теми на некои од наредните написи. Stay tuned!