Хемиски науки

Не толку спорни имиња?

Хемиската номенклатура може да биде и забавна. Тоа се случува кога се користат тривијални имиња за одредени хемиски соединенија. Во овој текст ќе Ви презентирам некои не толку познати тривијални имиња на материјали кои би можеле да се поврзат со географскиот термин Македонија. Се разбира, ниту едно од овие имиња не е спорно во современата наука.

“Магично македонско масло”

На мое сознание, првиот патент кој ја содржи придавката македонски e од втората половина на 19тиот век (Слика 1). Докторот Серено Врајт Инграхам од Охајо, САД, во 1969 година патентирал смеса на масла под името „Магичното Македонско Масло“ (анг. The Magic Macedonian Oil) која, според него, ималa лековити дејства [1]. Маслото можело да се користи орално, но и дермално.

Слика 1. А) “Магичното Македонско Масло” во патентот US 86404 A; Б) Составот на смесата.

Магичните дејства на маслото биле објавени во весници [2]. Било укажано дека маслото може да се користи од скршеници до различни видови на воспаленија. Некои од весниците дури нуделе и по 1000 долари за оној кој ќе понудел полековито масло.
Најверојатно придавката македонско на ова масло било инспирирано од името на општината Македонија (анг. Macedonia) во Охајо. Начинот на кое маслото е презентирано пред американската јавност со ветувања за наводните лековити дејства, потсеќа на многу презентации за современи продукти кои ветуваат здравствени бенефиции.

Мацедоникова киселина и мацедонозоиди

Во 1963 година, советскиот научник Киријалов изолирал сапонини (соединенија од јаглехидрат и тритерпеноид) од растението Glycherrhiza macedonica (Boiss and Orph.) или македонски сладунец [3]. Со закиселување, овие сапонини се распаѓаат при на јаглехидратен остаток и на таканаречена мацедоникова киселина: C30H46O4 (Слика 2).

Слика 2. А) Скелетот на мацедониковата киселина; Б) 3D приказ со топчиња и стапчиња на мацедониковата киселина

Хемиските својства и биоактивноста на мацедониковата киселина биле проучени детално во наредните декади [4]. Како најинтересни за понатамошни истражувања остануваат сапонините изолирани од неколку видови на сладунец, именувани како македонозоиди (анг. macedonosides). Македонозоидот Ц кој се јавува како доминантен сапонин кај неколку видови на сладунец има слична хемиска структура со молекулата на глицеризин која има својство на засладувач и широка употреба во прехрамбената индустрија.

За повеќе информации проследете ги видеата:

Македонит

Минералот оловен титанат (PbTiO3) е за прв пат објавен од југословенските научници Душан Радусиновиќ и Цветан Марков во 1971 година и именуван како Македонит (Слика 3) [5]. Македонитот е пронајден во близина на селото Алинци, Прилепско и истиот има црно-кафеава боја и стаклеста сјајност. Македонитот е еден од ретките минерали кој има таканаречени пиезоелектронски својства, што значи дека кога истиот е подложен на електрични промени ги менува димензиите и обратно.

Слика 3. А) Македонит во маса на шеферит – фиалофан (фотографијата е превземена од www.oldprilep.com ); Б) Кристална структура на Македонитот претставена со црвени полихедри од {TiO6} и портокалеви сфери од Pb2+.

Хемоглобин — Струмица

Хемоглобинскиот комплекс кој е од големо значење за преносот на кислород и јаглероден диоксид во крвта е составен од помали протеини наречени глобулини. Мутации на глобулините се возможни, и една таква мутација на алфа глобулинот формално се добива кога аминокиселината хистидин од 112 позиција се заменува со аргинин (Слика 4). Оваа мутација за прв пат е забележана кај семејство во Струмица и објавена од страна на Проф. Ефремов и соработници во 1975 година [6]. Се верува дека ваквите минимални хематолошки промени најверојатно не се поврзани со посериозни генетски заболувања.

Слика 4. Молекуларната мутација присутна во Хемоглобинот Струмица во контекст на скевенцата на α-глобулинот.

Кополимер “Сонце од Вергина (Куклеш)”

Пред скоро две децении група на грчки хемичари предводена од Никос Хаџикристидис во Атина синтетизирале кополимер на стирен и изопрен од типот на А8B8 (Слика 5) [7]. За успешна синтеза на овој кополимер, е изработен „молекуларен калап“ од органосилициумово соединение кој има шестнаесет молекуларни групи кои можат да се поврзат со полимери. Во однос на должината на гранките може да се селектира кој полимер ќе биде фунционализиран.

Слика 5. А) Скица од коплимерот Вергинова ѕвезда; Б) Научното списание „Journal of Polymer Science“ каде што е прикажан овој кополимер во контекст на античкото сонце од месноста Вергина (Куклеш).

Според авторите, ваквиот кополимер потсеќал на шестнаесеткракото сонце од Вергина (Куклеш) кое во тој период било жешка тема во Македонско-Грчките политички односи.

Заклучок

Географските термини поврзани со Македонија, досега имаат инспирирано домашни и странски научници да именуваат одредени соединенија, смеси и молекуларни мутации под ова име. Се надеваме дека ваквите примери ќе продолжат и во блиска иднина.


  1. Ingraham, S. W. (1869). U.S. Patent No. 86,404 A. Washington, DC: U.S. Patent and Trademark Office.  ↩
  2. a) Macedonian oil. (1869, March 29). [Advertisement for Macedonian oil]. Reading Eagle, p. 4;

    b) Macedonian oil. (1868, November 16). [Advertisement for Macedonian oil]. Reading Times, p. 2. 11

    c) Macedonian oil. (1868, December 28). [Advertisement for Macedonian oil]. The Titusville Herald, p. 2.  ↩

  3. Kir’yalov, N., &Naugol’naya, T. (1963). A new triterpene acid (macedonic acid) from Glycyrrhizamacedonica. Zh. Obshch. Khim., 33, 697–700.  ↩
  4. Kondinski, A. (2013, June). Среќен роденден македонска киселино C30H46O4! Емитер, p. 74–75.  ↩
  5. Radusinovic, D., & Markov, C. (1971). Macedonite, lead titanate: New mineral. American Mineralogist, 56(3–4), 387–394.  ↩
  6. Niazi, G., Efremov, G., Nikolov, N., Hunter, E., &Huisman, T. (1975). Hemoglobin-Strumica or alpha 2 112(G19) His replaced by Arg beta 2. (With an addendum: Hemoglobin-J-Paris-I, alpha 2 12(A10) Ala replaced by Asp beta 2, in the same population). BiochimBiophysActa., 412(1), 181–186.  ↩
  7. a) Avgeropoulos, A., Poulos, Y., Hadjichristidis, N., &Roovers, J. (1996). Synthesis of Model 16-Miktoarm (Vergina) Star Copolymers of the ABType. Macromolecules, 29, 6076–6078.

    b) Hadjichristidis, N. (1999). Synthesis of miktoarm star (μ-star) polymers. Journal of Polymer Science Part A: Polymer Chemistry, 37(7), 857–871.  ↩

Слични статии

Претходен написи
Био-компатибилни материјали: постоење во хармонија со телото
Следен напис
Наномагнети – алтернатива за почиста вода

2 Коментари. Напиши коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Не пропуштајте

Категории

Мени

Споделете со пријателите