Замислете дека се наоѓате во концертна сала и оркестарот го свири познатиот концерт за виолина на Вивалди — „Четири годишни времиња“. „Пролетта“ завршила пред точно два става, а штотуку започнува феноменалното и брзо престо — последниот музички став од „летото“. Удобно се сместувате во седиштето и со уживање ја слушате виртуозната изведба на водечката виолина.
Наеднаш, нечиј мобилен телефон наметливо заѕвонува и прекрасната мелодија од подиумот ја пробива пискавиот и монотон звук на ѕвонењето. Се вртите налутено, телефонот сè уште ѕвони, но не можете да го пронајдете виновникот. Полупоразени и налутени, се обидувате да продолжите со слушањето на концертот, но звукот од телефонот, иако далеку послаб од звукот на виолините, го одзема вниманието.
Проблемот на интерференција или мешање на нерелевантните димензии на стимулите во димензиите кои се релевантни го интригирал американскиот психолог John Ridley Stroop. Во примерот погоре, нерелевантниот звук од мобилниот телефон се меша со звукот од мелодијата на концертот и ја попречува перцепцијата на истата. Во 1935 год. Stroop работел на неколку експерименти во кои барал од учесниците да именуваат бои и гласно да прочитаат зборови за бои (на пр. црвена, сина, зелена, итн.) [1].
Пред премногу да открие овој текст, да направиме мал експеримент. На Слика 1 прикажани се четири колони кои содржат листи на зборови или правоаголници во различна боја. Вашата задача е НА ГЛАС да ја именувате бојата со која се напишани зборовите без да обрнувате внимание на нивното значење. Истото важи и за правоаголниците. Почнете со именување на колона А од горе-надолу. Измерете го времето во секунди за секоја колона посебно.

Се надевам веднаш станува воочливо дека именувањето на бојата на зборовите во колона Б одзема повеќе време и бара поголем напор за разлика од останатите колони. Нерелевантната димензија на стимулот, во нашиот случај значењето на зборовите, го забавува именувањето на релевантната димензија, т.е. бојата со кои се напишани. Мешањето или интерферирањето на нерелевантната димензија во процесирањето на релевантната се нарекува Stroop ефект. Слика 2 го прикажува потребното време на читање за секоја колона посебно на авторот на овој текст. За разлика од А, колона Б во која зборот и бојата на буквите НЕ се совпаѓаат, именувањето на бојата на глас одзема дури 3.15 сек. повеќе отколку именувањето на колона А во која значењето и бојата се совпаѓаат. Stroop ефектот се намалува или го нема кога зборовите се прикажуваат во форма потешка за препознавање (колона В, превртени зборови) или кога се отсутни и само бојата се именува (колона Г).

Објаснувањето на Stroop ефектот во научната литература најчесто ротира околу поголемата асоцијација на пишаните зборови со вербалното именување, автоматичноста во читањето и проблемот на насочување и количество на внимание потребно една боја да се именува. Генерално е прифатено дека читањето е “превежбана” вештина за разлика од именувањето бои која креира асиметричен ефект, посебно кога семантичката (значење) и перцептуалната (боја) димензија на еден ист стимул не се совпаѓаат. Ефектот открива многу за фундаменталниот принцип на разрешување конфликтни информации од страна на когнитивните системи на мозокот. Со други зборови, кога два стимули не се согласуваат еден со друг, на мозокот му потребно повеќе време за процесирање и повеќе енергија за да се разреши конфликтот.
Stroop ефектот е многу стабилен и честопати е потврдуван во независни студии од страна на најразлични лабoратории низ светот. Тој е еден од најистражуваните ефекти во психологијата и неговата важност најдобро се согледува во фактот што бројот на публикувани трудови кои го содржат терминот “Stroop effect” во својот наслов од датабазата на Google Scholar изнесува дури 342 до овој момент (и ќе се зголемува во иднина). Токму поради тоа, ефектот служи како основа за најразлични невропсихолошки тестови со кои се дијагностицира когнитивниот капацитет на луѓе со одредени мозочни нарушувања преку мерење на нивната способност за селективно внимавање и брзината со која процесираат информации.
На крајот, ако сè уште се наоѓате во концертната сала во која се изведуваат “Четирите годишни времиња” од Вивалди, опуштете се и уживајте во концертот.
- Stroop, J. R. (1935). Studies of interference in serial verbal reactions. Journal of Experimental Psychology, 18, 643–662. ↩