Во светот на „бајките“: eвтини возбудувања

Во последната декада, се поголем број на нови психоактивни сусптанци (НПС) го преплавуваат светскиот пазар на дроги. Иако дефинирани како синтетски супстанци и нивни мешавини кои ги симулираат ефектите на илегалните дроги како кокаин, амфетамин и канабис, НПС имаат екстензивно поголем потенцијал од нивните илегални аналози, што, заедно со неможноста да бидат детектирани во биолошки примероци (крв, урина, фецес, плунка) со употреба на стандардните тестови за илегални дроги, ги прави особено атрактивни кај младата популација.

Во споредба со „традиционалните“ илегални дроги, НПС имаат непознат фармаколошки и токсиколошки профил; посериозни долготрајни и краткотрајни ефекти кои доведуваат до бројни хоспитализации, интоксикации и летални исходи. Приказната со НПС започнува во 1929 година со синтетизирање на мефедрон, синтетски катинон структурно сличен на амфетамин, со ефекти идентични на ефектите на кокаинот, амфетамините и екстазите (MDMA), но првите регистрирани случаи за неговата злоупотреба се појавуваат дури 80 години подоцна [1]. Вистинскиот подем НПС го доживуваат со започнување на ерата на сајбер културата, а Интернетот служи како идеална платформа за промовирање и маркетинг на НПС, што ги воздигнува во глобален феномен. Прикриени зад бројни имиња како „супстанци за истражувачки цели“, „растително ѓубриво“ и „соли за капење“, НПС се продаваат на многубројни веб страници. Искуствата од употребата на НПС јавно се споделуваат на бројни Youtube канали, социјални мрежи и мобилни апликации, како што се Eaze, Nugg, Meadow, Weedmaps и High There [2].

Денес, бојот на НПС продолжува да расте експоненцијално со нивната побарувачка. Според Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC), нивниот број во 2015 година бил 643, од кои најголем дел се синтетските канабиноиди, додека во 2018 пораснал на 892 супстанци, од кои 75 биле за првпат идентификувани во 2018 година. До 2018 година, една или повеќе НПС биле запленети во вкупно 119 земји во светот. Јапонија е државата во која се идентификувани најголем број НПС, следена од Финска, Германија, Унгарија, Русија, Шведска, Турција и Велика Британија (Слика 1) [3].

Глобална распространетост на нови психоактивни супстанции, заклучно со декември 2018.
Слика 1. Глобална распространетост на нови психоактивни супстанции, заклучно со декември 2018. (модифицирана слика, ИЗВОР: World Drug Report 2019 [3])

НПС се доста разновидни по форма, структура, физичко-хемиски карактеристики и ефекти (Слика 2). Стимулантите имитираат ефекти на кокаин, амфетамин, метамфетамин и екстази, иницирајќи зголемено излачување на т.н. „хормони на среќата“ – допамин, серотонин и норепинефрин. Седативите/хипнотиците ги имитираат ефектите на бензодиазепините – диазепам, алпразолам (Helex, Xanax), предизвикувајќи смирување и хипноза, додека синтетските опоиоиди (пр. фентанил) предизвикуваат силна аналгезија, слично на морфиумот. Синтетските канабиноиди ги имитираат дејствата на тетрахидроканабинол (ТХЦ), единствената психоактивна супстанца во канабисот. Психоделичните дроги предизвикуваат халуцинации преку имитирање на ефектите на ЛСД. Дисоцијативните дроги предизивикуваат чувства на одвојување и дисоцијација од себе и околината, имитирајќи ги ефектите на кетамин, генерален анестетик и фенциклидин („ангелски прав“). Мал дел (6%) се сè уште некласифицирани НПС, бидејќи предизивикуваат досега непознати психолошки ефекти.

Класификација на нови психоактивни супстанци според психоактивниот ефект. Прикажаните податоци се однесуваат на нови психоактивни супстанци идентификувани до декември 2018 година.
Слика 2. Класификација на нови психоактивни супстанци според психоактивниот ефект. Прикажаните податоци се однесуваат на нови психоактивни супстанци идентификувани до декември 2018 година. (ИЗВОР: World Drug Report 2019 [3])

Како да се стигне до „клучот на среќата“?

Најлесниот начин да се дојде до НПС е онлајн продажбата. Купувањето е доста едноставно: користите веб прелистувачи како TOR кој не ја открива вашата IP адреса, наоѓате кристалче на еден од deep web криптомаркетите или surface web страни, плаќате со криптовалути [2] и на тој начин анонимно и комплетно легално се здобивате со мало кристалче со непознат состав кое ќе ве лансира во светот чија граница е онаа меѓу животот и смртта. Алтернативно, НПС се подготвуваат во домашни услови, следејќи процедури споделени на социјалните мрежи. Добро познатата дрога крокодил („зомби дрога“) е пример за домашно „зготвена“ НПС. Главната супстанца во оваа мешавина е всушност десоморфин, семи-синтетски опиоид развиен уште во 1932 година од страна на фармацевтска компанија Roché, a до 1981 година се користел во Швајцарија и Русија за третман на силна болка. Уличната продажба на НПС е најопасна и често концентрирана на културно-забавни настани, особено на денс фестивали.

Нови деца на подиумот

И покрај екстензивните напори, тајните хемичари произведуваат НПС со брзина на која регулаторните тела не можат да одговорат. Иако НПС се вклучени во национални (Австралија, Белгија, Канада, Чиле, Колумбија, Италија), регионални (Европскиот центар за мониторинг на дроги и зависност од дроги – EMCDDA и глобални мониторинг програми (UNODC), легалната контрола на овие супстанци ги поттикнува „готвачите“ да синтетизираат нови НПС, создавајќи магичен круг кој претставува сериозна закана за јавното здравје.

Сепак, научниците успеваат да бидат чекор пред тајните „готвачи“ и уличните дилери со развојот на иновативни методи, наречени методи на нецелна анализа (non-targeted analysis), способни да идентификуваат сè што се наоѓа во одреден примерок, вклучително стотици НПС и нивните метаболити. Идентификацијата од запленет материјал и биолошки примероци од хоспитализирани пациенти поради предозирање или при обдукција (post-mortem анализа) е отежната поради неанонимноста, а испитувања на биолошки примероци од пациенти дополнително бара согласност од членовите на семејството. Со цел да се постигне анонимност и да се избегнат етичките ограничувања, научниците ги користат музичките денс фестивали и ноќните клубови како извор на примероци за идентификација на нови НПС.

Во едноставни интервјуа, посетителите на денс клубови и фестивалите признаваат употреба на НПС. За пример, 35,1% од испитаниците, посетители на денс фестивали во Њу Јорк и 39,8% од посетителите на два фестивали на електронска музика во Колорадо во 2014 и 2015 година потврдиле употреба на НПС [4]. Иако со цел заштита на јавното здравје, најголемите музички фестивали во светот ја спроведуваат политиката на „нулта толеранција“, преку поставување на корпи за амнестија (amnesty bins) на влезовите од фестивалите, кои се последна шанса на посетителите да ги остават своите „магични“ супстанци. И покрај тоа, десетици студии кои потврдуваат присуство на стотици НПС во примероци од комбинирана урина од писоари и монтажни тоалети (pooled urine analysis, PUA) и отпадни води од најпознатите денс фестивали во Велика Британија, Норвешка, Белгија и Данска [4]. За приказ, нецелна анализа на урина од писоари поставени до главните сцени на Tomorrowland 2015, идентификувани се 34 различни дроги, од кои 25 НПС [5]. НПС се присутни и во плунката, па така кај 47 возачи кои посетиле два денс фестивали во Франција во 2017 година (Art-Scenyk и Garorock) се идентификувани 11 различни НПС [6].

За крај, погледенете ја кратката репортажа на Euro News во врска со идентификацијата на НПС:

И не заборавајте… „невидливата“ опасност ве демне и во светот на „бајките“!

ПРАВА за насловна фотографија: TOMORROWLAND


  1. Hagan, A. O., & Smith C., (2017). A New Beginning: An Overview of New Psychoactive Substances. Foresic Research & Criminology International Journal, 5(3). https://doi.org/10.15406/frcij.2017.05.00159  ↩
  2. Miliano, C., Margiani, G., Fattore, L., & Luca, M. D. (2018). Sales and Advertising Channels of New Psychoactive Substances (NPS): Internet, Social Networks, and Smartphone Apps. Brain Sciences, 8(7), 123. https://doi.org/10.3390/brainsci8070123  ↩
  3. World Drug Report 2019 (United Nations publication, Sales No. E.19.XI.8).  ↩
  4. Bijlsma, L., Celma, A., López, F., & Hernández, F. (2019). Monitoring new psychoactive substances use through wastewater analysis: current situation, challenges and limitations. Current Opinion in Environmental Science & Health, 9, 1–12. https://doi.org/10.1016/j.coesh.2019.03.002  ↩
  5. Kinyua, J., Negreira, N., Miserez, B., Causanilles, A., Emke, E., Gremeaux, L., … Nuijs, A. L. V. (2016). Qualitative screening of new psychoactive substances in pooled urine samples from Belgium and United Kingdom. Science of The Total Environment, 573, 1527–1535. https://doi.org/10.1016/j.scitotenv.2016.08.124  ↩
  6. Richeval, C., Dumestre-Toulet, V., Wiart, J.-F., Vanhoye, X., Humbert, L., Nachon-Phanithavong, M., … Gaulier, J.-M. (2019). New psychoactive substances in oral fluid of drivers around a music festival in south-west France in 2017. Forensic Science International, 297, 265–269. https://doi.org/10.1016/j.forsciint.2019.02.029  ↩
Претходен напис
Критичко размислување во време на мас медиуми и социјални мрежи: разговор со Билјана Мојсоска [#13]
Следен напис
Најсмртоносната болест на светот, уништува над 500 видови жаби

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени
Споделете со пријателите